Највисокиот акт на нашата држава, во првиот член од нормативниот текст, поставува еден многу висок и значаен стандард: „Република Македонија“ – вели – „е суверена, самостојна, демократска и социјална држава.“ Во членот 8, пак, една од темелните вредности на уставниот поредок е социјалната правда.
Понатаму, во членовите 34 и 35 – Уставот прокламира дека „Граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување“ за чие остварување се грижи Републиката. Формалноправно социјалните права и социјалната правда се издигнати на ниво на фундаментална вредност на нашиот државен и правен систем. Но кога би ја анализирала практиката, не можам да не го цитирам Петре М. Андреевски, (иако вадејќи го од контекст) – „Ништо не е повидливо и ништо не е поприсутно од твоето отсуство“.
Да, социјалната правда и социјалните права отсуствуваат од нашето живеење како граѓани, но и од работата на државните институции.
Социјалните права се целата палета на права, кои се врзани директно со животниот стандард и можноста за учество во општеството. Социјалната правда, пак, е состојба во која сите општествени чинители имаат исти права и обврски, но и можности и услови за нивна реализација и личен напредок. Значи, општество што секому, независно од пол, раса, возраст, попреченост, етничка, верска припадност, сексуална или политичка определба, ќе му даде можност за достоинствен живот.
Социјалната правда последниве години е главно реторичко средство на нашите политичари. Сведоци сме како оваа исклучителна вредност и круна на едно општество се развлекува низ разни изјави, интервјуа или објави – со што се вулгаризира нејзиното значење бидејќи нејзината функција се сведува на средство за обезбедување политичка поддршка и задржување на власта.
Со години, во услови на едно ‘несоцијално’ државување, сите опции нудеа разни пакети на социјални мерки токму со онаа социјална сигурност што граѓаните ја немаа(т), а им е уставно загарантирана.
Каде е социјалната правда во нашето општество?
Ја нема.
Македонскиот случај укажува дека социјалната правда останала само во нормативните рамки, а во пракса, нејзиното место го зазеле практики што по ниту еден параметар не укажуваат на постоење социјална освестеност на државата.
Социјална правда не може да бараме во држава во која 455.600 лица, што изнесува 21,9 отсто од населението, живеат во тешки услови. Не можам, а да не се запрашам, колкаво лицемерство е потребно кај државниците за при услови во кои една четвртина од граѓаните живеат под прагот на сиромаштија и не врзуваат крај со крај, сѐ уште да си дозволат да зборуваат за „социјална држава“.
Последната Национална стратегија за борба против сиромаштијата истече во 2020 година. Веќе две години, Министерството за труд и социјална политика нема координиран одговор за справување со сиромаштијата.
Социјална правда не може да бараме во држава во која работниците полека стануваат маргинализирана група. Работничките права се врамени со повеќе закони, меѓу кои најважен, секако, е Законот за работни односи, но и колективните договори и индивидуалните договори за вработување. Оваа рамка има огромни правни празнини сама по себе, а кога ќе зборуваме, пак, за нејзината имплементација, состојбата е уште позагрижувачка.
Корона-кризата, а и тековната економска криза, на површина истурка многу од проблемите што потсвесно ние беа познати, но кои отсуствуваа од централниот дел на јавниот дискурс. Не може да зборуваме за социјални права во услови кога работникот што ќе го крене гласот за прекршувањето на неговите работнички права е соочен со отказ. Отказот може слободно да се преведе како прекинување на изворот на егзистенција, а ова преведете го како сиромаштија, неможност за прехранување на семејството и неможност за остварување на кое било друго човеково право.
Впрочем, 2021 и 2022 година беа обележани со низа штрајкови, протести и преговори – штрајкуваа администрацијата, просветните работници, протестираа угостителските и туристичките работници, трговците, преговараа синдикатите, Владата, ССМ, КСС. И откако поминаа сите овие перформанси, следниот работен ден нè удри истиот ветер во лице – што се случи со работникот по сето ова? Одговорот е – ништо. Тргнувајќи од капиталистичката логика дека работникот е заменлива стока, никој не посегна по какво било материјализирање на ветувањата.
Договор со Владата не видовме. Друго интересно прашање беше долгонајавуваната мерка „недела неработен ден“. И според ЗРО и според Уставот, работниците имаат право на неделен одмор. ССМ и Владата се обединија во своите (главно популистички) заложби за измена на ЗРО и да утврдат во членот 134 дека „ден на неделен одмор е недела“. Оваа измена беше прославена како огромна победа од страна на претставниците на Владата, ССМ и Сојузот на стопански комори.
Во тој речиси епски настан се протнаа мал милион исклучоци од правилото „недела неработен ден“, измените се оспоруваа пред Уставен суд, па се предлагаа нови исклучоци за трговците во туристичките места. Недела неработен ден остана да биде само уште едно од низата формални решенија на социјалните проблеми – погазено во пракса.
Социјална правда не може да бараме во држава во која џиниевиот коефициент изнесува 33 отсто. Џиниевиот коефициент е индекс што ја мери нееднаквоста во распределбата на доходот помеѓу граѓаните. Колку е повисок, толку имаме понерамномерна распределба на доходот – малку луѓе имаат огромни примања, а многу луѓе имаат минимални примања.
Ваквата несразмерност во доходовната распределба креира социјална раслоеност помеѓу граѓаните, а тоа, пак, е основа за креирање класно општество. За да може да се стабилизира овој аспект, идеално би било џиниевиот коефициент да се движи помеѓу 10 и 25 отсто, што би значело поголем степен на еднаквост.
Социјална правда не може да бараме во држава во која кога 90 отсто од граѓаните тонат во економска криза, 10 отсто успеваат да остварат огромни приходи. На крајот на 2021 година, Управата за јавни приходи ги објави податоците за таа година, па така, прикажан беше највисок годишен бруто-доход од 453,1 милиони денари, 11 граѓани оствариле приход над 100 милиони денари, а 557 даночни обврзници од 10 до 100 милиони денари.
Највисоката годишна бруто-плата му е исплатена на граѓанин во Струга – 105,2 милиони денари, највисока дивиденда од 306 милиони денари, а најмладиот милионер има само седум години. Само неколку месеци по оваа објава на УЈП, ИРЛ (Investigative Reportive Lab) откри уште поинтересни податоци, а тоа е дека најголемите македонски бизнисмени (читај олигарси) своите приходи ги „перат“ преку офшор-сметки, што значи дека истите тие не се евидентирани од УЈП, а згора на тоа, за нив не се плаќа ниту данок.
И замислете, сето ова се случува во период кога 46 отсто од македонските домаќинства едвај врзуваат крај со крај.
Што значи кога во социјалната држава немате социјална сигурност за граѓаните?
За да го одговориме ова прашање, нема потреба да влегуваме во некакви филозофски и теоретски расправи, бидејќи актуелната економска криза аплицирана на овие параметри разработени погоре ни даде одговор.
Инфлацијата, растот на цените на потрошувачките добра, на енергентите – не ги погоди сите исто. Растот на вредноста на потрошувачката кошничка за најголем дел од домаќинствата го надмина нивото на месечен приход, но онаа мала група луѓе во чии раце е сконцентрирано огромно ниво на доход и уште повеќе капитал, не беа погодени од кризата или во најмала рака не се одрази на квалитетот на нивното живеење.
За некого, шише масло за јадење по цена од 150 денари значи половина од дневницата, а за некого е приход што го остварува во време од 10 минути. Во услови кога општеството е на ваков начин раслоено и јазот меѓу богатите и сиромашните се продлабочува од ден на ден, притоа ставајќи ги посиромашните во позиција да имаат екстремно низок животен стандард без пристап до образование, здравство или социјала – не постои социјална правда.
Нашето општество е социјално неправедно, а социјалната неправда е и ќе биде погубна.
Автор: Ана Наумоска
(Рес публика)