Свети Климент Охридски – духовник и човек од народот

Настани, симболи, алузии

Многу книги, многу дела се напишани за животот и делото на Свети Климент. Но Пролошкото житие на светецот напишано на грчки јазик од архиепископот Охридски Теофилакт најверојатно меѓу 1089 и 1090, а објавено во Москополскиот зборник, е еден од првите и основните пишани документи што го опишуваат Свети Климент и како духовник и како обичен човек.
Москополскиот зборник печатен во 1741-1742 година е поствизантиски извор релевантен за историјата на македонскиот народ од доцната антика до новиот век. Тој содржи служби и пролошки житија на Св. Еразмо, светите петнаесет Тивериополски маченици, Св. Климент, Св. Наум и Св. Јован Владимир, како и две служби: на Св. Никодим и Светите Седмичисленици (Климент, Наум, Сава, Горазд, Ангелариј и нивните учители Кирил и Методиј).
Зборникот не ѝ е непознат на научната јавност и тој е од посебно значење за нашата историја, пред сѐ за Охридската архиепископија. Житијата од овој зборник за првпат се транскрибирани, преведени од грчки јазик, коментирани и објавени во 1996 година од македонскиот историчар Христо Меловски. Постојат две житија, едното долго (пространо), другото кратко. Долгото му се припишува на Теофилакт, архиепископ охридски. Во науката постои извесно сомнение дали Теофилакт е вистинскиот автор (или е препишувач), но не постои сомневање дека житието било напишано во Охрид кон крајот на 11 и почетокот на 12 век. Автори на краткото се Димитриј Хоматијан и Константин Кавасила, од првата половина 13 век, и тоа е познато како Охридска легенда.

Според житието, учителот Климент доаѓајќи во Охрид, освен црковните дејности и ширењето на верата Исусова, почнал да го учи на уредност и смиреност непросветениот народ, „секогаш поучуваше поправајќи го незнаењето, уредувајќи го нередот, станувајќи сѐ за сите, според потребата за секого, учејќи го народот во црковното доброредие. Ги учеше луѓето на псалмите и молитвите така што свштенослужителите и неговата епископија ги направи со ништо да не заостануваат пред никој од дотогаш познатите“.
Климент беше и татко на сираците и заштитник на вдовиците, грижејќи се за нив на секаков начин, а неговата порта секогаш се отвораше за секој сиромав, и туѓинец не останувал надвор. За сите празници составил слова на словенски јазик, едноставни и јасни, кои ќе ги разбере и најпростиот човек.

Оние што го познаваа сведочеа дека никогаш не го виделе да безделничи, ги учеше децата запознавајќи ги со обликот на буквите, на возрасните им ја објаснуваше смислата на напишаното, а на третите им ги оспособуваше рацете за пишување не само дење туку и ноќе. Се оддаваше на молитва или се зафаќаше со читање или пишување книги, а понекогаш правеше две работи истовремено. Знаеше дека мрзливоста на секакво зло подучува, додека мудроста на секакво добро. Брзаше да ги менува мислите на луѓето кон питомост и човечност. А колку што бил подготвен на сомилост толку бил наклонет кон скромност, дури неговата грижа да се прикрие додека чудотвори била поголема од желбата тоа да се дознае и разгласи.
Бидејки земјата кај што го проповедаше бога и го славеше делото Исусово беше полна со диви дрвја, а облагородени видови немаше, тој го подари и ова добро пренесувајќи од земјата на Грците секаков вид облагородени дрвја, а со калемење ги облагороди дивите за да ги просветли преку тоа душите на луѓето, соковите на добрината да ги престори да донесуваат плодови за исполнување на божјата волја. Така значи тој целосно стана од полза на душите и се грижеше за црквата на Господа на секој начин да ја рашири.

Свети Климент и Свети Наум го основале заедно првиот Словенски универзитет. Од тој универзитет, познат како Охридска книжевна школа, излегле 3.500 ученици, од кои некои направени чтеци, подѓакони, ѓакони и презвитери, со што биле удрени цврстите темели на писменоста кај словенските народи, особено кај Јужните Словени, кои на тој начин го дадоа и го даваат својот придонес во европската христијанска цивилизација.
За дејноста на Св. Климент, покрај податоците во неговите житија, зборуваат и неговите дела: тој бил основач на Македонската православна црква, основач на Охридската книжевна школа, автор на голем број поуки, пофални слова, пространи житија за Св. Кирил и Св. Методиј, учител, советник на населението, градител на цркви, овоштар и вешт калемар.

Својата дејност ја вршел во неговиот манастир „Св. Пантелејмон“ во Охрид, изграден околу 893 година, каде што самиот си направил гробница. Во 15 век манастирот бил претворен во џамија, поради што неговите мошти биле пренесени во црквата „Богородица Перивлепта“, која оттогаш е наречена „Св. Климент“. (По изградбата на црковниот комплекс на калето, на почетокот на 21 век, моштите се пренеси во него.)
За омиленоста на ликот на Св. Климент, освен житијата, зборуваат и ликовните претстави. Најстар досега познат лик на Климента е оној на јужниот ѕид на црквата „Света Софија“ во Охрид од времето на архиепископот Леон (средината на 11 век), како и на северниот ѕид на црквата „Свети Ѓорѓи“ (1191) во Курбиново, преспанско село, оддалечено педесетина километри од Охрид. На неколку најстари икони Свети Климент е претставен заедно со Св. Наум и со Св. Еразмо.
Месноста – градот Москополе, во близината на градот Корча, во 18 и до средината на 19 век бил центар на Власите, кои биле населени во делови на Албанија и Грција. Според некои хроничари, во тој период било мошне развиено место со повеќе од 20 илјади жители, иако се спомнуваат бројки од 60 илјади. Москополе ѝ припаѓало на Охридската архиепископија, неговите жители ја држеле речиси сто години јурисдикцијата на манастирот „Свети Наум“. Москополци дале и еден архиепископ.
Во тогашната печатница биле објавувани низа црковни и просветителски книги, главно на грчки јазик. Во Москополе и непосредната околина имало 26 цркви. Две години по укинувањето на Охридската архиепископија, во 1767 година, Москополе е речиси изгорено од турските власти во голем пожар. Тоа бил првиот, а вториот уништувачки пожар се случил речиси педесет години подоцна.

[email protected]