Неочекувано се покажа дека вакцината против вирусот варичела зостер, наменета за спречување исип, воспаление и болка во нервите, може да ги поштеди и постарите лица од Алцхајмерова болест
Во обид да им помогнат на луѓето што се борат со херпес зостер, американските научници веруваат дека пронашле начин да го намалат ризикот од деменција кај одреден број луѓе со помош на вакцина.
Не е првпат, додека бараат решение за здравствен проблем, научниците да откријат дека таков лек успешно лекува друга медицинска состојба. Се покажува дека постојната вакцина што спречува болни состојби кај херпес зостер, кој е предизвикан од вирусот варичела зостер, се чини дека го забавува стареењето на мозокот и штити од деменција.
Вакцинацијата против вирусот варичела зостер го намалува ризикот од развој на деменција во следните седум години за 20 проценти, е главниот заклучок на студијата објавена во списанието „Нејчр“. Како што објасни за АП водечкиот истражувач д-р Паскал Гелдсецер од универзитетот „Стенфорд“, студијата користела „природен експеримент“ што се одржал во Велс, каде што сите луѓе на возраст од околу 80 години ја примиле вакцината против вирусот варичела зостер од прва генерација. Беше септември 2013 година. Но неочекуваното ограничување на возраста што стапи во сила од 1 септември истата година, дека само лицата на возраст од 80 години или постари можеа да ја примат вакцината, помогна во решавањето на загатката. Споредбата на постари луѓе што штотуку го исполниле или го пропуштиле тој рок, како и оние што сè уште се „стискале“ да ја примат вакцината на 79-годишна возраст, ја имитирала контролната група во студијата. Тим од истражувачи анализирал повеќе од 280.000 медицински картони и пронашол докази дека оваа вакцинација нуди одредена заштита од деменција. Но, луѓето што ја примиле препорачаната вакцина, исто така, следеле и други препораки за заштита на мозокот – вежбале и се хранеле здраво, па затоа им било тешко на истражувачите да докажат дополнителна корист.
Во тоа време луѓето примале вакцина од прва генерација наречена „зоставакс“.
Еве објаснување за тоа како луѓето првично ја примиле вакцината против вирусот варичела зостер. Секој што некогаш прележал сипаници – речиси секој роден пред 1980 година – го носи вирусот до крајот на животот. Се крие во нервите и може да се појави кога имунолошкиот систем е ослабен од болест или возраст, предизвикувајќи болни рани слични на плускавци, обично на едната страна од телото, кои траат со недели – и тоа се нарекува херпес зостер.
Иако повеќето луѓе закрепнуваат, кај некои овој вид херпес предизвикува сериозни компликации. Ако вирусот го инфицира окото, може да предизвика губење на видот, а една петтина од засегнатите страдаат од силна болка во нервите со месеци дури и откако ќе исчезне исипот.
Одредени вируси што се „провлекуваат“ во нервниот систем – особено оние од групата на херпесвируси, вклучувајќи го и вирусот варичела зостер – долго време се сомневаат дека влијаат на деменцијата.
Минатото лето лекарите во болница во Бостон објавија дека епизодата на херпес зостер може да го зголеми ризикот од деменција за околу 20 проценти. Д-р Марија Нагел од Универзитетот во Колорадо, која ги проучува вирусите што го инфилтрираат нервниот систем, објаснува дека вирусот варичела зостер предизвикува воспаление, воспаление што влијае на различни органи, вклучувајќи го и мозокот. Инфекцијата може да влијае на крвните садови во мозокот, предизвикувајќи да се формираат згрутчувања и попречување на протокот на крв, што претставува ризик и за мозочен удар и за деменција. Нејзината лабораторија исто така докажа дека овој вирус може да го стимулира формирањето амилоиден протеин, што е еден од белезите на Алцхајмеровата болест.
Во Америка многу посовремената вакцина против вирусот зостер не е задолжителна, но се препорачува за лица над 50 години.
Друга истражувачка група неодамна објави некои докази за овие тврдења. Производителот на вакцини „Глаксо Смит Клајн“ минатиот месец објави соработка со здравствените службеници во Велика Британија за следење на когнитивното здравје на постарите лица што ја примаат вакцината „шингрикс“. Вакцината „шингрикс“ е еднократна вакцина, која се дава во две дози, со растојание од неколку месеци. Американскиот центар за контрола и превенција од болести во Атланта препорача вакцинацијата да започне на 50-годишна возраст, но порано за луѓе со ослабен имунолошки систем поради други здравствени состојби. Несаканите ефекти, вклучувајќи болка на местото на инјектирање и треска и болка слична на грип, честопати ги одвраќаат луѓето од примање на оваа вакцина, се наведува во извештајот.
Најсилните аргументи за избегнување или намалување на можноста за деменција сè уште се препораките дека секое постаро лице треба да се дружи што е можно повеќе, да биде физички активно и да го „храни“ мозокот со содржини што бараат размислување и внимание, како и да ги контролира крвниот притисок и шеќерот во крвта.
(Политика.рс)