Поимот алтајски треба да се разбере како заедница што се состои од Хуни, Авари и Прабугари. Од лингвистичка точка, изразот алтајски ја опфаќа општата историја на хуно-бугарскиот јазик, како и јазикот на Аварите
Во бугарскиот учебник „Историја и цивилизација за 5. клас“, кој е објавен во 2016 година, можеме да го прочитаме следното: „Опишете на картата во атласот каде настанала бугарска држава, како и денешните граници. Посочете ги бугарските престолнини: Плиска, Преслав, Трново, Охрид и Софија.“ Во истиот учебник во рубриката „Проверете го наученото од 4. клас“ е поставено прашањето: Првата бугарска престолнина е…, при што под б) е понудена можноста за избор на Охрид.
Има две можности за овој апсурд. Авторите на учебникот не ја познаваат историјата или станува збор за иредентизам и шовинизам. Поверојатна е втората варијанта, бидејќи во сите бугарски учебници по историја можеме да прочитаме дека Македонија е бугарска земја. Тука логично се поставува прашањето дали ова е говор на омраза. Но за ова во некоја друга пригода.
Во медиумите можевме да слушнеме и да прочитаме дека македонските историчари ширеле говор на омраза затоа што во некои од нашите учебници пишувало дека Бугарите, се мисли на Прабугарите, биле татаромонголско племе што се занимавало со грабежи. Исто така можевме да слушнеме или да прочитаме дека оваа искажување било врз основа на читање бугарски учебници. Оние што се критични кон искажувањето дека Прабугарите биле татаромонголско племе велат дека тоа било стара теорија.
Но да прочитаме што вели современата светска наука за Прабугарите. Според Антоанета Делева-Гранберг, прабугарскиот јазик е единствен меѓу сите алтајски јазици и има заеднички карактеристики со хунскиот јазик, бидејќи се формирал во областа на северозападната граница на Кина, во периодот помеѓу 5 и 3 век пред нашата ера. Според неа, прабугарскиот јазик има позајмувања од иранскиот јазик. Тоа најчесто се имиња и културолошки изрази, како и некои карактеристики што се поврзани со турските јазици и монголскиот јазик. Антоанета Делева-Гранбер го именува прабугарскиот јазик како хуно-бугарски јазик. Според неа, поимот алтајски треба да се разбере како заедница што се состои од Хуни, Авари и Прабугари. Од лингвистичка точка, изразот алтајски ја опфаќа општата историја на хуно-бугарскиот јазик, како и јазикот на Аварите. Гранберг вели дека овие јазици со своите карактеристики се поблиску до чувашкиот и монголскиот јазик, со што се разликуваат од турските јазици.
Според класификацијата Омелијан Прицак, прабугарскиот јазик бил сличен со хунскиот јазик. Прицак вели дека како дел од алтајските јазици, хунскиот јазик зазел средина помеѓу турскиот и монголскиот јазик, но бил поблизок до турскиот јазик, покажувајќи одредени сличности со турскиот и јакутскиот јазик.
Светските научници по сѐ изгледа дека ја решиле енигмата за Прабугарите. Затоа во нашите учебници треба да пишува дека Прабугарите не биле татаромонголско племе туку дека биле бугаро-хуни што говореле на хуно-бугарски јазик, јазик што бил сличен со јазикот на Аварите. На овој начин ќе се усогласиме со светската наука. Меѓутоа суштината на проблемот не е во тоа.
Историски гледано, етногенезата на денешните Бугари е различна од етногенезата на денешните Македонци. И тука е проблемот. Првата бугарска држава се формира на територијата помеѓу Дунав и Стара Планина, кога Прабугарите ги покоруваат тамошните словенски племиња, тоа е јадрото од каде што Прабугарите ги започнаа своите освојувања на Балканскиот Полуостров.
Меѓутоа, тука не завршува етногенезата на денешните Бугари. Дополнителен супстрат кон бугарската етногенеза се случува во 12 век, кога Асен и Петар заедно со Куманите го формираат Второто Бугарско Царство, повторно на територијата помеѓу Дунав и Стара Планина. И повторно оттука беа освојувани балканските земји. Но кои се Куманите? Според светската историја, тие се номадски турски народ, кој се формирал во степите на Азија и во 10 век пристигнал во Европа. Првостепено се појавиле во земјите на Источна Украина и Панонската Низина.
И сега некој може да нѐ обвини дека шириме говор на омраза, но ние само ги пренесуваме видувањата на светската наука и ништо повеќе. Светската наука вели дека етногенезата на денешните Бугари и Македонци е различна, без разлика дали некој се обидува да ја ревидира историјата или се обидува да ја усогласи со бугарските учебници по историја.