Сакам да пишувам за Олимписките игри во Пекинг. За „Анет“, новиот филм на Лео Кара. За Роберто Болањо, чилеански автор и неговите „Диви детективи“. Ми се пишува за импресии од нешта што животот го прават вистински убав. Не можам. Нордистанското дно ме влече со своите лепливи прсти. Сака да ми ги свие околу врат. По ѓаволите, со Нордистан! Пекинг овие денови ми е далеку помил од нордистанската нова нормалност. Ама ми се пика среде скијатлон, филмски кадри и книжевни реченици, како неписмен лик меѓу редови.
Тренерот на нашите скијачи олимпијци не одел на работа. Изгледа сакал да направи мангупски слалом и да ескивира од работните обврски што ги има во Скијачката федерација. Ама будното око на нордистанскиот директор го уловил фактот дека човеков не се појавува. Зошто не доаѓаш на работа, прашал културно. На Олимпијада сум, одговорил нашиот најпознат алпинист. И си мисли тоа е оправдување.
Добро, што се замислува? Навистина мисли дека ако е во Пекинг на Олимпијада, не треба да доаѓа во Скопје на работа? Да не се умислува дека е од ДУИ? Или може си мисли дека припаѓа на црвенобуржоаската елита на СДСМ? Има, бре, да биде во исто време и на Олимпијада во Кина и на работа во Нордистан, оти ние сме сериозна држава, имаме 18.000 денари минимална плата и членка сме на НАТО. На крајот на краиштата, што ако утре Нордистан ја нападне Русија? Како да го регрутираат ако е во Пекинг? Зарем не гледа дека нордистанците од цел свет се враќаат дома за да уживаат во економската благосостојба и можноста да бидат регрутирани за да ја окупираат Москва?
Сакав да летам со ски-скокачите под олимпиското небо, ама нордистанските лепливи прсти ме зграпчија и ме вратија назад, кон дното на битисувањето. На тоа дно што нема дно, може нема ни дух, ни ум, но затоа тече мед и млеко, редовно добиваме датуми за преговори со ЕУ и новото име на сите ни ги плаќа сметките.
Има нов закон во најава, вреска аздисаната јавност. Нормално дека има. Ама тоа бил закон со кој се забранува негативно мислење и критикување на власта. И што е тука проблемот? Нели сме врвна демократија? Зарем во секоја демократска земја не се скапува по затвори за искажан негативен став за моќта што владее? Што си мислите, ова е диктатурата на Груевски кога секоја будала, од активист до академик, можеше да сере против него? Ги нема веќе тие мрачни времиња, не може тукутака, кој сака да кака за Зоќи, Таче, Али Баба и неговите разб… разбирачи на демократија.
Но аздисаната јавност продолжува. Велат, идејата за казнување на оние со негативно мислење и критика кон власта била на Владо Камбовски. И што ако? Тоа е човек што држи до себе. Има континуитет во ставовите. Тој исто така им се закануваше на сите, вклучувајќи ме и мене, кога пропагиравме бојкот на референдумот. Ама јас сфатив дека грешам и се променив. Па и јас би го казнил Камбовски ако има негативно мислење за мене. Или за моиве колумни. Оти тоа е вистинското лице на демократијата.
Да го имавме овој закон со време, немаше онака безобразно да се исмевате со нордистанската министерка за одбрана. Како што Русине се исмеваат со британската министерка за надворешни работи. Срамота е, бе, луѓе! Па министерката за одбрана е нашиот Бил Гејтс. Визионер. Бил кажа дека планетата е пренаселена. Ама Нордистан не се однесува како дел од оваа планета, оти е пред време и надвор од простор, во трка со универзумот и глупоста да ја стигне бесконечноста, па некој мораше да каже, меѓу редови, дека и ние сме пренаселени. Затоа треба да ја нападнеме Русија, да не чекаме нашите меѓународни пријатели да исценираат руски напад на Украина и така, со една куса неколкучасовна војна со Русите, да ја намалиме драстично пренаселеноста на Нордистан.
Или хајката против историчарот, претседател на нордистанската историска комисија. Рече дека во Втората светска војна, Бугарија немала фашистичка, туку профашистичка власт. Нормално дека е ПРОфашистичка кога тоа го кажува ПРОфесор. А тој и нашата власт на добар пат се да решат еден историски проблем. Само нордистанците треба да ги признаат своите бугарски корени. Потоа ќе биде лесно да се докаже дека фашисти биле нордистанските Бугари што ги однесоа Евреите по концлогори. Не затоа што ги мразеа туку едноставно знаеја дека холокаустот е еврејска традиција. Патем, оние Евреи тогаш, не беа вакцинирани како денешниве, што секако е уште олеснителна околност за тогашните фашисти чии идеи денес ја доживуваат својата глобална афирмација.
Затоа, давајте го ваму тој секси закон со кој ќе се казнува секакво негативно мислење за нордистанската власт. Мене лично не ме засега. Јас им се восхитувам. Имаше времиња, Нордистан тогаш се викаше Македонија, кога имав одвратно мислење за овие што со помош на чадори, повисоки од горе и прогресивната интелектуална бижутерија, сакаа да ја преземат власта. Си мислев, ако им успее, толку се неспособни, алчни и злобни, со нив сè ќе оди по ѓаволите. Но откако длабоката држава ги октроира за господари, а тие за возврат го избрусија македонизмот од секоја пора на битисувањето, сменив мислење. Сега им се восхитувам. Од Аргеадите, до денес, се најкреативна власт што сме ја имале. Го исполнија нашето секојдневие со уметнички жанрови. Со нив истовремено живееме гротеска, бурлеска, пародија, трагикомедија и црн хумор.
Откако се роди во мене восхит, го следам секој нивни потег. Тие како што ме следат. Добро, не баш исто. Јас немам потреба да им прислушувам телефони, читам мејлови, ангажирам агенти, тие како што прават, ама тоа е зашто како одговорна власт се грижат за мене да не застранам од линијата. Тие се транспарентни и јас им го следам јавното дејствување, па го преточувам во книжевни реченици, оти нивната блескавост буди писателска креативност. Ги ставам во роман, тие како што ја ставаат мојата интимност во досие.
Затоа никогаш нема да имам негативно мислење за нив. Замислете да беа како оној хрватски претседател што не сака да воведе апартхејд за невакцинирани, ама и уште пострашно, вели дека ниту еден нивни војник нема да се тепа со лошите Руси што ја окупираа Русија, а сега сакаат да ги окупираат Украина, САД, Велика Британија, Нордистан и Венера. Добро е што нашиве не се однесуваат како него, а нордистанските граѓани не се како оние аздисани Канаѓани што кренаа глас против светиот стол на Трудо. Се надевам дека и таму ќе донесат закон како нашиов со кој канадските камионџии и сиот народ што ги поддржува на улици ќе завршат во новите гулази на светата прогресивна инквизиција.