Старите лица во општествениот фокус: Грижата да не стане негрижа

И кај нас, како и во повеќето странски земји, животниот век значително се зголемува. Како во светот така и кај нас имаме сѐ повеќе стари луѓе, а со текот на времето ќе има уште повеќе. Со зголемувањето на бројот на стари лица се зголемува и грижата за оваа популација.
Според физиолошките функции, човечкото тело значително слабее по 65-та година од животот, но во геријатриската возраст многу слабости кај релативно здравите стари луѓе тешко се забележуваат додека телото не биде изложено на голем стрес (на пример, пневмонија), кога влошувањето на здравјето е јасно видливо. Состојбата на здравјето и способноста на старите луѓе, т.н. геријатриски статус, вклучува испитување на клиничката и функционалната состојба на личноста. Ваквата процена ја вршат матичните и други лекари. Основното функционално ниво се однесува на грижа за себе – општа хигиена, бањање, облекување, самостојно користење на тоалетот… Повисокото ниво претставува независно одржување на домаќинството, но луѓето над 75 години обично имаат потреба од помош барем за една процедура. На највисоко функционално ниво, старецот дури и му помага на семејството или делумно се занимава со својата професија.
Сепак, некои постари лица се физички и/или психички малтретирани, често запоставени, а злоупотребата на нивниот имот е во пораст. Најтешко им е на оние што немаат роднини или кога роднините не се заинтересирани за нив. Физичкото малтретирање се случува преку употреба на сила. Покрај тепање, врзување, оставање храна и вода, понекогаш се случуваат и сексуални инциденти. Психолошката злоупотреба се врши преку зборови, постапки и други средства за да се предизвика емоционална вознемиреност. Чести се заканите дека лицето ќе биде испратено во дом за стари лица од најниска класа или нема да се разговара со денови. Злоупотребата се јавува со повлекување лекови или давање прекумерни дози, како и со притисок врз лицето да го препише имотот на одреден начин или имотот неодговорно се троши.
Како се спречува злоупотребата? Проблемот е што злоупотребата е тешко да се открие, затоа што жртвата се плаши да проговори или е немоќна. Понекогаш човек доаѓа кај здравствен работник, кој често го припишува на конфузија, параноично однесување или деменција. Од друга страна, демначот социјално ја изолира жртвата и ја спречува да има контакт со надворешниот свет, така што одбива посетители и ѝ го исклучува телефонот.
Понекогаш член на семејството или договорен негувател нестрпливо чека за пренос на имотот по смртта на лицето. Најлошо е кога човек „предолго живее“. Уште полошо е кога финансиските средства на негувателот ослабуваат или личноста е психички нестабилна. Злоупотребата е индицирана со физичко оштетување, кога болеста се пријавува доцна или негувателот ги одбива домашните посети на медицинската сестра. Поради злоупотреба или запоставување, третина од постарите живеат значително пократок живот од оние што не се изложени на такви ситуации.
Доколку лекарот утврди дека постои голема опасност за пациентот, тој во договор со пациентот донесува одлука за итен прием во болница и бара помош од социјалните служби. За помал итен случај, лекарот и медицинскиот персонал треба да му помогнат на пациентот да го реши проблемот. Ако лицето е неспособно, социјалната служба назначува старател. Медицинските сестри и социјалните работници ја имаат најважната превентивна улога во злоупотребата.
Општеството треба да развие капацитети за сместување и грижа за геријатриската популација на три нивоа: здравје со низок ризик (околу 65 проценти), умерен ризик (околу 30 проценти) и висок ризик (околу 5 проценти). Тоа ќе обезбеди грижа за сите луѓе што се постари од 65 години, а особено за оние што немаат роднини или роднините не се заинтересирани да се грижат за стариот човек. Еве конкретен неодамнешен пример. Неодамна во болница била донесена болна старица од богато село. По прегледот било кажано дека била изгладнувана, оставана без храна. Починала неколку дена подоцна…

(Д-р Рајко Игиќ е автор на книгата „Основи на геријатријата“)