Триесет години потоа дали може да кажеме дека Европската Унија беше успешен проект? На 1 ноември 1993 година стапи во сила Договорот за Европската Унија, попознат како Мастришки договор, со кој и формално беше воспоставена Европската Унија. Оваа спогодба стави дефинитивна точка на прашањето низ која институција ќе се канализира и ќе се одвива процесот на европската интеграција. Наедно, Мастришкиот договор беше круната на успехот на една генерација европски политичари, предводени од Хелмут Кол и Франсоа Митеран, кои бараа обединет европски одговор на предизвиците на светот на глобализацијата, тукушто породен по крајот на Студената војна. Договорот за Европската Унија треба го даде политичкиот темел на идната европска федерација и симболички да означи „нова фаза во процесот на европската интеграција“. Тогаш се воведе европското државјанство, се најави заедничката валута и се исцрта скицата за заедничката надворешна и безбедносна политика. Денес, триесет години подоцна, јасна е оцената дека Мастришкиот договор беше успех и дека безмалку сите зацртани проекти во спогодбата беа полн погодок. За времетраењето на глобализацијата, ЕУ успеа да се прошири прво на 15, па на 25, за во еден момент да дојде на 28 членки. Единствениот пазар и Договорот од Мастрихт овозможија создавање најсериозна континентална интеграција во историјата на човештвото. Се разбира, останаа и многу сериозни контроверзии. На патот кон европската федерација, ЕУ ја изгуби Велика Британија, првата земја што доброволно излезе од сојузот (претходниците на ЕУ веќе ги напуштија Алжир и Гренланд, но како резултат на сосема други процеси). Исто така, во 1993 година низ тогашната Европска Унија беснееја проблесоци на популизам, иако далеку попитоми од нивните денешни политички собраќа. Новородената унија имаше и проблеми со економскиот раст, како и со голем број други економски и социјални параметри. Меѓутоа, неспорно е огромното постигнување. За разлика од светот по Првата светска војна, благодарение на ЕУ, поголемиот дел од европските земји не беа оставени самите на себе, на милост и на немилост на историските ветришта. Единствениот пазар и институционалниот систем, замислен со Мастришкиот договор, овозможи да не дојде повторно до нарушување на демократијата во која било земја членка и да не дојде до избувнување војна, внатре во самата унија.
Исто така, денешните стапки на раст и на развој во земјите–членки на ЕУ од Централна, Источна и Југоисточна Европа, сведочат колку значи економската интеграција, но и моќта на структурните и кохезивните фондови на ЕУ.
Да не зборувам, пак, што значеше европското државјанство за внатрешната мобилност во самата унија. Денеска надворешните граници на ЕУ се надворешни граници на секоја од земјите членки, а луѓето може слободно да работат, да се населуваат, да студираат низ европскиот простор. Некогаш инертните институции, како универзитетите, се претвораат во динамични центри на знаењето, истражувањето и развојот, во постојана трка со другите установи за високо образование низ Европа.
Европската интеграција одамна е прелеана и во најсуверените делови на државните апарати, од војските, преку полициите, до разузнавањето. Европа бавно, килаво и несмасно полека го оди патот кон сонот за европскиот федерализам.
Токму затоа и македонските граѓани ја препознаа и ја поддржаа идејата за европската интеграција. Македонија веќе има едно позитивно искуство со функционирањето на еден единствен пазар и на заедничките федерални институции. Низ југословенската федерација, Македонија си ја градеше својата државност, помина низ индустриската и зачекори во информатичката револуција, ги градеше своите национални и културни установи, како и основите за едно современо, урбанизирано и софистицирано општество. Во Југославија, Македонија го споделуваше својот суверенитет, љубоморно беше чуван македонскиот идентитет и од републичките и од сојузните власти, македонските малцинства во соседството беа интерес и на федералната дипломатија, а ниту еден внатрешен или регионален национализам не се дрзнуваше активно да ја спори македонската посебност. За Македонците, влезот во Европската Унија значеше крај на веќе предолгиот македонски 20 век, кој што започна на 2 август 1903 година, но никако конечно да заврши. Чинот на влез на Македонија во Унијата, за Македонците значеше и значи крај на сите мрачни шовинистички посегања кон македонската држава, како и крај на спорењето на македонскиот идентитет.
За жал, Македонија наместо да ужива во својот европски сон, цели 30 години не успева да излезе од балканскиот кошмар. Бадинтеровата комисија процени дека Македонија и Словенија заслужуваат да добијат меѓународно признавање од земјите на тогашните европски заедници, но европскиот совет одлучи да ги признае Словенија и Хрватска. Уште неосвестени од овој шок, Македонците добија ултиматум од ЕЕЗ дека нема да може да добијат признавање доколку не го исклучат називот Македонија од името на државата. Потоа се изнајде некакво премостување преку неславната референца „поранешна југословенска Република Македонија“, најчесто нарекувана „фајром“ низ бриселските ходници.
Тоа не беше доволно, па земјата се судри со економско ембарго од Грција во раните 1990-ти за кое дури и Европскиот суд на правдата се изјасни дека е незаконско. Следното понижување беше за време на претставувањето на „Агенда 2000“ во Брисел кога, иако поканета на состанокот, Македонија беше љубезно замолена да ја напушти просторијата во суштинскиот дел на состанокот. Земјата беше домаќин на првата европска воена мисија, па и на првата европска полициска мисија, во Скопје беше увежбуван двоглавиот врвен претставник на Европската Унија. Потоа дојде и давањето одредници за добивање датум за преговори. Па откако се исполнија одредниците веќе ништо не можеше да го скрие суровото вето. Се смисли и некаков Дијалог на високо ниво, кој никогаш не профункционира. Во меѓувреме земјата го смени знамето, па го смени името, а македонскиот устав започна да се менува сезонски, еднаш пролетно, а вторпат листопадно. По промената на името се случи прво тивко германско вето, па нешто погласно француско вето, за на крајот да се дојде до бугарско вето. Триесетте години успех на европскиот сон за европско обединување, за Македонија беа триесет години кошмар за вечно преиспитување на сопствената државност, вечен лет во место и вечна одбрана од најцрните балкански шовинизми.
Ако нешто може да се научи од триесетте години европска интеграција, тоа е фактот дека стабилноста, европеизацијата и економскиот раст доаѓаат исклучиво со членството во Европската Унија. Нобеловата награда за мир за Европската Унија е заслужена. Меѓутоа, мировниот проект функционира по членството и по националната рамноправност внатре во Унијата. Македонија е доказ дека европската интеграција може да биде и орудие на најзадртиот балкански национализам, инструмент за реализација на мрачните проекти на дребните балкански империјализми и алатка за дестабилизација на една држава, на нејзината економија и на нејзиното општество.
Овој декември сите ќе ги чекаме резултатите на Советот на Европската Унија, врвниот самит на шефовите на државите и на владите на земјите членки на сојузот. Овој пат таму нема да седат Хелмут Кол, а нема да седи ни Франсоа Митеран, државници што успевале да ги разберат длабоките струења на историјата и да ги поведат и Унијата и сите земји членки кон реформи за да се пресретнат предизвиците. Нивната визија со Мастришкиот договор даде одговор и на надворешните предизвици на глобализацијата, но и на внатрешните предизвици на континентот, кој се соочуваше со крајот на Студената војна. Европа избра да интегрира, а не да уценува. Жив ли е духот на овие големи европски државници или овој декември во Брисел за иднината на континентот ќе расправаат политиканти без визија? Одговорот на европските проблеми е продолжување на проширувањето и забрзана интеграција на целиот континент. Редно време е Македонија да се разбуди од кошмарот, па и таа конечно да започне да го живее својот европски сон.
Ивица Боцевски