„Легијата“ на злото на поранешните комунисти маршира и денес во тесна формација. Сите со себе ги носат парталавите парчиња од старата униформа, дополнети со најнеобичните нови партали. Оние демократските што не им стојат. И сите со себе ја носат омразата како компензација за гревовите на минатото и нечистата совест
Зошто Македонија бега од своето комунистичко минато? За да го скрие злото на неговото наследство. Кое ни се случува токму денес. Безлични ликови од комунизмот за безлична Македонија. Затоа сиве години не се најде соодветно време да се потсетиме на огромната плима на угнетување, тиранија и масовни злосторства што комунистичкиот режим ги ослободи во Македонија? За жал, историчарите и другите не ги документираа многубројните комунистички злосторства, па голем дел од јавноста останува несвесна за размерот на злото што овој систем го продуцира и за скриената ужасна историја на Македонија. Затоа имам право да се сеќавам. Имам право да потсеќам на злото на еден систем што си поигра со судбините на луѓето, уништувајќи им ја иднината и иднината на нивните семејства. Исто како што поранешните комунисти имаат право да ме мразат за тоа.
Мора да е болно за нив што ги потсеќам на сликата за комунизмот како реминисценција на злото, па очајно се обидуваат да го потиснат своето чувство на вина и неизвесност, или да го камуфлираат со приказ на извонредна сигурност и избезумена агресивност. За нив не може да има поголема трагедија од онаа да гледаш како првобитното искуство за комунизмот ја губи својата невиност, станува „извалкано“ со сеќавањата на жртвите. Kолку и да се обидуваат не може да избегаат од иронијата, гневот и срамот за она што биле и во што се претвориле – џелати на сопствената историја. Оние што беа заробени од големата илузија на нашето време и го живееја нејзиниот морален и интелектуален разврат, или се предаваат на нова зависност од спротивен тип, или се осудени да плаќаат со доживотен мамурлак. Јадни се во обидот светот да ја препознае нивната немирна совест како најчиста совест од сите. Тие веќе не може да се занимаваат со ништо друго, освен самите со себе, барајќи самооправдување за она што го сториле. И ова е најопасниот мотив за каква било нивна политичка активност. Целосната конфузија на интелектот и емоциите на поранешните комунисти ги прави несоодветни за каква било политичка активност. Посебно не за онаа државотворната, која си ја присвоија како наследство од комунизмот. Затоа поранешните комунисти се проблематичното дете на современата политика. Кое го трпиме триесет години во независна Македонија. Да се надеваме уште малку.
Два главни фактори беа најважните причини за злосторствата извршени од комунистичкиoт режим во Македонија: перверзните стимулации и несоодветното знаење. Огромната моќ неопходна за воспоставување и одржување на комунистичкиот систем природно привлече бескрупулозни луѓе, вклучувајќи многу неписмени и многу амбициозни политички фанатизирани следбеници на идеологијата на злото, кои им даваа приоритет на сопствените интереси пред интересите на каузата, газејќи по луѓе и уништувајќи ги нивните судбини. Криејќи се зад партијата, најголемите комунистички злосторства не беа извршени од корумпираните партиски газди, туку од вистинските припрости верници на социјализмот и комунизмот. Фанатизираните идеолошки нововерци беа подготвени да направат сѐ што е потребно за да ги остварат нивните утописки соништа. Сурови социопати, тоа е сликата од која се срамат некогашните комунисти и поради која ве мразат. Мора да е болно да го видиш својот одраз денес. Демократијата го прочисти нивниот лик, го сруши нивниот авторитет граден на страв и уцени, ги разголи пред јавноста. Затоа немој да ми зборувате за небањати и за оние другите. Симнати од планина научија да користат сапун, не, не најдоа таков што можеше да им ја испере нечистата душа. Затоа мразат. Мразат од немоќ и фрустрации.
Да, и ние другите мразиме. Можеби и повеќе од нив. И имаме право да мразиме. Зашто го живеевме нивното зло. Ги живеевме погазените соништа на вистинските комунисти, кои беа прогонувани зашто си ја сакаа државата. Оние првоборци чии партизански споменици историјата ги избриша, чии судбини партијата ги претвори во сурова садистичка игра на неписмени и болни безрбетни социопати, слепи следбеници на идеологијата на злото. Жртвите на комунизмот ја закопаа со себе вистината за војната, за предавството на Кузман Јосифовски-Питу, за убиството на Панде Чесновска, за ликвидацијата на Кочо Рацин, за Ченто, Брашнаров, за петте убиени струмички студенти. Многумина други (без)имени ликови за историја живееја и умираа, тивко прогонувани и сатанизирани за животот. Не може да има таков одвратен спектакл како оној на поствоената тиранија на дегенерираните умови на прочистените комунисти, кој е морално оправдан како и поранешниот Јакобин во откривањето и бунтот против тој спектакл. Сликата на комунизмот што тие ја исцртаа во Македонија е онаа на интелектуални и морални ужаси. Гледајќи ја и осознавајќи ја, неупатените се префрлаат од политика во чиста демонологија. Затоа приказната за македонскиот комунизам е приказна што изобилува со скриен ужас. „Легијата“ на злото на поранешните комунисти маршира и денес во тесна формација. Сите со себе ги носат парталавите парчиња од старата униформа, дополнети со најнеобичните нови партали. Оние демократските што не им стојат. И сите со себе ја носат омразата како компензација за гревовите на минатото и нечистата совест.
Моите сеќавања не го романтизираат минатото. Минатото за мене е болна и тажна приказна. Минатото на комунизмот одамна ја има изгубено својата невиност во моите очи. Извалкано е сеќавањето за жртвите на комунистичкиот режим од човечкиот шлајм што тој систем го создаде. Затоа мора да се разбие големата илузија на нашето време за комунизмот во Македонија, од оние што го преживеаја неговиот морален и интелектуален разврат. Од оние што во себе ги носат солзите, очајот, прогонот и понижувањето низ кое поминаа. Смртта знае понекогаш да си поигра со животот, но не и со сеќавањето и со омразата што ја носите за злото што им го направија на жртвите на комунизмот. Затоа слободен сум да мразам. И мразам. Мојата и нивната омраза никогаш нема да биде иста. Зашто нивната омраза е празна како нивните животи.