Вегетаријанскиот канибализам на Европа

Овој наслов-парадокс на нашата денешна колумна, драг читателу, кој е истовремено и дијагностичен по однос на европската патологија денес, ми го сугерира текстот на Христо Ивановски во „Нова Македонија“ (9–10 ноември 2024), а по повод новата европска ситуација по изборот на Трамп за претседател на Америка. Тоа е реченицата: „Сега Макрон ја повика Европа да стане ’сештојад’, зашто била ’вегетаријанец’, а во светот владеат ’месојадци’“. А уште дополнителен импулс за оваа колумна ми даде и фотографијата на Мицкоски со новиот француски Маркиз де Сад, кој патем страда и од синдромот „Наполеон“, иако и во минијатурна форма. Фотографијата на нашиот премиер со него на ЕУ-собирот во Будимпешта од политички аспект по дефиниција е историска, без разлика на „жртвата“ и „жртвувачот“, кој ја жртвува неа на олтарот на новото европско божество во Брисел именувано како ЕУ, во кое се амалгамизирани до безидентитеност маската и лицето. И тоа е визура, гледна точка, сега од нашето македонско искуство со Европа од аспект на Доброто и Вистината како темелни антрополошки вредности, не само на една индивидуа туку и на еден колектив, народ, како и пошироко на една цивилизација што го носи моралниот и етичкиот товар на епохата.
Но да се вратиме на Макроновата најнова дефиниција на Европа како „вегетаријанец“, наместо да биде „сештојад“ во светот во кој владеат месојадци. Спротивно од духот на француското просветителство, на кое мисли веројатно тој, а на кое исто така му претходеше „месојадство“ на Бастилја. И ова е веќе аларм, драг читателу, за една патолошка хистерија, со која во самракот на дотрајаната цивилизација кукурига новиот галски петел со наполеонска кикиришка. А тој самрак што го предвиде како нејзино гаснење и Шпенглер во неговата знаменита книга „Пропаста на Западот“, според Макрон, сега да ти се должел на „вегетаријанството“ на Европа, која, таква, била премногу нежна и невина за да им се спротивстави, особено денес, на „месојадците“ во светот. Добра (хипо)теза, да, но „умниот“ Француз тука целосно заборава на европското колонијалистичко „месојадство“ или канибализам низ светот, почнувајќи од темпларите, крстоносците и конквистадорите, па натаму. А сето тоа покажува дека колонизаторска Европа во ниеден миг во историјата немала индуистички вегетаријански нарав, бидејќи на своите „епохални“ колонијалистички походи за ручек на својата цивилизациска трпеза изела цели народи, па и цивилизации, како што беа тоа Маите, Инките и Ацтеките во Јужна Америка. Европските колонизатори ги уништија тие мудри и со исклучителна култура цивилизации за да го опљачкаат нивното злато, од кое, покрај другото, добро се офајди и Католичката црква, кога благодарение на него блесна во полн сјај и европскиот барок, особено и во сакралната црковна уметност, која го промовираше тој нов стил на духовен израз.
Тоа се многу суптилни нешта на европскиот амбивалентен дух, откако пред тоа за нив се уништени до темел други култури и цивилизации. Да. Ни најмалку не претерувам, како што можеш да помислиш, драг читателу. Оти, на пример, да ги земеме во видно поле и некои од најголемите на европските колонијалистички нации музеи, како што се Лувр во Париз или Британскиот музеј во Лондон. Тие се до таванот преполни со артефакти од пљачканото белосветско благо. Полни се со црнечките маски и статуи од Африка и со златни маски, накит и други артефакти од пирамидите и гробниците на Стар Египет што ги влечеле на бродови Наполеон и Англичаните, а Белгијците со нивниот крвожеден крал Леополд ги пљачкале рудниците со дијаманти во Конго. Со нив, како симбол на Макроновото европско „вегетаријанство“ се кренати и палатите во Брисел во кои е сместена сега ЕУ. Јужна Америка главно ја ништеле и пљачкале шпанските и португалските конквистадори, а потоа им се придружиле и „вегетаријанските“ со канибалистички нагон Холанѓани, од кои надвор од нив го ставам Ван Гог. Итн. Европскиот колонијализам, кој исправно според принципот на Вистината се римува со поимот канибализам, со сите историски факти сега не може да се скрие под божем хуманистичката маска на новото лажно европско „просветителство“ со корпорациски печат врз челото на ЕУ, оти не можат да се скријат трагите на европските цивилизациски злосторства низ светот. Тие се и премногу очигледни за да се скријат, оти и денес некои африкански земји под присила им плаќаат голем колонијален данок на своите европски колонизатори на сета своја сиромаштија што им ја зголемиле тие.

Така стојат работите, драг читателу, ама и покрај нивната евидентност од аспект на Вистината, повторно Макрон се обидува, иако со крајно стеснета свест, да ја оправда Европа за нејзиното „месојадство“, префрлајќи ја во невино „вегетаријанство“, кое го практикува тревопасниот добиток, тој на кој според невиноста му беше дадено од Господ прв да го види раѓањето на Богомладенецот во пештерата на Витлеем. И тоа не е случајно. А што се однесува до Макроновите Европејци, ништо не ги пере и аминува од нивните злосторства низ светот. Ни замената на тезите дека колонизираните се „месојадци“, а колонизаторите „вегетаријанци“. Веројатно тоа е и идејата на Макрон. Да, ама сепак Европејците не се Индуси со индуистичка и будистичка религиозна душа за да бидат вегетаријанци. Не. Во Индија има и една радикална религиозна секта џаинисти, чиј приврзаник бил и Ганди, кој со мирни протести на љубов и неспротивставување на злото ги терал надвор од неговата земја Англосаксонците. Тие што неа материјално ја пљачкале ни помалку ни повеќе туку цели три столетија. Да. И кога сме веќе кон џаинистите, тие до бескрај го почитуваат животот на сѐ што создал космичкиот Творец, почнувајќи од нилскиот коњ и крокодилот, со кои Јахве го искушувал на страхопочит кон него најправедникот Јов, сѐ до шарената пеперуга и бубачката во ливадата. За западниот антивегетаријански, месојаден човек тоа звучи неверојатно, дури и шокантно кога ќе му се каже дека џаинистите кога излегуваат на работа во поле се врзуваат со шамија преку усните за евентуално случајно да не им влезе некоја мушичка во уста, оти и тоа го сметаат за грев како да убиле човек.
Така. И овие и сличните источни работи се несфатливи за западниот човек, драг читателу. Сосема се ретки тие како Ерих Фром, на пример, кои можат да ги сфатат нив. Но не и Макрон и целата ЕУ-политбирократија во Брисел. Тоа е суштинската разлика меѓу западната мефистофелска и источната божествена душа, меѓу европската прагма и азиската метафизика. А многу слични на нив се и Индијанците во Америка што ги испотепаа со пушки и хуманитарни ќебиња полни со смртоносни вируси Англосаксонците за да им ја земат земјата на која изградија една страшна „месојадна“ империја со демократска маска. Палестина денес сведочи за тоа. Тоа е тоа, драг читателу, па сега можеме конечно да кажеме дека е достоен за восхит сѐ уште актуелниот претседател на Светската фудбалска федерација, Џани Инфантино, кој на отворањето на Светското фудбалско првенство во Катар пред две години, иритиран од европскиот расизам и материјалистичка лакомост, рече дека Европа треба три илјади години да му се извинува на светот за злосторствата што ги направила во него.

Така стојат работите. Ама сега францускиот микронаполеон прави перверзна (поим што ѝ одговара на француската политичка душа) замена на тезите (веќе рековме), нешто што Фројд го дефинира како психопатологија со поимот проекција, односно со префрлање на сенката (Јунгов поим) или темната страна на својата душа на друг. Во случајот заменувајќи го европското канибалистичко „месојадство“ со невиното „вегетаријанство“. И тука, драг читателу, по аналогија воленс-ноленс се отвора темата за Вавилонската Блудница, така како што ја дефинираа дијагностички Европа Македонците пред столетие и кусур, Европа како архетип на Блудницата што ја среќаваме во Откровението на апостол Јован во Новиот завет. И таа блудница, оличена во сите елементи во Европа, сега преведувајќи ја од „месојадна“ во „вегетаријанска“ Макрон како ЕУ-егзорцист повторно ја преведува од блуд и разврат во невиност, недефлорирана како Ема Бовари на Флобер пред нејзините еротски излети.
Да. И сѐ е дотука јасно, драг читателу, но не ни е јасно кај ги бара францускиот микронаполеон Макрон „месојадците“ надвор од неговата „просветителска“ и „вегетаријанска“ Европа. Тука тој ни остава да нагаѓаме, а тоа не е тешко во контекст на старите, но и на поновите европски комплекси. Старите ги рефлектира европскиот психолошки комплекс „варвари од Исток“, добро залегнат во потсвеста на Европа во страв од варварство, бидејќи отсекогаш, не обраќајќи внимание на своето варварство, нарцисоидна и со ариевска психа, таа се гледала во лажното огледало исклучиво само како врвна и водечка култура на Земјината топка. Тоа е историски факт што го потврдува и нејзиниот, и денес, агресивен нагон за колонијализирање туѓи територии и народи за своја материјална корист. Веќе го подвлековме понапред тоа. Во комплексот „варвари од Исток“ е вклучена метафизичка Азија, изворот на мудроста и космичката хармонија далеку пред Европа, која и денес нив ги нема, а при што во тој огромен „варварски“ регион од Западот е вклучена како варварска и Русија, која почнувајќи од Петар Велики па до Достоевски копнеела за културна и духовна амалгамизација со европскиот континент.
А новиот, најновиот европски комплекс е сега многу поназапад од Европа, преку Атлантикот. Тоа е сега Америка како непознаница по изборот на Трамп за претседател, кој и не мисли нејзе да ѝ посвети поголемо внимание, бидејќи и досега таа е осведочен американски вазал без некој подефиниран цивилизациски идентитет. Оттука, во тој контекст, драг читателу, и се открива Макроновата шифра за евентуалните „месојадци“, кои ја подјадуваат сериозно и „невината“ како пубертетско девојче „вегетаријанска“ Европа. А таа шифра со јазикот на нашиот Цепенков е „ишкање на мувата од капата“. Тоа, оти волчјите канибалистички секачи на Европа, како што го чувствува тоа Макрон, сега се расклатени од парадентозата што ги јаде и не можат да касаат и да дават како некогаш во времето на темпларите, крстоносците и конквистадорите. Сега се здрави и без знаци на парадентоза волчјите секачи на Америка, кои како што се познати веќе работите, покрај изглоданите Ирак, Сирија, Авганистан итн., не ја штедат, иако посуптилно, ни Европа. Од таа гледна точка и хистеричниот аларм на Макрон за „месојадците“ наспроти „вегетаријанска“ Европа е сфатлив, а неговата шифра во манир на францускиот симболистички херметизам е одгатлива. „Долијала лија“, велат Србите, а во македонски превод: „долисичила лисицата“.
При крај сме, драг читателу, оти пак ја поминавме просторната линија. Само уште сме должни за кусо резиме на малку пошироко распосланата цивилизациска невралгична тема во нашата денешна колумна. „За кого бијат камбаните“ на Џон Дон не го сфаќа и слепа и глува Европа. Фактички Макроновата психопатолошка хистерија го бие ѕвоното на почетокот на евидентното распаѓање на ЕУ. Тоа се гледа веќе од авион, ама ние, драг читателу, како слепи и најслепи безалтернативци и евроаамериполтрони по секоја цена, по цена и на нашата смрт, не го гледаме тоа. Добро. Ќе остане во македонските историски архиви фотографијата на Мицкоски со галскиот петел во Будимпешта, ама ние совршено знаеме дека тој е македоноубиец (нека немаат само Бугарите „бугароубиец“ и тоа пак врз македонска кожа). Тој ладнокрвно, во позиција на џелат што ѝ говори на жртвата, му рече на нашиот премиер, гледајќи го како Бројгел од птичја перспектива наполеонски од врвот на Ајфеловата кула, дека Франција, со секогаш перверзна политика кон нас, ќе ја поддржи Македонија на пеколниот пат поплочен со бездни кон ЕУ, но откако првин ќе ги исполни нејзините преземени обврски со неговата „француска рамка“. Таа, драг читателу, која по преспанската гробница (2018) сега ни нуди уште една за целосно наша идентитетска ликвидација. За нас и за нашите предци и прапредци целосно мемориско упокојување, враќање на метафизичкото „бело“, во кое се избришани сега од „вегетаријанската“ Макронова Европа сите културно-цивилизациски и индивидуални македонски знаци на постоење, дури и оние од Господ дадени за цивилизациска ориентација црти на Црноризец Храбар. Апсолутно метафизичко Бело. Тотално бел лист хартија, како оној на Џон Лок, пред модерните откритија на генетиката, кој го испишува идентитетот на личноста единствено со социјалниот ракопис на општеството. Ама и тој сакат ракопис на битието денес ни е ускратен нам со „трите црти“ на домашната муртинска змија, која го имитира во дослух со сатаната Црноризец Xрабар на најкукавички начин. Оти додека цртите на Црноризец се полни со светлина и живот, цртите на муртинскиот македоноубиец се полни со темнина и смрт. Со македонска смрт приклучена на штекот на, како што се покажа веќе, смртоносната по македонскиот идентитет мртовечка струја на бриселска Европа. Тоа. А ние и покрај тоа, и покрај сѐ, сме глупави и до бескрај сѐ уште безалтернативни, драг читателу. Или сме, во стилот на шифрата на Макрон, наклеветена „месојадна“ срна, која треба да го задоволи „вегетаријанскиот“ месојаден нагон на Европа.