Убаво за вас што се обидувате да ги најдете причините за војната во Украина во личната здравствена и психолошка состојба на Путин. И убаво за тие што во тривијалната деменција на Бајден бараат утеха во неговата невиност во оваа војна. Убаво и од оние другите што копаат по важните настани од краткото постоење на човекот Зеленски, за да најдат и таму по некоја причина за тоа што се случи во неговата земја и во целиот свет од денот кога тој стана претседател на Украина. И најубаво за тие што за војната на истокот од Европа ставаат сѐ во заемна врска со некаква нафта, гас, легури и други суровини и полупроизводи што Русија ги има, а Европа и светот, пак, не. Уф, колку е ова загрижувачко. Но најбраво за оние нашите учени и политичари што во оваа со ништо и по ништо ненаша војна нѐ определија дека сме или дека треба сме на страната на едните или на страната на другите. Ајде, да не мистифицираме, прашaњето пак е: Дали си за Русија или си за Америка? Доста од лаги и мимикрии. И еве, јас да не влегувам во светот на лагите и особено во светот на сопствените лаги за мојата вистина, уште на почетокот сакам да расчистиме со прашањето за кого сум јас, во оваа мизерија од избор. Јас сум за Америка, океј?! Немам никакви дилеми дека ова е одвратен избор? Гадно е. Уште повеќе затоа што сум свесен дека Америка на моето детство и младост повеќе не постои. И дека Европа повеќе не е страната на демократијата и либерализмот, и дека со мојата Америка не владее трагедијата на слободата туку трагедијата на стравот. И дека тоа не е повеќе гаражата од која излегуваат рокенрол-бендовите и големите умови на технологијата и иднината, туку гаражата на светот што раѓа монструми и чудовишта. Ја нема веќе таа Америка во која секој е Џони Бој, а Холивуд ги исполнува сите наши соништа и мечти. Од сите страни на светот. Тоа барем нема како да не го знаеме, мајка му стара. Жалам, но, проклетото „панта реи“ било и секогаш ќе биде доказ дека сѐ се менува и ништо не е вечно. Па, така, ни нашата Америка, од нашите соништа.
Но да му ги оставиме соништата на минатото, најпосле, тие се совршени во нивната конзервирана неменливост и неминливост, па на нив можеме да се навраќаме кога сакаме и колку сакаме. И до бесконечност можеме од таа амброзија на идеализмот да се опиваме и во слaтко-горчлив мамурлак да се будиме, секое утро, отсега па до крајот на светот. Но, во меѓувреме, да видиме каде сме денес во оваа војна, која ниту ќе биде кратка, а ниту без последици. И со тоа барем може да се согласиме. Дека по оваа војна ништо нема да е како што било и дека сме на почетокот на раѓањето на новиот свет. Кај сме ние во оваа војна? Никаде. Мене тоа ме плаши. Паничам кога сме во војна, а ха. Оставете ги злите мизогинии и ниски страсти за немоќна одмазда на примитивни будали кон разните „славјанки“, кои не се ништо друго освен тоа што не се ништо друго. Де, бре, не гледате ли дека тие министри не се ништо повеќе од само една продолжена рака што формално ќе се крене за да прифати нешто што однапред го определиле како прифатливо за нас?! Но, мене, само тоа на крајот од се, ме плаши најмногу. Драги мои, нашиот претседател и врховен командант, другарот Пендаровски (ова е важно затоа што тој самиот кажува дека сме во војна, затоа што сме НАТО-земја), ете, тој човек, во време на војна, замислете, се стави наспроти половина од своите граѓани со кои треба да војува во иста војна, за иста цел, која треба да се оствари со него на чело! Мене тоа не ми дава мир! Мене ме вознемирува до болка фактот што треба да бидеме единствени на Балканот што во војната во Украина ќе војуваат едни Македонци на страната на Америка, а други Македонци на страната на Русија. Јас не знам и не можам да разберам, најискрено не сакам да разберам, односно ја отфрлам вистината да разберам дека нас нѐ водат пендаровци, заевци и тачевци, кои својот народ го туркаат против големите сили, наспроти сите други народи околу нас, кои не војуваат ниту за Америка, ниту против Америка, ниту за Русија или против Русија, туку за себе и за сопствените интереси. Ние сѐ уште не сакаме да разбереме дека тука, на Балканот, војната не е помеѓу Русија и Америка, туку помеѓу нас, балканските народи и балканските државички, кои се определуваат за едната или за другата страна, не за да бидат од помош (замислете какви будали се тие што го мислат и пишуваат тоа) за Америка или Русија, туку за во идната општа војна да добијат повеќе за себе си, војувајќи не против Америка и Русија – туку против соседите. Кој дел од ова не сакаме да го разбереме? И со кој дел не сакаме да се соочиме кога министерот за надворешни работи на оваа северна малоумија Бујар Османи, онака, дури и до болка од малоумие, го споделува неприкосновениот интерес на неговите сонародници и соидејници да се биде на страната на Америка.
Јас сум избезумен од нас и од неприсутноста на премиерот Димитар Ковачевски во немањето никаква идеја, став, акција или барем повик за создавање општа потреба од определување на сопствените интереси и сопствените потреби, а особено од необѕирноста од последиците од оваа војна кон Македонија и особено кон Македонците. Кај сме ние во ова лудило? Во здравите пространства на „не знам, не видов и слушнав“? Јас не знам од кого треба да очекуваме да ни ги определи сопствените ставови за деновите не само во војна туку и за деновите по војната, кога ќе се компензираат загубите и ќе се делат воените придобивки. Ова е грдо, но е така, што можам јас против војната, против нејзините правила и против нејзината суштествена нотропија? Ништо, освен да помогнам во тоа како мојот народ да има помали жртви, а поголеми „добивки“ од учеството во најголемата трагедија на човечкиот ум – човечката војна. Трагедија во која учествувам и јас самиот, умувајќи за некакви правила, идеи и интереси од каква било војна. Жалам за тоа што го правам, ама го правам тоа што сум принуден да го правам, оти не учествував во правењето на оваа војна, а подготвен сум да ја доживеам личната трагедија на мојот ум, помагајќи му на мојот народ да војува и да се избори за мир и благосостојба за себе и за своите поколенија. Аман, разберете веќе еднаш, ние сме членка на НАТО. Да, не можам да си простам дека не направивме доволно за тоа членување да биде израз на волјата и радоста од остварувањето на една мечта во вид на победа. Наспроти начинот на кој направија таа победа да се претвори во амблем на нашиот национален пораз. Каква штета! Каква трагедија на умот! Но, тоа е вистината за трагичниот ум, да биде поразуван, да губи и повторно да се крева од сопствената трагедија. Во име на тоа, повикувам на оној дел од мојот народ што може да се нарече образован, умен и подготвен на борба, на војна со сегашноста, но и подготвен да придвижува напред кон мирот и иднината, да направи сѐ оние што не го препознаваат својот интерес во злото да му се припаѓа некому и да се сподели или оддели од сопствениот интегритет заради сопственото опстојување нешто лично и вредно, да го препознаат тоа и да застанат во негова одбрана. Повикувам, огромното мнозинство Македонци да бидат подготвени да бидат дел од можноста да учествуваат во мирот, но, разберете, само ако учествуваме во војната. Ние не учествувавме во балканските војни и нѐ освоија други. Ние не учествувавме во Првата светска војна, па по војната, во мирот, нѐ поделија и приграбија оние што учествуваа во таа војна. Аман веќе, разберете еднаш и засекогаш: остваривме државност во 1944 година само затоа што учествувавме во војната и со самото тоа се стекнавме со правото да учествуваме и во мирот. Што е сега, повикувам на војна ли? Не. Секако дека не. Ама, ако бидеме повикани, ако еден ден треба да војуваме, што мислиме да правиме? Нема да бидеме на ничија страна, ли? Ќе си седиме и ќе чекаме војната да заврши, а во меѓувреме ќе го оставиме Бујар да војува наместо нас? Тоа ли? Е па, добро, тогаш, драги мои Македонци, да не му се лутите на драгиот Бујар затоа што тој учествува во оваа војна. Неприфатливо ви е тоа што тој војува секој ден? Ве нервира тоа што е на сите фронтови и со сите средства, особено што со лагите и мимикриите е во првите борбени редови!? Се надевам дека барем ова го сфаќате? Дека разбирате дека се војува со лаги затоа што се нема други оружја за војување. Да имаа мераклииве мегдан, војска и оружје, ќе војува и во вистинска војна, ич да не се сомневате тоа.
Е дури и ова, да, се согласувам, на моменти трагикомично учество во оваа војна, на овој начин и со овие средства, му дава право на Бујар утре да учествува и во поделбата на „пленот“ од мирот. Драги мои, да не мислите дека Александар Вучиќ, Србија и Србите имаат други, поинакви идеи за оваа војна од нашите бујаровци? Аман, не сте белки, по сѐ што видовме во овие три децении, толку наивни? Да не мислите дека срцето на Вучиќ му спие во Москва? Ама не гледате ли дека Радев и Петков војуваат со своите Бугари, ако не да ги убедат да се определат за Америка, барем да ги заплашат со фактот дека незнаењето кому му се припаѓа и против кого се војува ги води кон последиците од трагичниот ум на незнаењето? Е, во оваа глупост, навистина со омразените ни Бугари сме еден народ, ако сакате и мене мразете ме за ова што го зборувам. Ова е трагедија на умот. Не ми се допаѓа, ама што да правам, да ви кажувам дека е поинаку. Еве, сум ве лажел за сѐ што напишав дотука. Судете ме. Ќе ја промени ли ова вистината? Вистината, за жал, драги мои, живее во депонијата на човештвото, во онаа отфрлена точка каде што сите ги одлагаат својот отпад и ветовштини и потоа ја заобиколуваат затоа што се срамат од мирисот на пцовисаност, измет и урина што го оставиле зад себе. Навистина не знам како, освен со метафори, да се одвлечам себеси од онаа глутница на диви кучиња, на општествени чакали што вијат околу депонијата на вистината. Не можам и не сакам да бидам дел од онаа орда на општествени хиени што се хранат со остатоците од нечија вистина, оставени во знак на милост на слугите и готвачите што вечераат од вистината на коските што зачудувачки личат на човечки. Што да направам, јас сум борец, и за своите коски сум се борел и ќе се борам. Ова е време на остатоци од времето. Ние сме принудени да глодаме коски за да преживееме. Гадно ли е? Да. Но ќе биде погадно. И коските имаат крај, и тие се доглодуваат. Но тоа е животот, драги мои, во вакви војни, во вакви антагонизми ќе останат само оние што ќе бидат подготвени на сѐ, за да преживеат.
Знаете ли по големи трагедии на човештвото и човечкиот ум, колку народи исчезнале не само од природата туку и од меморијата за нив? Ако сме реални, историјата на човекот обликувана во форма на цивилизациско уредување е историја на меѓусебни војни, а сознанието за нив до нас стигнало само низ болката на оние што тие војни ги проколнувале, прекорувале, отфрлале и ги дефинирале како најлошото нешто што дошло од човекот и неговата суштина. Ја проколнувам оваа војна, ја мразам, не ја поднесувам, сакам да престане, да ја снема! Оваа војна ме боли до пцост. Но за оваа болка, ниту западната, ниту источната медицина и фармацевтска индустрија немаат пилула за олеснувачки спас. Со таа болка мора да се живее. Мора да се прифати. И да се поднесува. Оти ако не прифатиме да ја поднесуваме болката од војната, тогаш како ќе научиме да живееме со болката од љубовта во мир. Во љубов со себеси и во љубов со сите околу нас. Вие што сте љубеле во рајски мир, кажете, ама искрено, кое боли повеќе? М?
Јани Бојаџи
Авторот е режисер и универзитетски професор