Велат дека бесрамните политичари се одраз на бесрамно општество. Она што е најалармантно е што нашите политичари се симптом на сериозен општествен проблем. Зошто нашиве политичари не се срамат од однесувањето од кое треба да се срамат?
Срамот е внатрешно, непријатно чувство што произлегува од свеста за нешто нечесно или несоодветно, без разлика дали тоа сте го направиле вие или го направил некој друг. Без срам, веќе нема потреба да се придржуваме до културните норми, да ги следиме законите или да се однесуваме на начин што ни овозможува да постоиме како општествени суштества. Срамот ги контролира нашите животи на многу моќни начини. И иако неговите правила не се напишани, очекуваме луѓето да го следат нивното чувство на срам како морален компас. А кога станува збор за јавни личности, како што се политичките лидери, имаме уште поголеми очекувања за нивните морални стандарди. Дали тогаш треба да се грижиме ако политичките лидери станат бесрамни? Дали некој воопшто се сеќава дека срамот бил моќна сила во македонската политика? Јас не се сеќавам. Но, како никогаш порано, сега е време на политика на срамот. За политичар што е подготвен да трпи срам, осуда, да биде предмет на потсмев и шеги на социјалните мрежи и следен од новинари што ги бркаат ден за ден, преживувањето скандали денес е полесно отколку никогаш порано.
Во куќата на славните на срамот експонентите на оваа власт го имаат почесното место. Кое не верувам дека толку лесно ќе биде загрозено во иднина. Тешко дека ќе ги зауздаш ваквите политичари, кои едноставно не им е грижа што мислат луѓето за нив. Во нивното практикување на политиката нема гордост, но има срам. Нивната бесрамност стана доблест во моралната пустелија на македонското општество. Се обидувам да разберам како некој како нашиот премиер и неговите министри се справуваат со срамот? Како немаат трошка срам за сето она што им го направија на државата и народот? Никогаш не сум видел ваква политичка гарнитура толку засрамена во јавноста, исмејувана и омаловажувана во јавноста да не реагира соодветно. Како, на пример, со повлекување од политиката.
Изгледа нивното справување со срамот и вината не е прашање само на личноста, на несоодветноста за она за што се избрани, туку на работи што недостигаат во карактерот и лидерството. Отсуството или негирањето на срамот изгледа е клучен елемент во нашата политичка култура, која ја поттикнува идејата дека недостигот од вина и срам, кои очигледно недостигаат кај политичкото лидерство, нема никаква последица за нивниот политички опстанок. Во неволја сме ако се навикнеме на оваа состојба. Тогаш за ваквата состојба, секогаш некој друг ќе биде виновен, за на крајот вината да падне на тебе и на мене. Па така, оваа земја има влада на бесрамни од бесрамни за бесрамни.
И покрај сето ова, се чини дека влегуваме во ера кога повеќе не можеме да очекуваме од јавно избраните функционери да се потпираат на чувството на срам за да дејствуваат одговорно и со почит кон оние што ги избрале – народот. Се чини дека критиките за газењето на моралните стандарди од страна на Заев предизвикаа уште подрско однесување на неговите наследници, тестирајќи ги границите на она што се смета за прифатливо во политиката и општеството. Гледаме како навикнувањето на недостиг од извинување и дрскост од сегашниве политичари има тешки последици за државата. Треба внимателно да размислиме за сложеноста на бесрамноста и нејзиниот потенцијал да ослободи или да угнетува.
Кај нас, секако, да угнетува. Луѓето во власта и оние што ја поддржуваат да поседуваа барем трошка пристојност и интегритет – за разлика од лидерот, кој ги рушеше и продолжува да ги крши правилата на политичката игра и кој и наметнува решенија погубни за државата, одамна и без исклучок ќе побараа да поднесе оставка и да се оди на нови избори. Ниту тие побараа, ниту овој премиер има намера да замине. Барем не до редовните избори следната година. Ни срам ни перде. Слепа лојалност на бесрамни политичари. За жал, октроираниот премиер, како и неговиот претходник, ја корумпираше неговата партија, исто како што ја корумпираше владата. Без чесни исклучоци, неговите министри и заштитници се премногу безнадежни, премногу компромитирани од годините на одбрана на неодбранливото, за да го отстранат сега. Ќе биде оставено на електоратот да го направи тоа и тоа сигурно ќе се случи.
Велат дека бесрамните политичари се одраз на бесрамно општество. Она што е најалармантно е што нашите политичари се симптом на сериозен општествен проблем. Зошто нашиве политичари не се срамат од однесувањето од кое треба да се срамат? Можеби подобар начин е да се запрашаме: ако некој не се срами од она од што мислам дека треба да се срами, од што се срами воопшто? Изгледа во оваа и ваква држава од ништо и никого. Живееме во бесрамни времиња. Кога долго задоцнетата саморефлексија и срам ќе нè удрат, Македонија ќе биде подготвена за промени. Дали промените ќе се случат?
Проф. Звонимир Јанкулоски