Во светот на џудото постојат само едни правила што се насекаде исти. За тие правила да бидат исти насекаде низ светот и на тренинг и на натпревар и за судиите и за натпреварувачите треба да се изговараат на еден јазик, и тоа на јапонски. Така, на пример, ИПОН на јапонски е цел поен или победа, и така се изговара и во Јапонија и во САД и во Македонија и во Хрватска. Што би се случило доколку во Македонија се вели цел поен, во САД full point, во Хрватска цео поен? Па самите натпреварувачи и судии ќе се збунат, затоа што џудото се користи во целиот свет. Сега замислете на натпревар во џудо што се одржува во Зимбабве да има судија од Македонија и тој да досуди (да каже) на македонски ЦЕЛ ПОЕН наместо како што е на јапонски, ипон. Мислите ќе го разберат? Ќе го разберат доколку учеле македонски или доколку некој Македонец се натпреварува во Зимбабве на тоа натпреварување, инаку ќе се чудат што значи тоа. Ќе се направи збрка, збунетост, натпреварувачите, публиката, помошните судии, комисијата нема да знаат што да прават. Е, сега тоа да го пресликаме во светот на финансиите и бизнисот каде што сите нешта треба да бидат регулирани на ист начин, инаку нема да функционира ништо. Е, тоа регулирање, како во џудото, треба да го олесни стандардот (групата стандарди) од ИСО 20022 областа што ќе овозможи размена на електронски пораки помеѓу финансиските институции што драстично би го промениле начинот на кој банките комуницираат едни со други со зголемување на количеството информации и брзината што може да се соопштат (разменат) и подобрување на интероперабилноста. Со негова примена ќе се синхронизираат јазиците што се користат помеѓу традиционалната инфраструктура и новите системи, но исто така драматично ќе влијае на криптоиндустријата. Поточно, валутите што се во согласност со стандардот може побрзо да се усвојат во традиционалниот финансиски систем и доколку големите криптовалути, како биткоин или етериум се интегрираат во системот СВИФТ и им се дадат официјални ИСО-броеви, ова би можело да го промени начинот на коегзистирање на екосистемите на крипто и фиат (Fiat) валутите. Во моментов, сите брзи пораки се класифицирани како пораки „MT“ и тоа е кратенка за тип порака/текст.
Потоа следува трицифрен број што ги означува категоријата, групата и типот на пораката. MT-пораките се структурирани преку стандардот Исо 15022, кој би требало да биде заменет со стандардот ИСО 20022. Тука се појавуваат неколку проблеми што се однесуваат на усогласеноста на називите на криптовалутите со официјалните називи на валутниот стандарден идентификатор ИСО 4217 во форма на шифра со три букви, систем што се користи од 1978 година. Или поедноставено, стандардот ИСО 4217 ги кодифицира плаќањата на фиат (fiat) валутите или ИСО ѝ дава на секоја валута идентификатор во форма на шифра со три букви, и тоа: USD за американски долари, EUR за евра, MKD за македонски денари. Така, ако се врши префрлање на 2.000 долари од еден на друг субјект, тогаш автоматски ќе ги користи стандардите утврдени со списокот со валутни кодови ИСО 4217 што го дефинира американскиот долар како USD. Истото тоа се однесува и на идентификацискиот број на хартии од вредност (ИСИН), како и обврзници и акции според стандардот, каде што во официјалната шифра на валутата првите две букви генерално се изведени од азбучниот код на земјата (дефиниран во ИСО 3166), а последната буква генерално е изведена од официјалното име на валутата. Постојната кодификација на криптовалутите не е официјално класифициранa и се користат неофицијални ИСО-кодови или криптокодот на Solana e SOL, но SO е кодот (според ИСО 4217) на официјалната валута на Перу, или криптокодот на Bitcoin e BTC, но BT е кодот (според ИСО 4217) на официјалната валута на Бутан, или криптокодот на Musk doge e MKD, но MKD (според ИСО 4217) е кодот на официјалната валута на Р Македонија. Што значи дека биткоинот BTC, солана SOL, Musk doge и многу други се конфликтни со постојните меѓународно прифатени валути според ИСО 4217. Решавањето на овој проблем е можен само доколку криптовалутите се компатибилни со ИСО 20022. Тоа значи и дека биткоинот BTC ќе добие и друг официјален назив што ќе биде усогласен меѓународно. Одредена група криптовалути или се во крајна фаза или се усогласени со ИСО 20022 т.е. само тие не се во спротивност со постојните кодови, и тоа: XDC, XRP,Algorand, Quant, Stellar, IOTA, Hedera.
Банките и финансиските институции мора да ги префрлат своите платежни системи од користење СВИФТ-пораки на ИСО 20022 поддржан од блокчејн – кој е многу поструктуриран и богат со податоци за финансиски пораки. Во 2025 година, ИСО ќе биде глобален стандард за платните системи со висока или голема вредност во сите резервни валути и се предвидува да се справи со над 90 отсто од сите трансакции. Европската централна банка и СВИФТ ги објавија датумите за стапување во сила на ИСО 20022. Поради тоа треба и институциите во Р Македонија што се задолжени за оваа област да бидат во чекор со времето, да не бидеме изненадени. Техничкиот комитет (група на експерти) на ИСО што се занимава со оваа област е ИСО/ТЦ 68/СЦ 9 под името Размена на информации за финансиски услуги. Секретаријатот го води АФНОР – Францускиот институт за стандардизација. Објавени се осум стандарди од групата ИСО 20022. Обединетите нации ги ставиле овие стандарди во Глобалните цели (SDGs) во целта 9: индустрија, иновации и инфраструктура што се стреми да изгради отпорна инфраструктура, да промовира инклузивна и одржлива индустријализација и да поттикнува иновации.
Љупчо Давчев
Авторот е магистер по технички науки од областа на енергетското машинство, поранешен член на Советот на ИСО и на управните одбори на двете Европските тела за стандардизација ЦЕН (CEN) и ЦЕНЕЛЕЦ (CENELEC).