Скопје како мол, Македонија како магацин

  • Историјата нè учи дека народите што ја замениле производствената култура со потрошувачка се соочиле со постепено губење на сопствениот економски суверенитет. Од античките полиси, кои престанале да обработуваат земја и почнале да увезуваат жито, до империите што ја предале занаетчиската умешност за сметка на луксузот и увозната стока, крајот секогаш бил ист. Зависност, политичка слабост и губење на влијанието. Ако дозволиме економијата на молови и обложувачници да стане наша судбина, тогаш ќе ја повториме истата лекција, но овој пат без втор обид
  • Во земја во која моловите се новите фабрики, а обложувачниците најпосетените институции, економската иднина се претвора во коцка со загарантиран пораз. Лажниот сјај на потрошувачкиот рај ја покрива темнината на индустриската пустина

Секогаш кога се враќам во Скопје, покрај запуштените тротоари, расфрланото ѓубре и задушениот урбанистички простор, градот ми личи на огромна сцена на која се игра претстава со раскошен декор, а зад завесата се гледаат голите ѕидови на сиромаштијата. Скопје денес е полно со трговски центри, маркети, обложувачници и коцкарници, сите осветлени со светлата на модерниот потрошувачки храм. Низ нив минува пулсот на економијата каква што ја прифативме без отпор, наметната од неколку управувачки центри, а наменета за привилегирани џебови. Излозите што се наоѓаат на најпрометните скопски улици или се затворени и залепени со евтина хартија на која е напишано и од сонцето избледено – „се издава“, или имаат блескави реклами на познати странски компании и задолжителна табла „попуст“ во излогот. Наместо македонски брендови или мирис на свеж леб и колачи, одекнуваат рекламите за нова игра, модно парче облека или за шанса што ќе ти го промени животот со еден тикет.
Економската основа на државата е поставена на неколку столба. Производството на катализатори, електронски компоненти, кабли за автомобили и металургијата носат најголем дел од извозот. Овие сектори, сместени во технолошко-индустриските развојни зони, се моторот на извозната статистика. Но тој мотор често работи на увезено гориво, суровините доаѓаат однадвор, се преработуваат и повторно се извезуваат. Домашната додадена вредност е мала, а локалните доставувачи се слабо интегрирани во синџирот на снабдување. Така добиваме раст што изгледа одлично на хартија, статистички може да се чита како се сака, политички да се презентира од аспект на позиција или опозиција, но нема длабоки корени во македонската економија.
Во првите редови на економската елита стојат енергетски гиганти, трговски и нафтени компании, телекомуникациски оператори, банки, фармацевтски производители и металуршки капацитети. До нив, на истата листа, стојат и компании од секторот на игрите на среќа. Оваа комбинација е точниот портрет на економија што делумно произведува, но троши огромни ресурси на активности што не создаваат трајна вредност. Парите се движат, но не се вградуваат во темели за иднината.
Внатрешниот пазар е преплавен со увоз. Од енергенти и возила, преку индустриски метали, па до прехрана што ја имаме и дома, сè почесто се потпираме на стоки од странство. Дефицитот во стоковната размена е траен и стабилен. Најголемиот дел од трговската размена оди кон Европската Унија, со Германија како доминантен партнер. Тоа е логично од економски аспект, но опасно ако се земе предвид колку сме зависни од неколку пазари и сектори. Доволно е еден пазар да се затвори или една индустрија да забави, за целиот економски баланс да се разниша.

Во оваа рамка, моловите и обложувачниците не се само архитектонски објекти туку и симболи на еден начин на живот. Тие стануваат новото огледало на секојдневието. Таму младите не растат со идеја да создадат нешто ново, туку со илузија дека успехот доаѓа преку брза заработка или потрошувачка. Културата на трошење ја потиснува културата на создавање. Наместо да му се восхитуваат на програмер што прави уникатен софтвер, бизнисмен што успеал да го пласира својот производ во странство или инженер што измислил нова технологија, младите гледаат модели на успех во оние што отвориле уште еден луксузен локал, некој „што се снашол“ или во оние што се појавуваат на билбордите што нудат розова иднина.
Обложувачниците и коцкарниците, исто како и моловите, се места во кои надежта се продава по фиксна цена, а добивката е секогаш на еден чекор, тука е, само што не дошла. Тие не создаваат вредност, туку ја одземаат. Парите што можеле да одат во развој, образование, обука или во семејниот буџет се претвораат во профит за неколку сопственици. Овој модел на економија не ја гради државата, туку ја разјадува одвнатре.
Илузијата на забрзан економски развој е опасна затоа што нуди лесна политичка промоција, има пропагандна форма, но нема функционална суштина. Новиот мол или новиот маркет со странски бренд се мерат во квадратни метри, лентите се сечат пред камери, а медиумите ги прикажуваат како доказ за напредок. Но капацитетот за извоз, технолошка иновација и домашно производство не се мери во квадратни метри, туку во фабрички линии, во нови патенти, во квалификувани работници и во интегрирани локални синџири на додадена вредност.

Ако продолжи овој тренд, Македонија ќе остане магацин за туѓи производи и сцена за домашно економско замајување. Ќе продолжиме да гледаме како низ нашите улици минуваат камиони натоварени со стока што доаѓа, се преработува и си оди, а ние остануваме со празни раце и со уште поголема желба за нешто што никогаш не го произведуваме сами. Тогаш, кога ќе сфатиме дека светлата на моловите не ја осветлуваат иднината, туку ја прикриваат темнината на економската зависност, ќе биде предоцна да го смениме патот.
Историјата нè учи дека народите што ја замениле производствената култура со потрошувачка се соочиле со постепено губење на сопствениот економски суверенитет. Од античките полиси, кои престанале да обработуваат земја и почнале да увезуваат жито, до империите што ја предале занаетчиската умешност за сметка на луксузот и увозната стока, крајот секогаш бил ист. Зависност, политичка слабост и губење на влијанието. Ако дозволиме економијата на молови и обложувачници да стане нашата судбина, тогаш ќе ја повториме истата лекција, но овој пат без втор обид.
Пораката е едноставна. Не е доволно да се зборува за домашно производство, треба да се постават цели и рокови. Да се бараат лидери што не го мерат успехот по бројот на отворени маркети, туку по бројот на нови фабрики, истражувачки центри и индустриски погони. Да се изградат стратегии што нема да зависат од еден извозен пазар и да се создадат програми што ќе ги вратат младите дома не со празни патриотски фрази и очајни кампањи, туку со вистинска работа и достоинствена плата. Да се затвори маѓепсаниот круг на увоз и коцкање и да се отвори патот кон економија што произведува, создава и се бори за секое ново работно место.
Ако не го направиме тоа, ќе го заслужиме секое понижување што ќе ни го донесе иднината. Затоа што народ што свесно го гради својот живот врз туѓа стока и врз илузијата на среќата, народ што се навикнал да гледа како други му ја коваат судбината, веќе се откажал од сопствената моќ. И тогаш повеќе нема да биде важно дали Скопје е мол или Македонија е магацин. Ќе биде важно само тоа што сме станале неми чувари на туѓи витрини, со клучевите од сопствената куќа одамна оставени во туѓи раце.

Кирил Колемишевски е обичен граѓанин што пишува за она што сите го чувствуваме, но ретко го кажуваме. Верува дека Македонија има душа што може да се разбуди, ако секој од нас почне со себе.