Театарот во Струмица како депонија на политичкиот отпад

На први мај 1949 година, со премиерната изведба на претставата „Бегалка“ од Ристо Крле, во режија на Димитар Колчаков, е отворен народниот театар во Струмица. И започнат е еден интензивен творечки, културен и уметнички живот, не само на оние што се интересирале за драмската и театарската уметност во овој дел на светот, не на Македонија, туку на светот, затоа што тоа е единствен професионален театар од Солун на југ до Благоевград на исток и Прилеп на запад. Народниот театар во Струмица многу брзо станува творечка фабрика во која освен актери, драматурзи и режисери се произведуваат и писатели, музичари, сликари, вајари и на крајот и на почетокот од сѐ култивирани и образовани граѓани, кои веќе имаат повисоки очекувања, прво од себеси, а потоа и од светот во кој живеат. И така се создава едно општество што започнува развој со динамика, интензитет и квалитет на овој простор невиден од крајот на римската империја. Освен режисерот и актер Димитар Колчаков, на сцената се искачуваат и легендите Сандо Монев, Кочо Урдин, Ацо Алексов, Веска Вртева, Стојан Гогов, Александар Думов, Љубица Пиперевска, подоцна и Ристо Костов, Зора Георгиева, Тинче Ристевска, Кирил Здравески и многу други имиња на актери и режисери. Додека, пак, со доаѓањето на веќе доајените Бранко Ставрев и Митко Маџунков, театарот во Струмица станува повеќе од театар и повеќе од уметност. Во 1957 година на сцената на театарот во улицата Боро Џони, инаку партизан и комунист што по ѕверско мачење бугарските фашисти веќе мртвото тело му го фрлаат во дупка со негасена вар за да изгори и да го нема, дебитира, тогаш сѐ уште тинејџерот Ристо Шишков. Од тука, сите ние, струмичани, кои влеговме во светот на уметноста, не само на театарот, повторувам, во светот на уметноста воопшто, тоа му го должиме на тој театар и на тие основачи и патрони. Сите ние сме деца на струмичкиот театар. Но како и сите други големи драми и оваа, освен што е составена од најмалку пет чина, има своја внатрешна драматуршка структура на експозиција, заплет, перипетија, кулминација, расплет и крај. Каде сме сега ние во овој, сега сосема е јасно, театар надвор од театарот? Во 1981 година, „комитетот“, се мисли на Партијата на комунистите од Струмица, носи одлука објектот на театарот да се затвори, а актерите да се преселат во бараки, сѐ додека не се заврши новиот театар како дел од идниот заеднички објект во Домот на културата, кој бил во почетна фаза на изградба. Кој стои зад тие одлуки со последици што траат и ден-денешен, четириесет години подоцна? Да се вратиме на структурата. Во 1949 година, скудно образовани комунисти, внимавајте – комунисти, ја разбираат потребата од основање на театар, и во такви околности, кога само пред четири години Македонија излегува од српската дваесет и петгодишна и бугарската четиригодишна окупација и асимилација, и кога на само педесет километри јужно, во Кукуш сѐ уште беснее крвава граѓанска војна, е тие комунисти, формираат професионален театар што станува епицентар на културните потреби на Македонија и Македонците, кажавме, но треба да се повтори, на овој дел од светот. Значи, може да резимираме, дека тоа се некои умни комунисти што знаеле што треба да прават. Е, па, што се случило триесет и две години подоцна? Кои се тие луѓе, во истата таа Комунистичка партија што ќе тргнат во уништување на тоа што е направено и развивано три децении? Тоа, драги мои, не се комунисти, туку комуњари.

Тоа е веќе црвената буржоазија, тоа се децата на комунистите, кои во тие рани осумдесетти години ќе го започнат процесот на обезличување на Македонија и македонските културни вредности, а ќе ескалираат неколку децении подоцна во 2005 година, кога градоначалник на Струмица ќе стане Зоран Заев. Во тој мандат, неговата партија, официјално наследници на Комунистичката партија на Македонија, неговиот пријател и патрон, премиерот Владо Бучковски, и Благоја Стефановски, министер за култура, конечно ќе го демонтираат театарот во Струмица и ќе создадат депонија на политичкиот отпад во форма на центар за култура.
Како се случи да се затворат театрите во Струмица, Штип, Куманово, Прилеп и во Охрид, внимавајте, тоа се градови со доминантно македонско население и да се создадат центри за култура? Во 2004 година стигнала директива од ЕУ за реформи во културата во оној дел што е институционален. Министерот за култура, типично за комуњари, започнува процес на намалување на бројот на институции за да покаже дека има процес на рационализација. И ги „рационализираат“ институциите, само во нивниот формален број, не во однос на нивната суштина, на дејноста или на бројот на извршители, туку ги фузираат јавната и аматерска општа култура, драмскиот аматеризам, фолклорните здруженија на граѓани, културно-уметнички организации, пејачки здруженија, други музички друштва од полупрофесионален и аматерски профил, во една институција заедно со професионален театар, ликовна колонија, библиотечна дејност и издаваштво. Еклектика од невидени размери, од која од првиот ден, со изборот на директор на таа нова институција наречена центар за култура, настануваат првите конфликти. Така, во Струмица во конфликт влегоа Ванчо Мелев, блескав актер и долгогодишен успешен директор на народниот театар „Антон Панов“ како логичен избор, и поранешниот директор на пропадната печатница Благој Мучето во Струмица, како партиско политички предлог на Зоран Заев. Претпоставувате како на крајот заврши оваа битка, нели? Во официјалниот избор победи политикологот и печатарски работник на СДСМ, кој како свое животно културно-уметничко достигнување ни го раскажуваше венчавањето на езерата во Плитивице како дел од програмата на југословенските комунисти за колективни венчавки во примерот на колективните крштевки на пријателската им и соидејничка политикантска организација православната црква, особено во градот Струмица. Така почна падот. Се измешаа масло, вода, воздух, етер и дух во една целина создадена како производ на комуњарската глупост да се покаже дека нешто се прави, без да се одмерува штетата што тоа правење ќе ја нанесе во следните декади, ако не и векови. Центарот за култура, кој и покрај противењето на еден дел од старата градска, струмичка комунистичка структура, јуношите на сељандуризмот во струмичкиот СДСМ предводени од Зоран Заев, го бришат името на комунистот и партизан Благој Мучето, како што се нарекуваше Домот на културата, кому Заев од споменикот предходно му го избриша делот од натписот дека загинал од бугарски фашисти, и на новата институција ѝ дадоа име „Антон Панов“, секако, заслужен за патронство по сите основи. Но тоа се фактите од времето што ја заокружуваат целата оваа, сега од денешна перспектива гледано, јасна и недвосмислена намера за уништување на институционалните културни и уметнички вредности на Македонија и Македонците и пасивизирање на живата култура и уметност, како природен пркос за творечка и општочовечка слобода, со цел промена прво на културниот, а подоцна видовме и на националниот и државен идентитет.

Дека ова е намера, можеме да видиме од фактот дека дестина години подоцна се формирани Турскиот театар во Скопје како одделна институција, Албанскиот театар во Скопје како одделна институција, Театарот во Дебар како одделна институција, Театарот во Гостивар како одделна институција, но се формираа и театри во Тетово и во Куманово со актерски ансамбл и сервис на албански јазик, како посебни организации. Немам ништо против тие институции, напротив, требало да се формираат многу порано, затоа што еманципацијата и јавното присуство на албанските творци, уметници и културњаци создава општа еманципација на Албанците и нивно излегување од состојбата на гетоизација. Но останува фактот дека бројот на институции не се намали, напротив, тој се зголемуваше и понатаму, а како пример во Скопје се формираше „Театарот Комедија“. За жал, процесот на уништување на институциите од културата и уметноста во источна Македонија беше прифатен и продолжи и во времето на владата на Никола Груевски, време што јас го разбирам и дефинирам како највисок стадиум на комуњаризмот. За жал, со продолжувањето на институционалната фузија и изборот на директори партиски апаратчици, Никола Груевски и неговата културно-уметничка клика ја продолжија и продлабочија агонијата започната од Зоран Заев, не само во театарот во Струмица туку и во Штип, Куманово и во Охрид, каде што денеска сме сведоци на распад на тие институции со конфликти, кои се до толку изострени што го попречуваат дури и формалното функционирање и одржување на дејноста. Во периодот кога ВМРО-ДПМНЕ имаше власт на национално ниво, некаде околу две илјади и единаесеттата, во Струмица јас бев дел од комисијата за култура и тогаш направивме програма за културна преродба на Струмица. Освен одделувањето на дејностите театар, музеј и галерија како одделни институции, предлагавме изградба на археолошки и етнографски музеј на Струмица во центарот на градот, за што убеден сум и ден-денешен дека тоа е институцијата што недостига и која ќе биде репрезент на огромното културно богатство на овој дел од Македонија, и институција што ќе го засили и поттикне развојот на туризмот. Но тоа е друга тема, која е дел од вистинската комплементарност и вмрежување на дејностите од културата и уметноста во стопанството и индустријата, за што ќе пишувам на крајот од овој серијал. Дел од таа програма за култура на ВМРО-ДПМНЕ во тоа време беше и реставрација на зградата на стариот струмички театар и враќање на театарџиите во нивната природна татковина – театарот на улицата Боро Џони. Зоран Заев скокна до небото, врескаше на цел глас да му се даде театарот нему, а тој како градоначалник ќе го изградел во еден мандат. Јас бев авторот на проектот, скиците и видеата што беа претставени во кабинетот на тогашната министерка за култура Елизабета Канчевска Милевска, која го прифати проектот за реконструкција, и во 2014 година владата на Никола Груевски ја започна изградбата на стариот театар во Струмица, која во три години стигна до завршните работи и внатрешното уредување. Во 2017 година, Зоран Заев стана премиер на Македонија, а градоначалник си остана неговиот партиски избор од комуњарската партија. И пет години подоцна, кога СДСМ во Струмица на чело со Зоран Заев имаше апсолутна власт, не успеа да го доврши и пушти во употреба објектот на стариот театар, кој толку многу сакаше да му се даде. Му се даде. И, што? Ништо. Ете го таму, сѐ уште се гради. Да се прашаме ли зошто?

Комуњарите, во сите три мандати што ги имале од осамостојувањето на Македонија, биле, се и ќе бидат сатрапи на македонската култура и уметност. Ниту ги интересирало, а ниту знаеле што да прават со уметноста и културата, освен, секако, ревносно да го реализираат планот за културен геноцид на Македонија и на Македонците. Сега на каде? Каде е излезот, драги мои? Едноставно е. Сѐ треба да се врати таму каде што било. Театарот во театарот, музејските експонати и артефакти во музеите, сликите, скулптурите и другите дела на применетите уметности во галериите, а општата култура и слободните и популарни граѓански културни, музички, фестивалски, парадни и аматерски уметнички дејности во домовите на култура. Сосема е јасно каде е проблемот и како да се реши. Треба да се одделат неспоивите дејности од јавната и популарна култура со уметноста, театарот, кината, музеите и галериите и стимулирање на нивната професионализација и развој како одделни општествени и стопански дејности. Тоа е, нема друго. Резултатите ќе бидат видливи веднаш, тука и сега. Немам никакви дилеми во тоа, ама никакви.

Авторот е режисер и универзитетски професор