Сиот тој џез – формата како глагол

Дваесет и трети јануари… во просториите на Националната опера и балет, со почеток од 20 часот, прв концерт на Националниот џез-оркестар. Со овој концерт, кој претставува еден вид вкрстување на бигбенд-творештвото на истакнати македонски џез-автори од повеќе генерации, свечено ќе биде обележен почетокот на концертната сезона на Оркестарот.
За месеците што следуваат новата национална установа подготвува внимателно избран репертоар, кој ги следи актуелните трендови во џез-музиката, но вклучува и изведби на џез-класици од домашната, регионалната и светската џез-сцена, како и гостувања на еминентни музички имиња. Kонфликтот помеѓу академските и креативни активности и протагонисти конечно е решен. По повод „Сиот тој џез“ и перипетии и следните редови на темата.
Целиот процес на џезот е започнат случајно, со неочекувано спојување на неколку порано неврзани социјални моменти. Антиидеалистичката филозофија на уметничкото движење на т.н. изгубена генерација, пред и по Првата светска војна, млади луѓе го креваат гласот против сѐ што мириса на хипокризија на постарата генерација. Во секојдневниот живот тоа значи дека човекот е слободен да се забавува, што обично се сведувало на секс и пиење. Во уметноста тоа се отелотворува како експеримент и испревртување на старите форми наопаку, на глава, како што тоа Џојс го прави со романот, О’Нил со театарот, Пикасо со сликарството. Џезот идеално се вклопува на сите нивоа. Забавен е, секси и секоја изведба преставува нова музичка форма. Ако во своето настанување тој се потпира на афроамериканските корени, со текот на времето прераснува во постапка, методологија што овозможува во неговата основа да се вткаат и сопствените омилени (па, и македонски и балкански) рефрени и да ги варираме според сопствената волја, инспирација и дарба.
Историјата на џезот, особено онаа т.н. интуитивна фаза, во почетокот на 20 век временски и методолошки кореспондира со појавата на ликовната апстракција, што е исто така предмет на отфрлање и пежоризација, ја карактеризира една заедничка нишка. Дефигурацијата во ликовната уметност, хармонската деструкција во џезот, монтажниот простор во структурниот развиток на филмот, сите заедно укажуваат и водат кон една од клучните компоненти во модерната уметност – деконструкцијата. Но деконструкција не толкувана и сфатена како субверзивен аспект, која ја распарчува и „дегенерира“ формата, туку како методологија што го поттикнува креативниот дух и го води низ лавиринтите на творечките процеси.

Освен како израз, за џезот денес слободно може да се зборува како за глобален културен патерн, методологија, постапка што „заговара“ (не наложува) третирање на формата како глагол, при што како последица музичката содржина се деконструира и се ослободува од „ропството“ на совршените форми на класичната хармонија. Со тоа се отелотворува идејата дека формите на класичната хармонска прогресија не се доволно просторни и еластични за во нив да се вградат, изразат и сместат врутокот и ритамот на новите музички струења. Во контекстот на постмодерната теорија на идентитетот, неа ја карактеризира и продлабочува и модерната криза за релативната способност на традиционални музички форми да го восприемат новиот бран на глобален музички мултикултурен сензибилитет. Во потрага по излез од тоа „возвишено заточеништво“, музиката ја пронаоѓа својата нужност во Чарли Паркер, Сесил Тејлор, Орнет Колмен и преостанатите од плејадата на би-бап, фри-концептот, кул џезот итн. Во безмалку вековната „бездушна џез-историја“ и неколку интересни епизоди и анегдоти…
„Хитлер и Гебелс наспроти џез-апстрактното сликарство“. Хитлер ја забрани модерната и апстрактната уметност, објави пред некоја година престижниот „Њујорк тајмс“ по повод фасцинантното шоу на тема „Третиот рајх и музиката“ во „Сите де ла музик“ во Париз. Со ваквиот чин, во извесна смисла од моќна и неприкосновена позиција на владетел, прогласува апсолутна доминација на совршените форми на хармонската прогресија, создадена и олицетворена во совршените форми на делата на Бах, Хендл, Бетовен, Брукнер и Вагнер. Се прогласува за неподобна, атоналноста на Шенберг, а музичките апстракции, како џезот, свингот и преостанатите идеи и музички бранувања што доаѓаа од преку океанот се отфрлаат и се сатанизираат како дегенеративни и несоодветни за душата, на „првиот музички надарен народ на земјата“, според зборовите и препораките на Јозеф Гебелс, интелектуалниот спиритус мувенс на Рајхот. Спротивно на своите убедувања со ваквиот политички чин, го доделуваат можеби првиот сериозен комплимент на џезот како уметност и го трасираат и верифицираат како методологија, што музичката уметност ја ослободува од совршенството на музичките форми на хармонската прогресија во кои таа (музиката) како особен уметнички израз, всушност, е заробена.

Ведро и анегдотски прозвучуваа и образложенијата и формулацијата на бугарските цариници кога на времето на границата од багажот ни ги одземаа винилските џез-албуми, со образложение дека во Бугарија е забрането да се внесува т.н. „развалена, џезова“ музика.
Тоа на планот на тогашниот општествено-историскиот момент, кај Бугарите и безмалку и кај целиот тоталитерен Исток, подразбираше загрозување на тоталитарниот дух, кој очигледно претендирал да има контрола над сите сфери на животот, со што, покрај надворешното, се обидувал да воспостави ред и поредок и во најсуптилните креативни сфери на внатрешното човечко битие. Дека во тоа воопшто не успеале обидите на идеолозите на тоталитарниот дух можеме да се увериме на секој чекор
Признавајќи ја огромната моќ на музиката, која е во срцето на тогаш семоќниот и неговите поданици, се отвора можеби едно од клучните прашања за онтолошката структура на џезот како уметност.
Влијанието на првиот апстрактен акварел на Кандински и следот од деконструктивистичкиот наплив во првата половина од минатиот век, како и низата интуитивни џез-референци на американскиот „бекстејџ“, пред сѐ треба да се набљудуваат како влез во новата ера на неограничените визии и како обид за ослободување на креативниот дух од „ропството“ на совршените форми и содржината.

Музичката и ликовната апстракција во ерата на тоталната виртуализација, и покрај многубројните перипетии и денес витални и живи, се столб на модерниот сензибилитет. „Целта на уметноста не е ослободување на моментално исфрлање на адреналинот, туку е постепена, доживотна градба на состојба на чуда и спокој“, според зборовите на класичниот пијано-гениј Глен Гулд.
Да беше жив, и Рахманинов, а и другите – Дебиси, Равел… сигурно би посегнале по џезот. Неговата техника, супериорност, сила, природно би побарале патишта, некаков излез од дијатонското ропство и хармонската прогресија. А џезот е убава можност за една таква авантура каде што би ја вкусиле слободата и би се насочиле кон музиката без ограничувања, кон рајот наречен „хроматски универзум“. Честитки за новиот џез-потфат… и новата национална установа.