Во моментов во Македонија една од најнеизвесните работи е дали ќе има доволно достапна енергија на македонскиот пазар за задоволување на нашите потреби, без разлика од видот на трансформацијата на еден во друг тип енергија.
Правилното управување со користењето на енергијата треба да претставува највисок степен на свесност на државниот врв, каде што граѓаните, бизнисите во таа држава ќе се чувствуваат заштитено и сигурно и ќе можат да прават долгорочни планови, без поголеми несакани ефекти. Нормално дека ризик ќе има, но тој секогаш може да се намали ако правилно се идентификува, оцени, третира, следи и известува и за сето тоа се остави документирана трага за понатамошни анализи. Тоа е тој систематичен преглед на нештата. Меѓународната организација за стандардизација (ISO), заедно со Организацијата за индустриски развој на Обединетите нации (UNIDO) и Светскиот совет за енергетика (WEC), предложи да се направи група на стандарди што ќе се занимаваат со оваа област. Така, во 2008 г. почна со собирање материјали и експерти од целиот свет, а во 2011 г. тоа прерасна во технички комитет. Во него учествуваа претставници-експерти на 44 земји-членки на ISO, како и 11 земји членки на ISO како набљудувачи. Нивните предвидувања беа дека правилната имплементација на оваа група на стандарди ќе влијае до 60 отсто од светската потрошувачка на енергија.
Во 2011 г. се објавува првата верзија на стандардот МКС EN ISO 50001- Системи за менаџмент со енергија – Барања со упатство за користење, за веќе во 2018-та да излезе нова подобрена верзија на истиот стандард и таа е сѐ уште важечка. Во Македонија овој стандард е усвоен во 2018 год.
Со правилна имплементација на овој стандард треба да се намали потрошувачката на енергија, т.е. да се подобрат енергетските перформанси на институцијата, да се зголемат економските бенефиции и да се намали емисијата на CO2, и сето тоа преку систематско управување со енергијата. Вториот стандард по важност од оваа група на стандарди е МКС ISO 50006:2014 Системи за менаџмент со енергија – Мерење енергетски перформанси користејќи енергетски основи (EnB) и индикатори на енергетските перформанси (EnPI) – Општи принципи и упатство. Овој стандард е всушност практичен водич и се однесува на тоа како се обезбедуваат барањата од ISO 50001, кои се во тесна врска со воспоставување, користење и одржување на EnPls (индикаторите за енергетски перформанси) и EnBs (енергетска основна линија) при мерењето на енергетските перформанси и промените на тие енергетски перформанси. EnPIs и EnBs се двата клучни меѓусебно поврзани елементи на ISO 50001, кои го овозможуваат мерењето, а со тоа енергетските перформанси на организацијата. Енергетските перформанси се концепт што се однесува на потрошувачка на енергија, користење енергија и енергетска ефикасност. Двата стандарда заедно вклопени даваат доволна основа за ефикасно и ефективно управување со користењето енергија, и тоа секој тип на енергија вклучувајќи ги и дериватите на фосилните горива користени во моторите со внатрешно согорување. Ова особено се однесува на користењето на службените автомобили.
Според последните податоци, врз основа на околу 5.000 примери каде што е веќе имплементиран овој менаџмент-систем, во првата година просечно се остварувало заштеда од околу 7-8 отсто, a во втората и третата година тој процент опаѓа на 2-3 отсто, затоа што сѐ што можело да се имплементира се имплементирало.
И сега замислете што значи таа заштеда за една држава, компанија, фабрика. За да се случи тоа, државата треба да биде свесна за овој тип стандарди и да им помогне на приватните компании, фабриките, министерствата, големите државни компании, со олеснување на условите за имплементирање на овие стандарди и со одредени субвенции. Со тоа би се постигнало системско решение, кое само ќе треба да се надградува, следи, превенира и/или коригира. Така, во секој момент би се знаело колкави заштеди и какви заштеди би се постигнале. Секако дека би се постигнале и заштеди ако се исклучи струјата на одреден регион во траење од неколку часа, или ако се исклучи секоја втора светилка на уличните осветлувања, но тука нема систем, нема вредносни параметри што треба да се следат, правење анализи и оценување и контролирање на ризиците, континуирани подобрувања или предвидувања. За да може сѐ да профункционира, потребно е зголемување на свесноста на врвниот менаџмент на компаниите, државата, институциите, посветеност кон целите, како и обука на сите оние што би биле вклучени во овој процес.
Љупчо Давчев
(Авторот е магистер по технички науки од областа на енергетското машинство, тренер и консултант за ISO 50001, ISO 50006 – Системи за менаџмент со енергија)