Деновиве се говори и за одредени реформи во однос на изработка на нов модел на територијалната организација на локалната самоупрва. Се говори за намалување на бројот на општините заради поефикасно работење, подобра соработка со централната власт, задоволување на потребите на граѓаните, подобро живеење а секако дека за тоа се има забелешки од досегашното работење. Тоа значи дека е потребна длабинска анализа во сите области или интердисциплинарно работење кое би дало секако подобри согледувања за подобро планирање, организирање и правилно насочување.
Со години постојано се говори дека речиси во сите области на земјава се потребни или се прават, изменуваат, дополнуваат многу закони, стратегии, проекти, програми, акциски планови, номенклатури и други документи, а сѐ во функција на подобро работење, усогласување со меѓународни стандарди и други документи.
Меѓутоа и јас со децении пишувам, говорам, коментирам за одредени состојби во неколку области, и тоа особено во сферата на демографските состојби, образованието, туризмот, градежништвото, и тоа како на ниво на земја така и на другите нивоа што постојат во земјава. Тоа значи дека постојат повеќе територијални нивоа, од кои дел се административни, а дел неадминистративни. Во таа насока не би сакал да навлегувам во тоа кога и како се донесени, изменети, дополнети, туку повеќето ми побудија интерес во ова време некои подготовки или активности што се однесуваат на реформите во територијалната поделба на локалната самоуправа и подготовката на стратегија за демографска односно популациска политика.
Во однос на стратегијата за популациска политика се кажува дека нешто постои, а не функционира или не ги дава очекуваните резултати и за истото тоа имам кажувано, пишувано, посочувано со години од потреба за истата таа, а врз основа на анализите од загрижувачките состојби со кои е зафатена земјава. Но времето одминува, а во јавноста малку се говори за тоа. Во таа насока е добро таа стратегија да се направи што поитно, бидејќи времето одминува, а состојбите сѐ повеќе стануваат критични.
Истите тие ги имам анализирано, пишувано, говорено и објавувани на сите нивоа на земјава, и тоа на државно ниво, по региони, општини и населени места. Во таа насока, само по направените анализи, и тоа длабински, со показатели од население, домаќинства и станови имаме големи диспаритети по региони, општини, а да не говорам по населени места. Ова го кажувам затоа што имаме голема депопулација или празнење на просторот. Населените места особено се во лоша состојба, бидејќи се раселија, намалија и поголем дел градови го апсорбираа или собраа населението. Поголем број градови имаат повеќе од 80 отсто од населението во општината. Ако на тоа се додаде бројот на населените места, површината на општината навистина ќе се добие загрижувачка состојба.
Деновиве се говори и за одредени реформи во однос на изработка на нов модел на територијалната организација на локалната самоуправа. Се говори за намалување на бројот на општините заради поефикасно работење, подобра соработка со централната власт, задоволување на потребите на граѓаните, подобро живеење, а секако дека за тоа има забелешки од досегашното работење.
Тоа значи дека е потребна длабинска анализа во сите области или интердисциплинарно работење што би дало секако подобри согледувања за подобро планирање, организирање и правилно насочување.
Во однос на територијалната организација на локалната самоуправа и донесувањето на законите за неа, позната ми е состојбата од 1965 година, кога постоеја 34 општини во земјава, потоа од 2004 година, кога беа направени 123 општини, и онаа од 2004 година, кога беа формирани 85 општини, а подоцна се сведоа на 80.
Во однос на оние двете кога се направија 123 општини и 85, односно 80, можам повеќе да говорам од причина што бев дел од работната група или комисијата што работеше на нив.
Веројатно тоа бара добра расправа, а во овој момент би направил само мала компарација во однос на согледувањето на состојбите во дел од поранешните југословенски републики каква е денешната состојба, а која би ни служела како пример за новата реформа или новиот модел на територијалната организација на локалната самоуправа во нашата земја.
Словенија има површина од 20.273 квадратни километри, 12 региони, 213 општини и 6.036 населени места. Таа е помала повеќе од 5.000 метри од нашата земја, а во однос на другите нивоа ценете самите. Србија има 88.499 квадратни километри, четири региони, 198 општини, 6.158 населени места, 1.134 месни канцеларии, 4.820 месни заедници и 5.822 катастарски општини. Хрватска има 88.043 квадратни километри, 21 жупанија, 428 општини и 6.757 населени места и Црна Гора има 13.812 квадратни километри, 23 општини и 1.307 населени места. Со ова сакам да насочам и да ја прикажам состојбата, за да се обмисли доколку се сака да се реализира планираната реформа и да се имаат предвид голем број параметри.
Тоа не значи дека се потребни само овие неколку состојби, туку многу пошироко, од сите области. Во тој контекст, секако, треба да се има консултации со меѓународни институции, да се користат меѓународни препораки, стандарди, номенклатури и други документи.
Тоа значи, а користам искуство од претходни изработки на вакви документи во кои учествуваат повеќе институции со свои претставници, кои и какви лица ќе бидат вклучени. Искуството е такво што се дадени доста финансиски средства, а резултати не се добиени.
Затоа и кажувам дека за тоа се потребни вработувања по мерит-системот, со работно искуство и постигнати резултати, стручни, професионални, совесни, одговорни, чесни, кои ќе градат силни и стручни институции, а не по партиска основа или правична застапеност и веднаш на раководни места.
И затоа сосема на крајот треба да имаме предвид да се избегне она што го говори јавноста, во вакви активности да се отстрани политичко-партиското влијание, како и етничкото.
Прашањето на територијалната организација на локалната самоуправа е од особена важност за развојот на државата доколку таа се изработи од професионалци, стручни, познати и признаени, кои ќе дадат придонес во развојот на земјава во позитивна насока.
Дончо Герасимовски
Авторот е поранешен директор на Државниот завод за статистика