Албанофобијата како штит

Токму додека размислувам за она за што треба да пишувам оваа седмица, како стрела ме пронижува една мисла на францускиот нобеловец Анри Жид: сè е кажано од порано, но бидејќи никој не слуша, треба да се вратиме назад и да почнеме одново. Така некако изгледа и улогата на јавниот интелектуалец, колумнистот (кој, во случајов, пишува над четврт век): пишува и зборува со надеж дека ќе создаде некаков ефект или барем дека ќе поттикне дебата по важно прашање, ама сфаќа дека ефектите се мали. Мнозина или не слушаат или не сакаат да чујат; некои не сакаат да си го нарушуваат мирот, личниот спокој (или дури и личната несреќа), најчувствителни се на лоши вести среде празници кои ги сметаат за посвети од човечките животи. Најлоши се оние што велат „не се замарам јас со политика“. Ама политиката се „замара“ со нашите животи. Иако навидум си зборуваш во ветрот, сепак ехото почнува да татни, бидејќи и најнезаинтересираните почнуваат да се будат и гневат. Во изборот меѓу многубројните теми, ја дофаќам онаа најчувствителната, онаа што дури станала и табу-тема. Ете ја во насловот… Со надеж дека ќе потресе и ќе разбуди поголем број луѓе – бидејќи време за чекање и трпење веќе нема! Вчера М-нав, утре сите ќе нè мавне по глава.
Повеќе од две децении зборувам дека е до системот, поточно до амандманите што во 2001 година требаше да донесат мир и развој (барем така зборуваа оние што ги напишаа, односно наметнаа). А всушност го деформираа и она што навидум ветуваше демократски поредок. Од рамковниот договор создадоа света книга, обвиена со превез на недопирливост и нешто што е над правото и моралот. Бараат да не се чепка, ги бранат и словото и духот (небаре е ова Аладиновата ламба), а „не дај боже“ некој критика да изнесе – го чека линч. Системот е накриво насаден, ама и луѓето се оние што го одржуваат во живот, и тоа лагоден за нив. Тие што ги заменија војничките униформи со скапи брендирани костуми (чувајќи ги легендарните чизми на таванот, како што сме често потсетувани) и банкарските сметки ги наполнија „како брод“, се чуварите на договорот и негови толкувачи (по потреба и кога е опортуно). Онака како што беше донесен (под принуда и без дебата), така беше (со уцена) вметнат и во преамбулата на Уставот.

Но да се вратам на суштинските ефекти, оние со кои живееме: мина премногу време, а „славните команданти“ не само што скокаат од функција на функција, без оглед на резултатите (а за нив често се виновни „пајакот“ или „кабелот“), туку и инсистираат да бидат недопирливи. Ако некој се осмели да им ја каже вистината в очи, тогаш врескаат (најверојатно адресата е на Калето): леле, ова е албанофобија, овие националисти и темни сили нè мразат само затоа што сме Албанци! Помагајте! А не е ни чудо што се вака разгалени, бидејќи самоволието и улогата на king-makers (фактор од кој зависи формирањето на секоја владејачка коалиција од 2002 година до денес) е она што од нив направи недопирливи за критика или смена. Дури и за компромис… За ДУИ не важи онаа позната американска политичка поговорка дека „пелените и политичарите треба да се менуваат често од иста причина“. Може да се смени која била друга партија во власта, ама ДУИ е константа. Кога се „полни“, па и преполни, тогаш не само што се шири смрдеа туку и зараза. Оваа „зараза“ може да се нарече башибозук, неодговорност, неказнивост, некадарност – а нејзините ефекти се веќе метастазирани. Со децении ним им се може сè, од масовни вработувања на луѓе што седејќи дома и земајќи плата стасаа и до пензија, па до упади во пензискиот и здравствениот систем, напади на поштенски „кочии“, официјализирана политика на вработувања врз основа на „етничка ДНК“ (т.е. балансер) итн. Интересно, одредбите на казненото право се одбиваат од нив како од невидлива купола за одбрана и уништување проектили и дронови. Штом им кажеш дека институциите ги разурнаа однатре со отворен и бесрамен непотизам и партиски клиентелизам, тие пак се бранат на еден ист начин: ова е албанофобија! Нè напаѓаат само затоа што сме Албанци, а ние Албанците сме секогаш жртви, од вјеки вјеков. Македонците се угнетувачи и националисти, па затоа мораме и нивните идентитетски прашања ние да ги решаваме – на европски начин. Своето не го даваме, ама нивното ќе го распродадеме за повисокото добро и евроатлантската иднина.

Мнозинството, особено во интелектуалната сфера, молчи и мрмори во тесни кругови – или под дејство на алкохол во кафеана. Партиските лидери се уште повнимателни, бидејќи нивната „математичка прецизност“ досегнува само до победата на изборите и калкулациите за коалицискиот потенцијал (т.е. достигнување мнозинство за формирање влада). Нам не ни требаат вистиномери, кога луѓето си наметнуваат самоцензура или политички коректен говор, со кој „вртат како дождот околу Крагуевац“ само да не ја кажат директно вистината. Ако мирот на едно општество зависи од ваквите вербални акробации и избегнување нештата да се наречат со вистинското име, тогаш да се прашаме: каков е тој мир кој почива на лаги? Кој зависи од додворување некадарници што не знаат за доста? До каде ќе одиме во урнисувањето на државната структура и на сервисите на граѓаните? Онака како што Израелците врескаат дека секоја осуда на ционизмот и геноцидот во Газа била наводен антисемитизам, така Бујар и компанија го користат зборот албанофобија. Тоа е како „црвен код“ на аларм: штом бидат фатени на дело (поточно, во вршење недело) се вади штитот на албанството. Како што припадноста на ниту една нација (американска, израелска, македонска, германска или британска) не те прави подобар и подоблесен од другите, така е и со албанството. Статусот на жртви на прогон и режим веќе не пали. Тие се режим повеќе од 20 години. И оваа држава веќе не е заробена, туку е киднапирана. И речиси капитулирана во сопствената неспособност и беда…
Не верувам дека обичниот народ си ги мрази соседите што живеат исто бедно и понижено како и тие. Нашата заедничка несреќа и зла коб се вкоренетите албански шовинисти, кои најпрво вршат „чистка“ во сопствените етнички редови, фаворизирајќи ги најлојалните партиски војници и роднини, а отфрлајќи ги најдобрите и највредните. Дури потоа доаѓа пазарењето со „тефтерчиња“ со коалициските партнери од другиот етнички кампус. Не дека во македонскиот кампус постојат критериуми и систем на заслуги, но тие протагонисти барем можете да ги смените на избори. Прашањето е: како да се смени равенката во бинационална држава, во чиј еден дел не се гледа сериозен отпор кон етничкиот терор на бившите команданти, а оние што претендираат да бидат опозиција се натпреваруваат во истата шовинистичка дисциплина во која ДУИ е веќе носител на шампионска титула?

Во битката за изградба на Македонија како пристојно место за живеење за СИТЕ граѓани, како нејзин демос (нација во политичка смисла на зборот), првиот чекор е признавањето на фактот дека груевизмот беше божем заменет со заевизмот (за да сфатиме дека се сијамски близнаци, за што најголем доказ е Таче), но дека непроменет остана дуивизмот. Неговиот најголем „успех“ е воспоставување на тиранијата на малцинството! (И тука не мислам тиранија на Албанците врз Македонците и другите, туку на тиранијата на една шака луѓе што си игра фудбал на мали голчиња среде институции, се кошка во контролата на летање и која врши негативна селекција за свое натамошно устоличување.) Тиранијата на ова дуизирано малцинство прво на удар ги има Албанците што држат до себе и кои се умни и учени, а потоа сите заедно нè држи како свој заложник, додека шепоти бајки за „европски фронт“. И кога сум веќе кај Европа (ЕУ, поточно), гледате како Бујар жонглира и со опоменувачките зборови на европскиот амбасадор? Со други зборови, ги толкува критиките како „разлика на концепти“ (!?), а всушност ни покажува среден прст и нам и на тие од „меѓународната заедница“ кои го негуваат ДУИ како „фактор на мирот и стабилноста“, ама и како зеленоевропска алтернатива. Ни амбасадорите ни нивните шефови не се невини во растењето на овој Левијатан, кој не знае за доста. Затоа, ако воопшто сонуваме и посакуваме пристојна држава, нам ни треба внатрешен сојуз на сите – без оглед на етничка и друга припадност – во демонтажата на оваа „охридска конструкција“, која е навалена повеќе од кулата во Пиза. Нам ни треба сенароден сојуз против длабоката корупција која се крие со потенцирање на етничките разлики. Нам ни треба и систем и движење во кое нема да доминира принципот „подели, па владеј“ – ами воспоставување систем во кој нема да ни ја утврдуваат етничката ДНК пред заслужните да дојдат на вистинските места. Здружувањето на колективниот ум за колективното добро – почнувајќи од најдискриминираните, а тоа се сиромашните и отфрлените – е нашата единствена алтернатива на овој гнил т.н. систем.