Уморна политика – незаситни медиуми (2)

Повторувањето е мајка на знаењето, според древната мудрост, а јас би додал и на осознавањето. Како во мноштвото информации и изобилие содржини да препознаеме, да изведеме заклучок, да спознаеме? Упатно е и корисно на некои од темите и содржини да се потсетиме и одвреме-навреме да препрочитаме и да се навратиме на една сериозна социолошка тема, малку видлива и малку понастрана од шумот и екот на силниот вртеж на дневнополитичката центрифуга.
Светот за генерациите родени по 1950-та исчезнал токму во педесеттите од минатиот век… Не паметиме свет без телевизија и новите медиуми. Тоа се нешта со кои се живее, што се гледаат, секојдневно восприемаат и практикуваат.
Во ерата на апсолутна медијализација, време на постисторијата, нема ни вистина ни политика, сѐ е илузија. Во 1968 година беше последниот трепет на историското струење, по што започнува „агонијата на стварноста“ – според постулатите на Бодријаровата дијалектика. Минатото е лага, сегашноста изобилие од неизвесност, за иднината се нуди форма на вистина и се во рамките на раѓањето на уште еден сладок парадокс, што со силата на медиумска сугестија секојдневно се обидува да нѐ плени и подреди според логиката на театарот на апсурдот, која немо и без поговор треба да ја следиме како активни протагонисти.
Тој „демократски“ пандемониум од медијализираната стварност, што секојдневно со стратегијата на баражна ескалација од виртуелни политички сеанси и акции ни се наметнуваат, атакува врз нашите сетила. Сега полесно ја препознаваме „возвишената“ цел – стеснување и намалување на просторот за спонтаност и логични предочувања како капитализмот, неолиберализмот, мутираат и се претвораат во своевиден техно-феудализам.
Политичката реалност е една од патетичните жртви на налетите на некритичката и незаситна виртуализација. Таа е претворена во своевидна холографска матрица и е сериозно дестабилизирана од секојдневната некритичка репетиција при што забрзано се празни и деструира и се манифестира како недоверба, доверба, поткревање или пад на рејтингот и сл.

Во тие процеси и преобразби најчесто страдаат вистината и вербата на граѓанинот, но како одминува времето, се чини страда и самата политика, која со оглед на резултатите во изминатите плурални години, се деконструира во праксата, и се промовира како прагма со вградена извесна етичка недоследност, контрадикција и на сопствената онтологија. Заточени како во циркуски кафез, арена каде што преовладуваат металогички /смешни/ критериуми, според кои, смислата не се врти повеќе околу нас /граѓанинот/ туку сите сме втурнати во своевиден коперникански хаотичен грч, при што немо се обидуваме да ги распознаеме, нештата, сликите и текстовите, да различиме и да одбереме политички илузии или вистината и ангажманот, копнежот, да разбереме и да им се доближиме на фактите и на вистинскиот полнокрвен живот.
Сѐ е привид во форма на хиперреалистичка семиотика. „Сѐ е настанато, манипулирано и одредено преку медиумската фарса, вештачката интелигенција и другите механизми на привидот, измамата и илузијата“. Она што некогаш се нарекувало стварност, исчезнало во некакво „како да е“ – во модус на егзистенција, во привид и илузија на семожни медиуми, така што веќе е сѐ потешко и можно да се разликува реалноста од сопствената симулација.
Ваквиот драматичен пад на угледот на политиката и медиумите се вклопува во постмодерните трендови на изразен скептицизам и губење верба дека пронаоѓањето на вистината е воопшто можно.
Политичарите не можат да ја прифатат реалноста. Зафатени се со занимавање сами со себеси.
Сѐ повеќе и повеќе политиката изгледа како лажиран систем во кој членови на иста политичка класа се натпреваруваат за работни места, а не за победа на идеи или во име на поголеми колективни интереси.
Многу луѓе се уморни од професионалната политичка класа, во чие дејствување во преден план е сопствениот интерес и која од класа што се колне во името на народот се претвора во бескрупулозна „класа за себе“.
Во развиениот свет, во минатото, политичарите од левицата најчесто доаѓаа од синдикатите, додека конзервативците од класата богати бизнисмени. Социјалните класи имаа свои интереси, што беа презентирани од партиите поделени со остри идеолошки разлики.

Но на многу места идеолошките разлики во голема мера се урнати. Социјалдемократите во коалициски влади владеат заедно со полиберални конзервативци. Неолиберализмот владее во име на политичката прагма.
Во таквата невротична „бомбастична“ и се подраматична реалност е и нашето живеење, кое е преплавено со политички и етички контрадикции. Гордиев јазол што е загатнат и сплетен со „добронамерна“ помош однадвор, што ни се нуди како мени што ја претпочита политичката илузија наместо конкретната прагма и резултанта чија вредносна супстанција е конкретна и економски мерлива со показатели што се меѓународно верифицирани, се видливи и секојдневно ги препознаваме и ги допираме и ги живееме.
Медиумите како конверзија на сублимираниот потенцијал на стварноста, отсекогаш биле и остануваат цел на центрите на моќ и интерес и сосема природно и легитимно е настојувањето низ сите историски епохи, таа сфера да се освои уреди според логиката и правилата на сопственото дејствување. Нивниот секојдневен близок контакт со јавноста гледалиштето, граѓаните, читателите – потенцијално потрошувачки корпус, сегашно и идно гласачко тело, ги верификува како модел и моќно орудие за креирање онтолошка плуралност.

Времињата се менуваат и ние се менуваме во нив… Јавноста, не е веќе аморфно мнозинство што ги апсорбира информациите од медиумите и креаторите на јавното мислење. Таа се трансформира во сложена мрежа на поединци и групи поврзани на различни нивоа чинители своевидни клучки во протокот на информации во процесот на јавното мислење, кои примаат, преработуваат, насочуваат и го забрзуваат проток на информации низ комуникациската мрежа. Комуникациските врски се засилуваат или прекинуваат и се оформуваат, во динамичен процес. Но праксата останува и понатаму врвен критериум на вистината.
Прифаќањето и неумереното користење на медимуските обрасци во вид на виртуелна политичка акција денес, а и во иднина сѐ помалку ќе можат да бидат замена за реалниот и конкретен политички ангажман. Стварноста создадена врз технолошка и жанровска разновидност во Мрежата сѐ повеќе ќе може да ја преобликува нашата сетилност и да биде замена за вистинскиот живот

Аљоша Симјановски