Ете, уште една револуција заврши! Земјата ни изврте речиси 150 милиони километри за 365,256 дена. Револуцијата да ти била круг, враќање на почетокот! Превратот, а со тоа и пресвртот е само илузија. Ништо ново под сонцето: револуцијата е само враќање на почетокот. Вечно враќање би рекол Ниче. Но во тоа е и надежта на секоја револуција – дека е можно сè да започне одново! Да се почне од нула, од почеток, од чист, неизвалкан старт! Да се добие нова шанса. Оваа надеж е речиси архетипски положена во секој од нас, во човештвото воопшто. Ја има присутна во секоја религија, во секој мит! Архетипот за новумот, исто како и архетипот за апокалипсата се двете крајности помеѓу кои осцилира нашата лична и колективна надеж!
Револуцијата ја замислуваме како можност за целосен пресврт. Но, за жал, или за среќа, „природата не прави скокови“, ништо ново никогаш и не започнува вистински под сонцето. Освен иницијалниот чин на ex nihilo, ниту една револуција, не е апсолутна. Споменатиот Ниче во една пригода ќе запише: „како со нож се отсеков од сопственото минато“! Ох, Ниче, лажову, никој не го заборава своето минато, па дури ни ти! Зарем токму тоа минато и не те полуде!?
Годината пред нас не може да не ја влече и онаа пред неа. И таа пред неа и таа пред неа. Минатото секогаш како талог застојува во сегашноста и се исцедува во иднината. Така и оваа, се надеваме дека ќе биде нова, поразлична, друга… Но семињата се посеани од поодамна, еден симболичен „пресврт“ на 31.12.2023 нема да направи „револуција“ на 1.1.2024. А таа што измина, а и таа претходно беа навистина бурни, како за нас така и за светот. Ќе се обидам да задржам доза оптимизам, секако, но следејќи ги светските политички и особено воени случувања, проекцијата за годинава што започна би требало да биде барем претпазлива. Годината зад нас не заврши најдобро, а и оваа не започна така. Според непотврдени информации веќе започна отворен судир помеѓу Хутите и морнарицата на САД во Црвено Море. Јемен најавува целосна мобилизација. Тензиите околу Израел се закануваат да го запалат целиот регион!
Некаде бев и запишал дека кулминацијата на светските случувања ќе биде 2024/2025 година. Се разбира, никој нема кристална топка, па ниту јас, и ваквите предикции никогаш не се во сферата на егзактноста, ами само се резултат на следење на тековните процеси во изминатите години и извлекување здраворазумски заклучоци. Како меѓник на тие процеси многумина веќе ја земаат војната во Украина. Се разбира, тоа е видливиот дел од тектонските процеси во светските геополитички случувања, врвот на сантата мраз. Според многумина, тие процеси се започнати од поодамна, а директното спротивставување на САД и Русија се случи во Сирија. Кина, од друга страна, е силата во надоаѓање што не се запира!
На економски, политички, меѓународнополитички, т.е. геополитички план, особено, се случуваат толку огромни процеси, толку неповратни процеси што светот никогаш повеќе нема да биде ист. БРИКС, Шангајската организација за соработка, „глобалниот југ“ генерално, веќе предводат сериозни процеси на темелна трансформација на светот. Меѓусебната тесна соработка, трговијата во сопствена валута, намалувањето на глобалното влијание на петро-доларот, експанзијата на автономни технологии, научниот и технолошкиот развој и особено помирувањето на довчерашните лути ривали против заедничкиот непријател ја доведуваат империјата во не баш завидна положба. Европа избра да биде американски вазал и да се деиндустријализира и барем на краток рок да ја спаси американската економија, префрлајќи ги бизнисите на американска почва, а себеси засекогаш да си ја затвори можност во овие геополитички констелации да изникне во сериозен играч. Контурите на новиот свет веќе се гледаат!
Сумарно: Русија и Кина предводат светски промени против „колективниот запад“, против „империјата“ и нејзините вазали! Светот од оваа точка нема враќање назад. И токму тоа ја чини ситуацијата не баш оптимистичка. Ова е битка на титаните во која за секого влогот е сè или ништо! Империјата одбива да умре доброволно и ќе стори сè за да го задржи својот непредизвикан статус на апсолутен светски доминус. Но светот веќе не е игрална на САД и тоа е она што тие не го гледаат и што ги прави опасни како ранет ѕвер. Во Украина си ги скршија забите, во Тајван ги чека истото… Арапскиот свет им сврте грб, Африка се буди од неоколонијалниот статус исто како и Јужна Америка…, а тие упорно мислат дека се исто толку моќни да чинат што сакаат како и досега. Едноставно не можат да прифатат дека повеќе не се! А замислете колку беа: без поддршка на меѓународно право и организации почнуваа воени акции, бомбардираа, масакрираа, менуваа влади… Замислете што можеа да си дозволат пред само неколку децении – да ја бомбардираат Амбасадата на НР Кина во Белград!? Дали можете да го замислите тоа денес!?
Во ниту еден конфликт, во ниту една политика досега, тие никогаш немале „план Б“, затоа што досега биле толку моќни што „планот А“ секогаш им успевал! Никој никогаш не ги спречил во нивниот „план А“. И токму тоа е она што сега буди најмногу загриженост! Сега „планот Б“ веројатно би бил да го кренат светот во воздух заедно со нивната пропаст! Зошто ако тие не се светот – светот не мора ни да постои! Тоа веројатно им е логиката израсната во самотијата на хегемонијата во изминатите децении. Тие се предолго на врвот осамени за да водат грижа за кој било друг. Тешко се буди кој било од тој убав сон. И кога би имало кој да им каже дека тој сон е завршен, тие одбиваат да се разбудат.
А американскиот сон, драги мои читатели, е завршен! Ние ги сведочиме смртта на империјата и раѓањето на новиот свет. Каков ќе биде тој свет, сега засега, ретко кој може со сигурност да каже: дали тоа ќе биде повторно биполарен или мултиполарен, или можеби повторно униполарен свет, останува да видиме, но ист, секако повеќе нема да биде. Позициите одамна се заземени, двете страни на судирот се предводени од нуклеарни сили и ниту една нема ниет да се повлече и токму тоа го поставува прашањето од насловот на оваа колумна: да не би да е ова последната година што човештвото ќе ја слави!? Да се надеваме дека пред неизбежната катаклизма сите ќе разберат дека светот е сепак доволно голем и дека има доволно место за сите. Да се надеваме дека старите и новите светски играчи ќе седнат навреме на некоја нова „Јалта“! И револуцијата ќе значи нов почеток за сите! Среќна ви Нова година!
Трајче Стојанов