За нас повозрасните, злосторството од Сребреница, и генерално сè што се случуваше во Босна и Херцеговина, е нешто што се случи речиси вчера. Пред речиси 20 години ги немавме овие средства за комуникации какви што имаме денес, но набрзо стасаа вестите за егзекуцијата на близу 8.000 луѓе, и тоа во регион под хуманитарна заштита на ОН (холандскиот контингент). Сепак, требаше да минат години за да го видиме сиот ужас на случувањата, за што помогна и процесирањето на случајот за геноцид пред Меѓународниот суд за злосторствата во бивша Југославија. И покрај тоа, мнозина вртеа глава, не сакаа да видат или слушнат – бидејќи, ете, луѓето повеќе сакаат да си го чуваат мирот и личниот спокој наместо да се вознемируваат за „таму нешто“. Секоја година на 11 јули не само што се одржува комеморација пред огромните гробишта во Сребреница туку тие и се дополнуваат со уште некоја откриена/идентификувана жртва. Со други зборови, Сребреница никогаш не беше заборавена – и не може да се заборави на што сè е подготвен човек во војна. Злосторниците казнети, по принципите на меѓународната правда и по основа на индивидуална вина за стореното. Да потсетиме, формирањето на постојаниот Меѓународен кривичен суд беше инспирирано токму од случувањата во Руанда и Југославија – под притисок на глобалното цивилно општество се воспостави нова постојана институција, која требаше да ги гони сите што од 2001 година натаму ќе сторат воени злосторства и злосторства против човечноста. Но не мина долго, а надлежноста на Судот веќе почнаа да не ја признаваат или да се повлекуваат од Римскиот статут големите (па и некои други) држави. САД предводеа со притисокот врз десетици и десетици држави (меѓу кои и Македонија), со кои потпишаа билатерални договори за неекстрадиција на американски граѓани или вработени доколку бидат побарани од Судот. Се повлекоа и Русија, Кина, Украина, Израел и многу други што не веруваа во објективната правда на ваквиот суд. Со право! За сите овие години обвинителството имаше очи и уши само за африканските злосторници. Нештата навидум се менуваат со одлуката на обвинителството да издаде налог за апсење против израелскиот премиер Нетанјаху и министерот за одбрана под основано сомнение за извршени воени злосторства и злосторства против човечноста (внимателно избегнувајќи го делото за кое всушност станува збор – геноцид врз Палестинците). Обвинителот Карим Кан пред неколку дена во интервју изјави дека многу западни политичари вршеле притисок тврдејќи дека Судот е воспоставен само за африканските лидери и за неранимајковци како Путин, но не и за западните политичари и нивните сојузници (како Нетанјаху, против кого е поднесено обвинение за случувањата во Газа). Бајден е надвор од себе, полн со гнев кон овој дрзок суд, кој се осмелил да поведе макар и симболички гест против сојузниците што токму тие ги снабдуваат со оружје и средства за вршење геноцид. Дури и оној европскиот „градинар“, кој ја чуваше градината од „дивјаците надвор од Европа“, бил во дилема дали да се држат до владеењето на правото (поддржат одлуките на МКС) или да продолжат со поддршката на Израел.
Во вакви околности, некако набрзина и со заобиколување на процедуралните аспекти на постапката пред Генералното собрание на ОН се поведе иницијатива за донесување резолуција за одбележување на 11 јули како Ден на геноцидот во Сребреница. Среде изборна кампања, министерот (и претседателски кандидат) Бујар Османи донесе одлука Македонија да биде коспонзор/предлагач на резолуцијата, заобиколувајќи двајца претседатели на Република – прво Пендаровски, а сега и Силјановска-Давкова. Резолуцијата беше усвоена со тенко мнозинство (бројот на земји што беа воздржани и против го надминува бројот на оние што бе ЗА). И што сега? Злосторството во Сребреница е судски решено, злосторниците казнети, жртвите комеморирани – иако БиХ е пред распад и ни блиску до постконфликтно помирување. Чинот на Бујар кај нас предизвикува нагон на блуење пред дрскоста и лицемерството: тој како член на партија што уште скандира УЧК, никогаш не поведе постапка за санкционирање на злосторствата сторени во 2001 година, а потоа и амнестирани (во договор со ВМРО-ДПМНЕ). И сега видете ја иронијата низ наши очи: се загрижил Бујар, а во негово име и Македонија, за жртви што добиле судска сатисфакција, и тоа пред децении, а никому не му е грижа за жртвите во Македонија (од кои десетина се водат како „исчезнати“)! Човек со трошка морал и совест денес ќе се фати за глава гледајќи како ОН стануваат „кенгурска институција“ во која се осудува геноцид од 1995 година, а се мижи пред ТЕКОВЕН ГЕНОЦИД во Газа. Секој човечки живот е свет и заслужува респект, но крикот на децата во Газа се слуша до овде, ама и до Ист Ривер во Њујорк! Во Сребреница беа егзекутирани 8.000 луѓе, а во Газа има близу 16.000 жртви ама САМО меѓу ДЕТСКАТА ПОПУЛАЦИЈА! Замислете! И тоа не го нарекуваат геноцид, дури и кога божем МКС ќе ги гони Нетанјаху и Галант! Па. дури и ја изедначија „правдата“ со додавање на имињата на тројца лидери на Хамас – за да се видат „фер“! Човек со совест и малку меморија НИКОГАШ нема да им ги заборави злосторствата од изминатите 75 ГОДИНИ, постојан терор, грабеж и екстерминација на еден народ чија земја е ограбена со меѓународен благослов (затоа се соучесници). Не, не! И сто резолуции за Сребреница, Вуковар, Мостар, Сараево и сл. да донесете – пак ќе остане фактот дека Асанж лежи во затвор затоа што документираше и покажа како САД вршат воени злосторства врз цивили во Авганистан и во Ирак, ќе остане незаборавено злосторството на збришување на Либија од лицето на земјата, нема да ви биде простена Газа – дури и кога последното бебе ќе престане да плаче! Да продаваш хуманизам и меѓународна правда додека поддржуваш или игнорираш ГЕНОЦИД е во најмала рака одвратно и манипулативно. Гледам странски колеги професори што се загрижени што Унгарија се приклонила кон Србија, Русија и Кина, со други зборови кон „бандата на неранимајковци“ и злосторници, иако тој самиот нема збор кажано за ниту еден злосторнички чин извршен од САД!
Но светот се буди. Отпорот се создава во разни џебови на општествата – синдикати, студенти, политички движења, лидери што знаат да кажат НЕ, држави што собираат храброст да ја признаат Палестина како држава, да кажат дека ЕУ се подготвува за војна во Украина итн. Студентскиот отпор на западните универзитети е пример за интегритет и храброст. Американската претседателска кандидатка Џил Стеин беше уапсена и брутално приведена на еден таков митинг – но покажа што е морал и стаменост. Врз словачкиот премиер Фицо беше извршен обид за атентат, а западните медиуми инсистираа на наслови од типот „сам си го барал“ – затоа што бил против поддршка на војната во Украина и со анти-НАТО ставови. Набрзо се случи хеликоптерската несреќа во која загина претседателот на Иран заедно со министерот за надворешни работи – а мнозина останаа со дилемата дали тоа беше обична несреќа („обична“ како таа на Трајковски, на пример?). Мене ми остави впечаток молкот на македонската дипломатија и претседателскиот кабинет, кои дури не испратија ни телеграма со изрази на сочувство (за Фицо малку се потрудија – сепак, Европеец е, нели?!). Она што пред години стана украинска црна листа за луѓе што се на (симболичен) отстрел, сега стана и отворена политика. Грузискиот премиер отворено изјави дека извесен ЕУ-комесар не само што му се заканувал со вето и санкции (поради национален закон) туку и отворено му рекол: „Виде ли што се случи со Фицо? Треба да бидеш многу внимателен“. Да биде иронијата поголема, тоа бил комесарот за проширување Вархеи. Токму деновиве американски ТВ-канали вртат вести со слична содржина за закани против „непослушните“, меѓу кои е споменат и Вучиќ. Израелската тајна служба е позната по најголем број успешни атентати врз личности, но и ЦИА не е за потценување. Најшокантниот дел е што сега влади се закануваат не само на „брифинзи“ туку и отворено. Ние ќе кажеме што е геноцид, а што не е; ние ќе кажеме што е судска правда и на кого се однесува; ние ќе одлучуваме за вашите влади, закони, па и лидери…
Тоа е, драги мои, светот во кој живееме, а за кој се свесни и нашите лидери, кои така милозливо зборуваат и слават родендени со оние што им се закануваат на нивните земји (а можеби и личности). Затоа даваат поддршка за војни, наместо да работат на мир. Затоа оставаат земјата да ви ја „ора“ корумпирана корпорација како „Бехтел и Енка“. И затоа молчат за Газа. Молчат и за Преспанскиот и Бугарскиот договор. А вие ќе мислите дека е херојско дело премолчувањето на „Северна“ во еден симболичен протоколарен чин.
Која е разликата меѓу Сребреница и Газа? Во геополитичкиот профит што може да се добие од едните покојници и стравот од криците на сè уште живите. Каде сме ние тука? Па, помеѓу мртвите и живите. Ни мртви ни живи.