Судот на улицата и јавното мислење станаа алтернатива на потрагата по правда во општеството. И тоа не треба да нѐ изненадува кога само осум проценти од населението во Македонија имаат доверба во судовите. Кога правдата станува неправда, кога може да се купи со пари и корумпира од политиката, улиците викаат за правда. Дали е време повторно да се бара правдата на старомоден начин? Некој би рекол на вистинскиот начин? Дали?
Македонија е место каде што луѓето се очајни за правда. Таквиот очај не е нешто што нужно треба да го отфрлиме без контрола. Особено не откако беше искористена, поточно злоупотребена од власта, која во име на правдата нанесе неправда со затворање, сатанизирање и одмазда на невини жртви. Наместо правдата во македонското општество да биде насочена кон воспоставување рамнотежа меѓу силите и општествениот поредок и да биде лакмус-тест за благосостојбата на заедницата, како и за однесувањето на нејзините политичари, таа се претвори во алатка за манипулација и гаранција на власта за справување со опозицијата. Никогаш правдата во македонското општество не била за врамување на вредностите на човечките суштества, нивните потреби, нивните аспирации и нивните интеракции со другите членови на заедницата. Особено не централна доблест за моралните и политички димензии на општеството. Затоа и правото никогаш не стана алатка на правдата. Кога имаш политичари со авторитарни нагони не изненадува дека правдата се претвори во средство да се зацврсти моќта, да се поткопаат човековите права и манипулираат судовите и судиите за да поддржат недемократски и нелегитимни активности. Конкретните искуства на луѓето со години ја хранат перцепцијата за правдата во македонското општество и даваат увид во степенот до кој луѓето доживуваат „вистинска правна (не)сигурност“ и последици што таа ги има врз патиштата што ги следат за да ја најдат правдата што ја бараат. А таа станува сѐ понедостапна и сѐ повеќе апстрактна. Како животите што ги живееме.
Кога како општество сме прифатиле еднаквост пред законот и пристап до правдата како основи на владеењето на правото и систем што почива на факти и закони, очекуваме дека судовите треба да бидат непристрасни и праведни во спроведувањето на правдата, а општеството просперитетно врз основа на степенот до кој му пристапуваме на овој идеал. Суровата реалност на нашето време бара од нас да бидеме свесни за фактот дека секогаш постои можност за маневрирање или манипулирање со правосудниот систем поради материјалниот статус и поврзаноста со политиката и моќта. Кај нас, богами, се претера во тоа. Од политиката, обвинителството, судовите. Кога судовите се неправедни, кога судиите може да се поткупат, кога моќните се привилегирани, кога власта станува обвинител и судија, сѐ потешко му веруваме на системот дизајниран да ја испорача правдата во општеството. Зарем не гледаме дека последниве години сѐ повеќе целосно се заобиколува традиционалниот правен процес, надевајќи се дека правдата ќе се најде на некое друго место, најчесто преку расправа со јавноста.
Судот на улицата и јавното мислење станаа алтернатива на потрагата по правда во општеството. И тоа не треба да нѐ изненадува кога само осум проценти од населението во Македонија имаат доверба во судовите. Кога правдата станува неправда, кога може да се купи со пари и корумпира од политиката, улиците викаат за правда. Дали e време повторно да се бара правдата на старомоден начин? Некој би рекол на вистинскиот начин? Дали? Зашто правдата на улицата понекогаш е бенигна и корисна, понекогаш страшна (Француската револуција). Никогаш не сум бил наклонет правдата да се бара на улица. Ниту уличната правда ми била прифатлива на каков и да е начин и какво и да е оправдување. Оваа практика не треба да се поттикнува, бидејќи ќе доведе до бесконечен циклус на конфликти. Арно ама кога политиката ја поттикнува и поддржува, резултатите се погубни за државата. Видовме до каде нѐ доведе уличната правда на „обоената револуција“.
За нејзините инспиратори и водачи правдата не беше ништо друго освен инструментална архитектура на правила за оправдување репресија и одмазда за нивните политички фрустрации. Правдата ја претворија во „војна“ со граѓаните што не ги делеа мислењето и политиките на власта. Ваквата правда фрли срамна сенка на сите оние што врз неа изградија систем положен на лаги, насилство и сатанизација на неистомислениците. Може да тврдам дека човековите права и правдата за оваа власт беа и останаа вештачки вредности дефинирани од нивната потреба за одмазда, која ги храни насилството и неказнивоста во македонското општество. Видовме дека правдата беше поинаку дефинирана за опонентите на политиките на власта отколку за остатокот од општеството, со што ја претворија во празен бессодржински слоган. Затоа смртта стана „условна“, помалку вредна од 10 ќебапчиња, затоа корупцијата процвета и стана невидлива, затоа луѓе беа затворани без фер судење, судени како терористи (господ да чува), малтретирани, замолчени и заборавени во затворите. Тоа се отворените рани во нашата колективна совест со кои треба да живееме и од кои треба да се срамиме како општество.
Правдата не може да ја сведеме на прагматична политичка алатка без да ја препознаеме потребата да развиеме заеднички културен модел за да се одржи универзалната идеја за правда. Без тоа, правдата на улицата и правдата на толпата ќе бидат гласот до власта што ќе ја потсетува дека треба да стори повеќе за да ги заштити граѓаните од корумпираниот судски систем и корумпираната криминална власт, а, од друга страна, предупредување за оние што се занимаваат со такви активности што ќе им се случи ако бидат фатени. Се плашам дека правдата повторно почна да маршира по улиците во Македонија барајќи одмазда. А одмаздата е дива правда, која колку повеќе се стреми природата на човекот, толку повеќе треба законот да ја отстрани. Само се прашувам кој закон и кое судство во Македонија? Она со осум отсто доверба? Искрено, не верувам.
Автор: Проф. Звонимир Јанкулоски