Настани, симболи, алузии
Деновиве бев на пазар и купив смокви. Ги има на тезгите во доволни количества овие есенски деликатесни плодови. Се присетив на еден мој одамна напишан текст каде што се објаснува каква историја, што симболика има смоквата? За неупатениот речиси ништо интересно, освен некаква деликатесна сладост при јадењето, свежи, суви или во слатко, зелени и лилави, или како помошен додаток во окрепнување на здравјето.
Но ако се помисли така наивно, поприлично ќе се греши. Покрај маслинката и лозата, смоквата е едно од дрвјата што симболизираат изобилство. Во дел од Азија и денес е стебло на светот, оска на светот, дрво на моќта и на животот.
Една од најпознатите асоцијации е библиската легенда за Адам и Ева. Смоквиното дрво што растело во рајската градина се споменува во Библијата педесет пати. Свое место си има во многу култури и религии и на Исток и на Запад. Во римската митологија, браќата Ромул и Рем, легендарните основачи на Рим, се родени под смоква, под истата таа, додека биле бебиња, ги доела волчица, што денес е амблем на градот. Седејќи под гранките на смоква, Сидарта Гаутама, попознат како Буда, ги доживеал откровението и просветлувањето, со што почнало раѓањето на будизмот, религија што ја практикуваат милиони луѓе. Покрај маслинката и лозата, смоквата е едно од дрвјата што симболизираат изобилство. Во дел од Азија и денес е стебло на светот, оска на светот, дрво на моќта и на животот.
Во христијанството најпозната смоква е дрвото на кое се обесил Јуда Искариот каејќи се што го предал Исуса Христа за 30 сребреници. Тоа го сторил бакнувајќи го на левата страна од лицето. Тој чин на предавство до денес го носи името Јудин бакнеж. Освен некои од пророците, и самиот Исус има дузина параболи поврзани со стеблото и со смоквиниот плод. Евангелијата ни говорат дека Исус проколнал едно смоквино дрво, кое се исушило прекуноќ.
Од Стариот завет е позната славата на смоквиниот лист. Таа „слава“ почнала да се шири низ легендата за првите луѓе на планeтета Земја. Откако Адам и Ева каснале од јаболкото во Рајската градина со што го осознале светот, им се отвориле очите, дознале што е лошо, а што зло. Но тогаш увиделе дека се угол голи, иако не се од мајка родени. Се засрамиле од својата голотија, па со лисја од смокви си направиле опашала за да си го покријат срамот.
Така, смоквиниот лист, ни крив ни должен, стана симбол за нешто што мисли дека покрива, а всушност повеќе открива. Смоквиниот лист се стандардизира како универзална метафора за невешто криење на вистината за некое сторено дело, за измислен изговор, за лош потпишан договор или спогодба. И низ светот и во Македонија со смоквини листови се покриваат низа политички неуспеси, измами и коруптивни дејства. Познати се и случаи кога народот е користен како смоквин лист за покривање нечие лошо владеење.
Во грчките митови се споменува дека божицата Геа за да го спаси од одмаздата на Зевс, својот син го претворила во смоквино дрво, со што му го продолжила животот во поинаква форма. Плодовите, зелени или сушени, обилно ги користел Дионис при организирањето масовни оргии. Смоквата не се споменува во „Илијадата“, но на повеќе места се среќава во „Одисејата“. Победниците на Олимписките игри биле китени со смоквени венци, а тој што одгледувал смокви во антиката го сметале за човек што има богатство и живее во луксуз.
Во Египет, како што било забележано на папируси, плодовите и млечот што го испушта биле користени како лосион за женското тело, крем со кој се разубавувале кралиците и жените на фараоните. Египетските легенди ни кажуваат дека самата Клеопатра била усмртена од каснување од змија отровница што била ставена во кошница со смокви. Смоквата била и симбол на одмаздата: победникот во битката го користел и спроведувал правото да ги исече сите смоквини стебла на територијата на победениот народ.
Наводно, во некоја прилика, Мухамед рекол дека кога би требало да избира кое овошје да го понесе во рајот, на прво место би понел смоква, a ова медитеранско растение е ценето и почитувано и во исламот.
Плодот на смоквата е симбол на животот, на мирот, со своите неброени семки симбол на плодноста и размножувањето. Симбол е на страста и сласта. Многу често и на сексуалниот нагон. Поради изгледот и сочноста е споредбен еротски предзнак за женскиот полов орган, метафора користена со векови, употреблива до ден-денес. Смоквата, како и врбата, симболизира бесмртност, но не и долг живот. А има разлика меѓу бесмртност и долг живот, зашто може некој да биде долговечен, а да не направи ништо во животот, и некој кратковечен, но чие дело останува бесмртно, трае со векови.
Уште неколку детали што сигурно не се од мало значење кога станува збор за смоквата. Таа како дрвo е од родот фикуси, ама не е фикус, туку е од видот црници, ама не е ни црница. Нејзиното големо значење уште од памтивек се гледа од легендата што кажува дека на некој светски собир на сите дрвја, со акламација било побарано таа да им биде водач, да ги води и да владее со нив. Смоквата се заблагодарила, не сакала да прифати таква одговорност, не сакала да се откаже од својата блажина, па да се наполни со горчила.
Уникатна е по тоа што последна разлистува од сите други дрвја во природата. Што се однесува до плодот што го јадеме, некои стручњаци велат дека во секоја смоква се наоѓа барем по една мртва оса, а неретко во неа заглавува и понекоја мува. Нив ги прибира додека цвета и го формира плодот. Ви се верува ли? Има и уште една, просто неверојатна приказна за ова овошје. Наводно, кога во Античка Грција, поточно во Атика бил забранет извозот на смокви, се појавиле шверцери што ги пробивале ембаргата. Во тоа време властите ангажирале луѓе што ќе ги следат работите и ќе им бидат поткажувачи на шверцерите. Наводно, оттогаш потекнуваат првите шверцери, поткажувачи и уценувачи именувани со тие имиња, оттогаш тоа станало навика или занимање на многу луѓе.
Нема, односно тешко може да се најдат некои сериозни научни податоци кога и од каде е донесена смоквата во денешна Република Македонија. Дали директно од Сирија, од Мала Азија, од каде што потекнува, или од поблиските земји блиску до морето? Нема нигде напишано, но низ легендите се кажува, иако во нив тешко може да се поверува, дека првиот корен го донел и го засадил Свети Климент Охридски, кој, како што е познато, освен на писмо и ука ги учел охриѓани на земјоделство и особено на калемење овошки.