Знаеш како битолчани го викаат возот што патува до Битола?
Не, како?
Датумот.
Зошто датумот?
Па, не стига бе, брат!
Во новата година посакувам сите два воза што го крстосуваат блескавиот и моќен Нордистан, да стигаат навреме. Или барем со половина ден задоцнување. НАТО-членка сме или заостаната транссибирска железница? Тоа што таму возовите се патувачки хотели што стигаат навреме, а практично возат преку половина планета, сигурно е руска пропаганда. Мора да се тоа Потемкинови села, оти Русија не е НАТО и не може да блеска. А кога веќе ја споменав Русија, нели таму се во паничен страв, оти Нордистан кажа дека е спремен да тргне заедно со Алијансата на источниот фронт? Нели е малку глупо, Русите во паника пред моќниот Нордистан, а ваму еден воз патува цел ден од Скопје до Битола? Добро сега, знам јас дека ова со возот е врвен воен маневар. Ги местиме Русите да се опуштат мислејќи дека сме катастрофа. Ма, овие сигурно ќе задоцнат со нападот, така ќе си речат. И ќе се фатат за вотка. Е, тогаш ние напаѓаме и ждрагадау рапарапу, блицкрик, фиуууууууу… бабабау.
Уште збор-два за Русија, оти Нордистан заедно со НАТО-членките ќе маршира на Москва, ако Кремљ одлучи да ја нападне Украина како што вели Западот, иако Русите постојано тврдат дека не планираат да го сторат тоа. Ама, па, и што знаат тие, штом Бајден, Џонсон, Столтенберг и Си-ен-ен велат дека ќе нападнат, сигурно е така, зашто они секогаш знаеле дали во Ирак има хемиско оружје, што е полезно за Авганистанците и како Либија подобро ќе функционира како држава ако направат да не биде држава. Па така, кога веќе маршираме на Москва, добро е моќната нордистанска војска одблизу да го запознае својот непријател.
Затоа во новата година посакувам војската да добие моќна обука преку воени маневри на Криволак, каде што војниците ќе бидат распоредени во формација седи-читај-мисли или тактика позната како „фул метал џекет Достоевски“. И така едно недела дена да маневрираат, копаат ровови и газат преку мински полиња меѓу редовите на генерал Фјодор Михајлович за да научат дека историјата оставила записи од подземјето каде што се споменуваат некои бедни луѓе опседнати од демони, кои почнале да се однесуваат како идиоти, па тргнале на Русија, ама за секое злосторство си добиле и казна, по што свиткале опаши и понижени и навредени се вратиле во своите мртви домови.
Во новата година исто така посакувам сите пожарни да добијат телефони. Не дека Нордистан има проблем да се справи со пожари. Сме изгасиле ние едно чудо огнови. Ете, го изгаснавме пламенот на македонизмот. Тоа зло што одбиваше да ни ги плати сметките. Затоа и го изгасивме, прав и пепел го сторивме. Ама затоа сега, кога го имплементиравме европските вредности, тие ни ги плаќаат сметките. Добро сега, во некои пожарни стварно нема телефони, па селаните мора да трчаат за да кажат дека во плевната им избил пожар. Има тоа своја позитивна логика. Луѓето премногу се опуштија. НАТО им донесе мир. Европеизмот им донесе огромно богатство. Мирот и богатството опуштаат. Граѓаните на Нордистан омлитавеа, се здебелија. Затоа е океј малку да се растрчаат во случај на пожар како дел од реформата на државата за здраво тело, во здрав дух.
Во 2022 година посакувам Нордистан да добие повеќе датуми од ЕУ за разлика од годинава што заминува. Прогресијата мора да продолжи. Треба да ни стане традиција. Како на Евреите холокаустот. Како сексапилноста на Европската Унија. Оти прво добивме два датума. Еден во авион и еден на Телма. Потоа Зоќи од парламентарна говорница ги потврди и рече да си пукнеме од мака. Европската Унија увиде дека станува збор за врвен политичар за каков само може да сонува дека ќе има во своите редови, па следната година му ги удвостручи датумите.
Сите мислевме тоа е тоа. Но Унијата нè изненади. Изминатава година го преплави Нордистан со датуми. Ги имаше многу, ама неколку силно се издвоија. Како оние пред прв и втор круг локални избори. Датуми што ги обединија прогресивните сили против небањатото зло. Сепак, најблескав од сите беше последниот. Датумот што ЕУ го испрати за да го спаси стабилното владино мнозинство. Датум за кој лично Американците ургираа. Макрон ја крена цела дипломатија за да го осигури. Дури и на Кастриот му соопштија дека е договорено. А летечкиот Холанѓанец Руте лично го донесе. Затоа посакувам следната година датумите да се дуплираат. Тоа е доказ дека сме успешни и моќни.
Во новата година посакувам веќе да нема неисправни продолжни кабли. Да нема непримерни патници што не проверуваат дали автобусите имаат дозвола за патување. Тоа многу ги вознемирува нашите нежни министри. А такво нешто не смее да се случи. Да се вознемируваат владетелите. Оти они ни се сè што имаме. Не смее да се вознемирени или не дај боже, да ни се налутат. Тоа може да биде страшно, зашто нашите владетели се многу добри другарчиња со своите господари, американски амбасадори и ЕУ-бирократи. Ако ни се налутат може веќе да не добиваме датуми и потоа кој ќе ни плаќа сметките?
Имам уште многу да посакам во новата година, ама немам веќе редови. На новинарите, особено новинарките, им посакувам уште многу селфија, фотосесии и оклештени лица со моќта и нејзините преставници. Тие што мрчат дека не носеле маски и не држеле дистанца се обични злобници. Не ја разбираат длабоката симболика на чинот. Прво, фотосесии со моќта ја покажува медиумската транспарентност. Неносењето маски значи дека паднаа маските што ги носеа кога се сликаа со режимот. Недржењето дистанца симболизира дека медиумите ѝ дишат во врат на власта. На новоизбраниот капетан на титаникот наречен Нордистан, му посакувам уште подлабоко да го фрли сидрото за лаѓата поквалитетно да плови. Ако неговиот претходник со фрлено сидро ни ја отвори економската морска шир, на новиот капетан му посакувам успешна пловидба во духовните длабочини. На судската власт ѝ посакувам уште повеќе независност од правдата и зависност од власта, оти правдата е слепа, а власта прогресивно просветлува и добро е да продолжат со политички прогон врз неистомисленици, бидејќи таквата реформа е во симбиоза со книжевноста. Што повеќе кафкијански процеси толку повеќе идни Солженицини и колку повеќе храбри нови судии и обвинители, толку поблиску до Орвеловата среќна нова 1984 година.