Слободата да се биде глуп

Се родив глуп. Со „ништо“ во главата. Да ме прашаше некој тогаш што мислам за влијанието на шпилхозните врз геополитичките превирања, веројатно ќе испуштев никои неартикулирани звуци кривејќи ја фацата, што ќе беше протолкувано како „почна да гуга“ и „виде како ти се насмеа?“. Подоцна низ животот дознав дека многу мислители заклучиле дека луѓето се раѓаат глупи, ама сето тоа го објаснувале така да не звучи навредливо. На крајот, чичко Џон Лок смислил многу фенси термин и човештвото почнало да се расфрла со табула раса муабетот.
А што е табула раса? Па, глуп, на латински.
Но, пред Лок да ни зборува за чистата плоча, односно празната табла, дедо Сократ, очигледно соочувајќи се со докази за глупоста, веројатно заклучил дека човекот не само што се раѓа глуп туку големи се шансите и да остане глуп, па рекол „јас знам дека ништо не знам“, на што го надоврзал она „спознај се себе самиот“, кое јас го протолкував како: глуп сум, затоа мора да работам на себе за да се спознаам и спознавајќи се да сфатам… па, дека сум глуп.
Сократ и Џон Лок се мислители што го задолжиле човештвото со своите светогледи. За разлика од нив, јас вообичаено трескам глупости и најчесто се задолжувам кај пријатели. А не би сакал да ги навредам оние луѓе што нестварно често ги сретнувам во живо и на социјални мрежи, кои не само што не се родиле глупи туку уште од раѓање биле натпросечно интелигентни како експерти, со моќ на инфлуенсери, само што тогаш немале вокабулар да се изразат, сепак во светот нема дешифратори на гугање, инаку и тоа како, сигурен сум, апсолутно имале став за влијанието на шпилхозните врз геополитиката.
Како глупороден, а во привремена сопственост на моите родители, од нив добив корисен совет. „Ако нешто не ти е јасно, прашај!“, ми рекоа. Јас веднаш зедов креда и го запишав тоа на празната табла во мојот кутар ум и… и фатив да прашувам. Имајќи предвид дека најчесто ништо не ми е јасно од она што ме опкружува или со кое се разминувам, продолжив да прашувам кога сум во недоумица.
Моите пријатели се навикнаа. Нештата се комплицираат кога ќе се најдам во друштво на луѓе со кои не се познавам. И тогаш се случува. Некој нешто зборува, јас, глуп, ништо не разбирам, па си прашувам и втренчено чекам, стискајќи ја фиктивната креда во раката за да запишам нова информација на полупразната табла која низ животов сум ја попопнувал со туѓи искуства од кои јас учам. Тогаш, вообичаено, кон мене се вртат лица на експерти и инфлуенсери од раѓање и со доза потсмев замаскиран во сожалување, добивам прашање: „Стварно не знаеш дека мион и тау-честичката се лептони? Ама дај, човече, тоа секој малку образован го знае!“ Јас понизно ја наведнувам главата и изустувам: „Стварно не знаев. Можеби сум ја пропуштил таа образовна елементарна честичка, прашувајќи се дали морските прасиња кога одат на училиште, користат морски сунѓер за да ја избришат расата… табу… терас… не, терасата, таблата де, мислам на таблата“.

Пред некој ден заглавив во политичка расправија. Вообичаено избегнувам политика, оти кога нешто ќе прашам, најчесто добивам одговори кои не само што ме збунуваат, туку честопати знаат да го избришат и она што веќе сум го запишал на таблата. „Извинете да прашам, оти не ми е јасно“, прашав и се покајав, „ако вмровците се во слободен пад, губат стотици илјади гласови и немаат никакви резултати како што тврдите вие, зошто тогаш им одговара да одат на предвремени избори за да изгубат?“
Настапи молк тежок како самоспознание кое ти открива колку многу знаеш дека ништо не знаеш. Еден од нив, со ефект на забавена снимка, се заврте кон мене, намести израз на лицето на самосвесно битие кое од раѓање знае како боите на шпилхозните кај малите морски прасиња влијаат врз екосистемот, јас затреперив од љубопитна возбуда спремен како морски сунѓер да го впијам новото знаење и слушнав: „Помири се со фактот дека не разбираш висока политика“. Ги загледав соговорниците, констатирав дека сите се речиси за глава пониски од мене, па ја наведнав својата за да не штрчам кон височините кои не можам да ги достигнам.
Стопати сум си рекол, подобро да си го подголтнеш прашањето кога нешто во политиката не ти е јасно, отколку да прашаш, а одговорот да те направи поглуп одошто се чувствуваш. Но, пуста љубопитност, колкупати само ми се удрила од глава. При една крајно сериозна геополитичка расправија во која соговорниците експерти се објаснуваа дали ЕУ ни е единствена алтернатива или немаме друг избор освен Унијата, устата често знае да биде побрза од паметот, па се излетав: „Зошто толку сме запнале за ЕУ, кога од сам почеток на нашето инсистирање да се напикаме таму, се соочуваме со негирање, потценување, уцени, закани и насилство преку кои сакаат да нè обезличат? Зарем не ви личи тоа не човек кој сака да влезе во клуб каде што го тепаат и силуваат додека не дозволи да му ја одерат кожата за да му наметнат туѓа?“ На моите две прашања, добив еден одговор: „Тие се моќни, а ние сме небитни, мора да прифатиме сè што од нас ќе се побара, така функционира меѓународната политика“.
Гомна да ми јаде устата што не запира да прашува. Ама проклетијата продолжува: „Нели е тоа исто како силеџии да силуваат девојка, ама судот ги ослободува само затоа што биле физички посилни од неа?“ Потсмевот скриен зад сожалување на нивните лица се претвори во презир, а одговорот што веднаш стигна ми ја одзеде сета понатамошна желба да прашувам: „Престани да шириш руска пропаганда!“
Како некој суперглуп Кал-Ел што ги повикува своите родители, така јас во мислите им се поплакав на моите: „Зошто ме облекувавте во шпилхозни, кога само требаше да ми ставите калци со демагошки потпетици кои ќе ме вивнат кон високи политики и да ми навлечете на раце свилени меѓународни геополитички ракавици, ама и калците и ракавиците да не се плетени од руски бабушки, за и јас да бидам паметен, а не вака глуп и со илјадници прашања и недоумици да талкам среде врвни експерти и инфлуенсери“. Родителите неколку мига молчеа, а потоа ми дадоа одговор за крај на колумната: „Шпилхозни во превод се панталончиња за играње, а ние сакавме да се чувствуваш слободно, патем, играта ја буди фантазијата, така ти стана писател и сега барем ја имаш слободата да се чувствуваш глуп меѓу сите оние ограничени од сознанието дека се најпаметни од раѓање“.