Живееме во време кога нам, луѓето, сѐ ни е претставено, поедноставено и ни е на дофат. Во печатот, електронските медиуми, социјалните мрежи и платформи се презентираат готови мислења, популарната култура нуди веќе подготвени вредности, а филозофските школи ги нудат сопствените тези како неприкосновени вистини. Пронаоѓањето на смислата на човечката егзистенција е силно комплицирано и тешко може да се дојде до адекватен одговор и логичен заклучок. Па така, застанати на работ и загледани во бездната на сопствениот редукционизам и материјализам, не ни останува многу простор за пронаоѓање одговори за прашање за смислата.
Заклучокот што се наметнува и сме принудени да го донесеме останува трагичен, како и патот по кој сме дошле до него. Човекот останува осамен и единствено свесен за сопствената бесмисла, продолжувајќи да го проживува апсурдот на сопствената егзистенција. Звучи познато, нели. Станува збор за реалност нотирана како категорична формулација, за песимистичко доживување на човечката егзистенција. Погледнато внатре во метафизиката, тоа е реалност, една од патетичните жртви на некритичката и незаситна виртуализација сериозно дестабилизирана од секојдневна некритичка виртуелна репетиција.
Телевизијата на реалноста подразбира програмски форми во кои реалните настани се користат за постигнување на што поголемо внимание кај гледачот, за да се создаде кај него што поголема напнатост. Информативната вредност на еден настан, а со тоа и на информациите од заднината, се потиснува во полза на спектакуларната презентација и драматургијата позајмена од фикцијата.
Филмот „Кордон“ на култниот југословенски режисер Горан Марковиќ, добитник на највисоката награда на фестивалот во Монтреал, во Белград и во остатокот од Југославија, имал зачудувачки мал број гледачи (10-12 илјади гледачи). Од друга страна, „Зона Замфирова“, филм што според естетско-содржинските перформанси повеќе ѝ припаѓа на телевизијата отколку на кинематографијата, го гледале над милион гледачи.
Играно-документарниот пристап во филмот „Кордон“, кој тематски се однесуваше на интервенцијата на НАТО и воените збиднувања во Југославија, е можеби клучната причина за гледаноста (односно негледаноста) на овој занаетски повеќе од коректен филмографски запис, верифициран и од меѓународната критика, но и за љубопитност.
Според компетентните проследувачи на филмските збиднувања во регионот и пошироко во светот, во услови на катадневни судири, воени и полициски интервенции и секојдневен континуиран стрес, имаме гледалиште што е заситено од тоа своевидно „реалити шоу“, при што и низ отворен прозорец да инсталирате и вклучите камера и со стандардна занаетска постапка ќе снимите и ќе оформите пристоен филмски резултат.
Каналите што емитуваат 24 часа вести, вести, вести… згора на тоа социјалните мрежи и виртуелниот бескрај ни го нудат она што буквално нѐ претвора во реално физичко продолжение на таквиот суров свет, простор во кој се движиме во реално време и според нашите тактилни ритми, во реалитет што очигледно е од електронски карактер. Во таа ескалација на метафикција, во тој наплив од непрекинати драми, во која одвај успеваме да го разликуваме објектот од сликата, збиднувањата како – војната во Украина, 11 септември, војната во заливот, плоштадот „Тјананмен“, бомбардирањето на Југославија, сите тие содржини пропуштени (електронски) истовремено во нашите домови, ги претвораат поимите, како што е „глобално село“, кој во стариот медиумски бинарен систем ја поседуваше силата на парадокс, во општи места без напнатост, раштркани низ сајбер-вселената.
Случајот „Кордон“ е потврда и убав пример за мас-медиумска жанровска интеракција каде што реалноста е земена како симулација и претворена во синеастичка структура, која се напојува и забрзано се испразнува од реално извориште. Како резултат на нашата заситеност со стварноста, непрекинато репродуцирана и изложена пред нашите кревки информациски тела, во вид на континуирана „сапуница“, исчезнува мимезисот и ние сме претворени во вистинско физичко продолжение на нашиот свет.
Границата меѓу жанровите во животот е порозна и во текот на времето исчезнува и сите заедно нѐ претвора во посебност, медиумска благо индиферентна дружина, фантастична заедница на танатоиди – битија заточени во хибридот на стварноста и медиумската презентација.
Вистинскиот свет забрзано исчезнува, мас-медиумските симулации се интензивираат, содржината повторно ја совладува формата.
Силното влијание на ТВ-журналот врз документарниот жанр повторно ја отвора дебатата, што ја доведува во прашање уверливоста на естетски продуцираната совршена фикционалност во филмската уметност, која сѐ помалку успева да држи чекор со мас-медиумскиот непрекинат тек, кој секојдневно ја апсорбира реалноста и забрзано ја празни од содржина.
Мас-медиумската експанзија сѐ повеќе го третира и го допира виртуелно-реалниот свет, создавајќи притоа безбедна дистанца од која безмилосно го експлоатира. Сите умирања и сите страдања се само дел од голема видеосимулација, која сега самите тие свесно ја поттикнуваат и одржуваат. Од тој молскавичен поход не сме изземени ниту ние.
Светот и реалноста се медијализирани до степен на усвитеност и се претворени во „реално шоу“ во кое овде-онде сретнуваме и насетуваме траги од спонтаност. Нашите животи низ виртуелните хомологации се претворени во вид на чиста, дигитализирана апстрактна егзистенција, која во најголем дел е само функција на комуникациските медиуми.
Во напорите за ослободување од прекумерната стварност, сѐ повеќе се претвораме во заедница на дигитализирани суштества заталкани во меѓупросторот меѓу животот и смртта, танатоиди, кои во своите информациски тела ја преживуваат сопствената смрт, осознавајќи ја единствено како метафизичка апсолутна граница и конечна онтолошка недофатност.
За разлика од другите битија, за човекот се вели дека егзистира, а тоа подразбира дека е во зоната на вистината на сопствениот распад, кој непрестајно го надминува и трансцендира кон она што сѐ уште не е, а би можел да биде. Тоа е секогаш однос кон Бога.
Аљоша Симјановски