(Или смртта на африканското племе Македумбу-Румбу)
Тоа е грд сон, драг читателу, сон со погреб. Веќе петпати го сонувам сè истиот сон во мали измени и сè во исто време секоја година, во истиот месец јуни, ноќта спроти седумнаесетти. Мора да е тоа некое проклетство. Овој засега последниот, оти не знам дали нема и понатаму во исто време да се повторува, сакам да ти го раскажам и малку да се ослободам од каменот на неговата тешка мора.
Еве. Наеднаш како од небо фрлен се наоѓам во една непозната земја. Ноќ без ѕвезди, ама има запалени огнови што ја осветлуваат неа. Околу нив луѓе со, како што ми се виде, измачени лица и црни, поцрни од самата ноќ и од јагленот во неа во чие срце се успал дијамантот. Едни од нив, мажите, се поседнати на земјата долу, а жените со венци од модро цвеќе околу вратот играат околу огновите, ги нишаат колковите како море и пеат со свенат глас некои тажни песни што јас не ги разбирам. Само ми личат на погребални. Тогаш наеднаш сфатив дека сонувам и морници ме полазија. Сакав да се разбудам, а за да се случи тоа требаше барем со нокт да мрднам за да ја прогнам мората, но Светиот дух и самиот беше цврсто успан во мојот мал прст за да може да ме исфрли како од катапулт на воскресението од сон во будност. Сеедно. Тогаш некој до мене, како никнат од земја, ме фати за рака и со благ глас рече: „Не плаши се, сонот изгледа ќе мора да го досонуваш. Јас се викам Дондо. Ти се наоѓаш во Македумбу-Румбу, во едно смачкано африканско племе, кое утре треба да умре. Ти си сега дојден на неговиот погреб“.
Ми се стемни во душата и уште поголем мрак од ноќта во која се наоѓав ми ги покри очите, но изгледа само за да ја отвори следната сцена на сонот пред мене. Наеднаш гледам дека сум опколен од пладневна светлина, која ме потсети на оној „силно светнат ден“ од „Копачите“ на нашиот богомилски поет, грнчарот од Велес. Дондо покрај мене благо се смешкаше, ама и тој се смрачи кога пред нас се отвори една широка глетка, која личеше ту на голема свеченост ту на смрт. Човекот што јаваше на магарица со венче од здравец и јоргован на челото беше следен од една толпа што носеше огромен црн крст и извикуваше ту со варварски ту со ангелски глас „Осана, Осана!“ Боже, тоа е Христос помислив, но што бара тој тука. Пак ли ќе го распнуваат? Та нели одамна еднаш се случило тоа веќе? „Не“, рече мојот водач, забележувајќи колку се исплашив и вознемирив. „Не, распнувањата не завршиле.“ Сите од толпата, која беше ту варварска ту божествена според изгледот и вревата што ја создаваше, држеа во рацете нож. Тука Дондо повторно ми ја протолкува шифрата. Рече: „Не чуди се, тие ножеви имаат своја намена, но не за да сечат леб на света трпеза, туку да ги заколат децата во Витлеем.“ − „Но нели тоа веќе се случило“, реков. „Одамна, кога избега Спасителот како новороденче со Марија и Јосиф во Египет? Нели?“
На тоа Дондо, ризикувајќи да ми ја досмрзне крвта во жилите, додаде: „Не, мој бел пријателе. Тоа оттогаш наваму постојано се повторува. Постојано се колат и убиваат уште во пелени невините, да речам ли и цели племиња како моето, и постојано се бара повторно да се распне Спасителот, оти оваа цивилизација смртно се плаши од него.“
Тоа го рече мојот водач Дондо, пратен од Господа за да не ме убие страшниот сон, и како да направи магија, ја снема грдата глетка од пред нас, но, леле, се појави на нејзино место уште пострашна. Просторот во кој стоевме јас и тој ги рашири своите граници до зад бескрајот и наеднаш, како да ги истурил некој од вреќа, се наполни со ангели, серафими, шестокрили, кои беа навистина божествени оти пееја, свирејќи со некои чудесни инструменти, рајски песни со сè истиот рефрен? „Свет е, свет е Господ.“ И нас, мене и мојот божествен водач во овој страшен сон, нè опфатија некоја бескрајна благост и милина. Но, леле, само за миг, оти тој сон како да беше некоја deus ex machina на стравот, па молскавично и сега убавата ја замени грда глетка. Наеднаш среде таа божествена слика се јави една толпа од римски војници, тие што му ги забија и клинците на Исус, сега тука испратени во мисија, како што ми шепна Дондо, од специјалната за таа намена бела цивилизација. Тие требаше да го решат проблемот со овој божествен метеж што ја вознемири неа. Да. И, знаеш ли што се случи, драг читателу. Тоа. Тие римски војници што седат сега, како што ми објасни Дондо, во Брисел и Вашингтон (тој ги изговори шифрирано како „Бри“ и „Ваш“, но јас сфатив) ги извадија своите остри мечеви и почнаа да им ги сечат, еден по еден, крилјата на ангелите. Ги трупаа на куп, а потоа ги спалуваа сè до последното крило на последниот ангел.
Го прекрив лицето со дланките и почнав да плачам: „Боже, зошто таква суровост, ни еден ангел, ни едно крило да не бидат поштедени“, а Дондо и тука се јави за да ме утеши, ама без заобиколување, пак со суровата вистина. „Тоа е така затоа што белата цивилизација не го сака за нас со тебе, за мојот и твојот народ летот и крилото, туку само падот, бездната на ангелите. Затоа и им ги отсекоа сите крилја на ангелите што слетаа кај нас со Радосната вест за мир и спасение, а тие воопшто не го сакаат тоа. Тие имаат нагон за смрт, но не за себе, туку за другите“, рече стемнет.
И тамам го изговори тоа, еве нова слика по колежот на ангелите. Таа беше дури пострашна од претходната. Црните браќа од овој сон, ги избројав над два милиони, копаа огромна гробница, и за да се одвива сè во најдобар ред над нив се виореше како знаме на демократијата камшикот на Белите, врховните управувачи на планетата. „Што се случува пак сега?“, го прашав Дондо, веќе привикнат на ужасот од слика до слика на овој страшен сон кој не ме пушта. „Ништо невообичаено“, рече Дондо. „Издржи уште малку и ќе заврши твојот, а и мојот страшен сон со тебе. Сега е главниот чин, погребот на Македумбу-Румбу.“ И само што го рече тоа тој, пред нас се отвори нова глетка. Околу ископаната гробница, која како што ми објасни Дондо ја ископале предавниците на неговото смачкано племе, беа навртени Белите, дојдени некаде од Запад со тешки венци околу вратот и пееја некои темни песни. „Сатански и погребални“, рече тажно мојот водач. „Добро“, реков јас „а зошто е толку огромна гробницата, кога е толку малечко твоето смачкано племе?“ Малку молчеше. „Затоа што во неа“, рече тој, „тие од Империјата прават место и за оние што допрва ќе се родат од невестите на Македумбу-Румбу. А тука, се разбира, се и сите предци и прапредци наши, кои исто така не се мртви, туку во смртта, како од жива матка се раѓаат и множат, па тие имаат проблем со гробницата како да ги собере“.
Така. И потоа се отвори пред нас завршната слика на тој страшен сон, мој, ама и на Дондо. Над гробницата отворена од западните Бели го носеа домашните предавници на племето (чудно, со зајачка лика, а ѕверови до еден) ковчегот со Огромниот мртовец во кој беа собрани сите живи од црното смачкано племе Македумбу-Румбу, заедно и со сите мртви предци и прапредци пред нив, како и оние што сега и во иднина љубовниците и младоженците на смачканото племе ги зачнуваат во нивната од Господ благословена љубовна постела.
И би погребот. Веќе спуштен на дното од бездната-смрт ковчегот со Огромниот мртовец на Македумбу-Румбу. Вечнаја памјат, рекоа Белите од Цивилизацијата, фрлија грска земја и се разотидоа задоволни, а потоа се покажа новата слика од мојот сон, гозбата на Цивилизацијата, која ја прославуваше смртта на Македумбу-Румбу. На неа бевме како сведоци и јас и Дондо. И тоа беше, драг читателу, новата ужасна свадба во Кана Галилејска, ама во која го немаше Христос и водата не се претвораше во вино, туку се претвораше во крв од невино закланите во Витлеем. Сеедно. Богата гозба. Таа беше збогатена и со една убава танчарка во чии слабини се нишаа морињата. Таа танцуваше за да ја увелича прославата на погребението на Македумбу-Румбу со една сребрена чинија на рамењата и со пресечена глава во неа. Истрпнав, бидејќи ја спознав сопствената глава, а и главата на мојот народ. Темна гозба, свирки и песни што го слават погребот на Македумбу-Румбу.
Потоа најпосле дојде финалето на страшниот сон, драг читателу. Тоа беше форумот на гробарите во Големата сала. Главен говорник во чест на погребот на Македумбу-Румбу беше шефот на военото крило на Империјата, кој рече дека сето тоа е направено за светла иднина на смачканото африканско племе. Но се изненадив кога како призраци, невидливи за другите, на форумот беа присутни и некои мои стари пријатели. Прв меѓу нив го видов, со својата прекрасна Анабел Ли, Едгар Алан По со црн гавран врз рамото, кој постојано повторуваше гракајќи nevermore. Веднаш до него беше Фјодор Михаилович Достоевски, кој дојде во мојот грд сон да се увери дека неговата теза за реалноста како фантастика е исправна, а и дали функционира и неговата утопија за Убавината како спасителка на светот среде наказите на форумот.
Веднаш до Фјодор беше Карл Маркс, кој, пак, сакаше во Македумбу-Румбу да види до каде е работата со светскиот пролетаријат, а до него во депресија и потпрен на неговото рамо стоеше Франц Кавка. Тој сакаше по страшниот погреб во Македумбу-Румбу да види дали конечно завршил процесот со неговиот Јозеф К., иако е тој веќе од поодамна заклан. Ама знаеше дека оваа хуманитарна цивилизација, без разлика на тоа, може и еднаш веќе закланите пак да ги заколе и суди. Нашиот Коста Рацин, пак, што го држеше за рака него, го тешеше и убедуваше дека е крај на светската ноќ, оти само што не блеснале Белите мугри и само што не светнал силно денот на морниот црнотрудов народ. Најпосле во тие драги, прекрасни призраци беше и мојот сакан англиски стар романтичар, поет, сликар и визионер Вилијам Блејк, кој како и гавранот на По манатраше сè една и иста мантра. „Некои се родени за вечна среќа, а некои за вечна тага“.
И тогаш се разбудив тажен, оти видов како тие чудни накази излезени од ликовниот тефтер на Гоја го погребаа убавото и кротко смачкано племе Македумбу-Румбу. Леле! И никако не ме пушта и по будењето тој грд сон, драг читателу. Цврсто ме стега со своите темни канџи.