Телевизијата како судбина

Најпрвин една-две реченици за тоа што е ИНТЕРФОНИЈА… онака од техничко-инженерска визура и жаргон, стручно, со што ќе почнам и ќе се обидам со серија колумни во Нова /Вечна/Македонија… згоди, анегдоти, проекти… некој вид „склеротични МТВ-мемоари“, во кои ќе се обидам да направам една хронологија од збиднувања, мемореми со имиња и презимиња, наслови… онака, нека остане нешто како пишана трага за нашето учество во тој дел од кусата, неверојатна романтична историја на македонскиот медиумски од низ времето…
Интерфонија?!!! Тоа е еден неопходен уред што гарантира брза и ефикасна комуникација помеѓу режисерот, камерманите и членовите на екипата во продукцискиот синџир на производство од телевизиската програма обединет во мастерот… инж. Баже Ристов техничко водство, долгогодишен директор на техника во МТВ…
Интерфонијата е одлучувачки и критичен фактор, посебно во успехот или пропаста на директниот пренос…
Мастер – многу добар човек!!! – восхитено говореа младите колеги дилетанти (примени без претходна обука и школо – најчесто преку врска /вратоврски сл./ кога во некоја од режиите присуствуваа и беа сведоци на создавањето студиски емисии). Сѐ што ќе му побараш (ПО ИНТЕРФОНИЈА)… ТИ ДАВА… така низ шега коментира Кире Тренчевски, продуцент и долгогодишен ТВ-трудбеник и шеф на планското одделение.
Над четириесет години напорна работа, над 3.000 илјади потпишани наслови, од сите жанрови на ТВ-продукцијата, од мали информативни прилози, документарци до најсложениот вид играни проекти, стотици директни преноси… меѓу другото и уредник на забавната програма, одговорен уредник на документарната програма, контактно-рекреативната… на Првиот програмски сервис… Во еден краток период /шест недели/ по сплет на чудни и бајковидни околности и перипетии, по предлог на управниот одбор на МРТ бев назначен за в.д. извршен директор. Бев наивен /и покрај годините/, куса неверојатна и бездушна епизода во едно беспримерно партиско политичко превирање, своевидно реално шоу.

Токму каде што и е местото за таков тип медиумска авантура. Нејсе, за тоа во некое наредно продолжение…
Таму /во МРТВ/ за првпат се сретнав со новата феноменологија, со феноменална детекција, перцепција и анализа, екстраполација на новите феномени какви што беа рокенролот, телевизијата и медиумите, рекламите, естрадата, филмот, музиката, спортот и воопшто дузина интересни поглавја на новата медиумска социологија.
И во сето тоа неповторливо патешествие никогаш не почувствував напор, тегоба, замор… или она… ничеанското… не е суштината во тоа дека сме биле живи, туку како живеевме. Мојата работа во МРТВ е возбудливо портфолио. Македонската радио-телевизија е мојот живот… Јас Аљоша Симјановски…
На 5 март 1965 година, Македонската телевизија го оствари првиот директен пренос од сала. Македонските ТВ-кадри, со техничка помош од екипа на ТВ Белград, ја пренесуваше за гледачите на телевизијата работата на Четвртиот конгрес на СКМ што се одржа во Скопје. На спомен-фотографиите од времето со ТВ-екипата се тогаш првиот човек на македонските комунисти, Крсте Црвенковски, и генералниот директор на МРТ, Драги Тозија. Интересно е што ваквите и слични фотографи долго време беа под ембарго и не беа објавени ниту во единствената монографија „Со збор и слика“ во 1994 година.
Во 1972 година првпат видовме колор-телевизија, специјално промовирана за Летната олимпијада во Минхен, во подрумските простории на ГТЦ, а денешен паркинг. Таму привремено имаше голем маркет, нешто како стоковна куќа. Придружната мелодија на олимпијадата беше музичка верзија од Попкорн.
На 15 април 1978 година, во допис од МТВ сум известен дека сум примен на работа, на неодредено време, како асистент по режија.

Вест благопријатна, по малку изненадувачка за мене и за многумина околу мене. Како, кога, зашто, блага очуденост! Во тоа време се знаеше дека во тие сфери на дејности тешко се влегуваше, или тие „волшебни места и професии“ беа резервирани за „проверени“ кадри… за што набргу се уверив, според сомнежите и прашањата од типот, чие дете сум, кој сум, од кај сум, што сум, а во мозаикот на мојот за тоа време безмалку мистичен бекграунд, ќе споменам понекое име и презиме во интерес на истрагата и зголемената љубопитност. Стевче Пипс Ацевски, зет на мојата другарка Мима, на која сум ѝ кум и која живееше во онаа куќа до продукцијата „Вардар филм“, по неврзан разговор дека сум конкурирал за место во МТВ, еден ден во рокот на конкурсот ме однесе во МТВ и ме претстави пред тогашниот директор на продукцијата на МТВ, Киро Василев, со кого тој заедно студирал на ФДУ во Белград филмска и ТВ-продукција. Киро, еве, ви носам едно дете да го подигне нивото, имајте на ум, зборови од кои почувствува мала збунетост, со оглед на мојата вродена непријатност кога се зборува за мене.

Моето претходно скромно искуство во медиумската сфера беше едно претставување пред радиомикрофон во едно теренско снимање на Радио Скопје во моето училиште „29 Ноември“ – денес „В.П.Чернодрински“, кога ја изрецитирав пред микрофон „Авионче белокрило“, потоа во драмската секција на училиштето што ја раководеше мојата класна раководителка Ангелина Прокопиева – родена Капор, сараевчанка, сопруга на композиторот Трајко Прокопиев, секогаш дотерана и намирисана дама, госпоѓа чии парфеми и ден-денес ги паметам. Во период од две-три училишни сезони ја подготвуваме пиесата „Децата од павловата улица“ во која го играв Боко, главниот машки лик, и која ја одигравме само еднаш, и тоа неколку сцени при крајот на основното образование. Од тоа време на рана фасцинација со драмата и пишаниот збор е и првата новинарска книшка од редакцијата „Детска радост“.
Вредно е да се спомене и соработката со Михаил Бошковски – диск-џокеј, некаде во седумдесеттите. Мице имаше емисија и на радио со наслов „Добар ден среќен – ден“ за која смислував и пишував анегдоти и дел од сценариото. Мице сето тоа го пакуваше со странски и домашни поп-рефрени и хитови.
Студио Нерези – осветлена сцена, подготвени учесници. Во т.н. офф простор ги ставам слушалките и очекувам знак од режијата за да ја почнам емисијата… така започна…

Автор:Аљоша Симјановски

(Продолжува)