(Или сон за едно хипертрофирано его)
Симулацијата во секој речник е опишана како акт на имитација на нештата за да се предизвика со тоа по наша желба позитивен или негативен ефект од неа. Како таква, таа својата генеза ја има во архаичната магиска култура. Таква, таа во психоанализата се доведува по аналошка врска со детето и детството, како синоними на архаичната епоха во животот на човекот, и е присутна интензивно во детската фантазија. Децата со симулацијата како нивна обредна несвесна игра ги имитираат светот и нештата што ги посакуваат во својата потсвест. Забележано е, така, дека тие во тој магиски чин на несвесното најчесто го симулираат образецот на херојот како нивен идеал. Тоа е за машките. А девојчињата во својата симулациска фантазија, како што е тоа и во бајките, го симулираат образецот на невестата или на некоја волшебничка од приказните што го буди заспаниот принц итн.
Тоа е невиниот аспект, „спонтана онтологија“, како што би рекол и Гастон Башалар, на феноменот симулација манифестиран во чистата душа на детето. Да. Но кога потоа возрасните го первертираат и десакрализираат него, станува збор за „расипани деца“, кои целосно ја обесветуваат меморијата на магиската култура (дефинирана од Фројд како „архаичен остаток“) во длабоката архајска психа на детето. Таков е случајот, драг читателу, и со симулацијата на чист етнички парламент и влада во Собранието демонстрирана на првиот ден од почетокот на парламентарните избори неодамна во организација на албанската политичка елита кај нас, под покровителство на црниот двоглав орел на ДУИ. На тој обреден симулациски чин со етничка магија беа формирани етнички чист парламент и влада, а со демек, парадоксално, европски вредности да ги изгласаат уставните измени и со тоа да ја внесат жална Македонија во Европа. За таа цел одлучи етничката влада составена од Талат Џафери како премиер (подолготраен од Рамзес Втори во Стар Египет), Зијадин Села како спикер на Собранието и Бујар Османи како претседател пред и да го почека официјалното гласање за претседател на изборите. Но сон е сон. Така за минута-две во таа етничка симулација на древен магиски начин беше внесена Републиката нападната од сите страни во ЕУ на Брисел. И без разлика што кон таа Европа и според планот на Запад ни требаше Бадинтер, во стартот дефектен и апартхејден, кој беше дополнет и со фамозниот балансер како стега на „демократијата“ да не мрда многу демосот, мнозинскиот конститутивен народ. Што не е случај со Арапите на Бадинтер во Франција. Итн.
Постојат симулации што немаат симболична содржина и се елементарно реалистични. Таква може, на пример, да биде воената НАТО-вежба на Криволак или каде било, што симулира напад на или одбрана од Русите или Кинезите. Сеедно. Но симулацијата на албанската полит-елита во македонското собрание може да ја класифицираме во групата симулации-шифри што бараат посебен клуч на толкување на нивниот симболошки подлабок или поплиток херметизам. Оти, како што мисли и Јасперс, и самиот живот не е составен од ништо друго туку од шифри. Така, според тоа, не можеме да мислиме дека симулацијата на политички симуланти во Собранието е само обична инфантилна политичка игра. Во еден дел е тоа, но таа е шифра што треба да ја растајниме. Во неа на свој изразит начин е манифестирана несвесно сликата на архаичната племенска свест на нејзините креатори. Воленс-ноленс. А таа и таквата слика, како што тврдат психијатрите, е извор на невроза што може да се рефлектира и кај еден колектив што, и покрај сите пропишани права, се чувствува фрустрирано и неостварено во рамките на една држава во која тешко му оди интеграцијата со мнозинскиот народ.
Тоа. Оттука симулацијата на ДУИ во Собранието е само на површина инфантилна игра, а под инфантилниот слој на играта (со оган) таа крие друга содржина и суштина. Имено, во тој случај таа игра е игра на политички инфантилни и опасни деца. Таа е, драг читателу, да се изразам со јазикот на таткото на психоанализата, промоција на желбата. Во клучот на психоанализата таа тежнее да се пробие и реализира од потсвеста во свеста, во која се рационализира несвесното како возможна и остварлива цел. Тоа, пак, како што тврди Фројд, е содржината на желбата, која како психички материјал на несвесното се јавува во облик на сон. Сон во кој, според него (во есејот „Исполнување на желбата“), „работата на сонот се состои всушност во претворање на мислите во халуцинациско доживување“, по што „нам ќе ни стане позната и желбата што од тие мисли направила сон“. Станува збор, допрецизира Фројд, за „несвесната желба“ што „произведува психичка енергија за создавање сон“. И тој сон, според него, не може вечно да се крие зад завесата на потсвеста, која него го обелоденува во полето на свеста. Оттука, во таа смисла, Фројд и му вели на славниот надреалистички сликар Салвадор Дали во разговорот со него: „Мене не ме интересира вашата потсвест, туку вашата свест“. Итн. Имено, како што и нас со тебе, драг читателу, сега нѐ интересира свесното, а не несвесното што го исфрла на површина него во симулацијата за која стана збор и за нејзините симуланти. Нѐ интересира нивната во тој акт шифрирана желба. Само уште малку за нејзиниот обреден магиски дел.
Симулацијата како магиски производ на архаичната цивилизација ја толкува и познатиот антрополог Џемс Фрејзер во неговата „Златна гранка“. Неа тој ја сместува во она што го дефинира како симпатичка или имитативна магија во која со објект, слика, мисла и сл. се дејствува магиски на друг објект. На пример, ако во тој обреден магиски стил се запали фотографија на некој лик што е пожелно да го нема, со самиот акт на палење се верува дека тој ќе умре. И тука е на дело она што Фројд го дефинира како „исполнување на желбата“. Примерот со фотографијата спаѓа во она што претставува црна магија, со која му се нанесува зло на фиксираниот објект. Обратно од тоа е белата имитативна магија, со која му се посакува добро на целниот објект. Е, сега, по ова оставам на тебе, драг читателу, да оцениш на која од овие две магии му припаѓа имитативната симулација на албанската политичка елита во Собранието. На црната или на белата! Во секој случај таа е, иако завиткана во целофан на модерно политичко руво, магиска на свој начин и како таква, пак како што вели Фројд, претставува „архаичен остаток“ од древната племенска свест, која може да биде втемелена не само во индивидуата туку и во колективната психа што знае да ја рефлектира неа како шифра во политиката и политичарите како претставници на еден народ или племе. Така е сега, така стојат работите и со собраниската етничка симулација на албанските политички челници од ДУИ. Тие во неа симулираа чист етнички парламент во кој избраа премиер (Талат Џафери), претседател (Бујар Османи) и собраниски спикер (Зијадин Села). Притоа со магијата на симулацијата (исполнувањето на желбите скриени во потсвеста) ги направија уставните измени против кои е македонскиот народ и со тоа ја „внесоа“ државата (дали албанска или македонска според шифрата на симулацијата?) во ЕУ. А можеби според шифрата на желбата и во Америка.
Тоа е тоа. Можеби малку подолго се позанимававме со овој наизглед неважен но многу сериозен предмет, драг читателу, од аспект на психоанализата (Фројд), а потоа и на антропологијата (Фрејзер), за да го осветлиме длабински и објасниме него како „архаичен остаток“, кој не застарел ни во политиката, сега силно рефлектиран во психата на нашите албански политичари. Очигледно тие не се свесни за тоа, во спротивно немаше да ја направат според нас нивната во многу нешта несреќна симулација, која сега воленс-ноленс сама по себе го одврзува синџирот на асоцијациите и аналогиите што се однесуваат на неа и што произлегуваат од неа. Оти всушност тоа и не е прва симулација на албанската политичка елита кај нас. Првата беше во терористичката 2001-ва, во која албанските терористи на ОНА под водство на Али Ахмети изведоа воена терористичка акција против младата македонска Република симулирајќи борци за човекови права. Нешто што, како што се покажа подоцна, им беше потшепнато од НАТО како нивен политички и воен партнер, како и од европскиот колонијалистички Запад, пред сѐ од Германија, која не извлече хуманистичка поука од Втората светска војна на нејзиниот фирер. А всушност од авион се гледаше, а и подоцна се покажа тоа, бидејќи и Арбен Џафери го сонуваше крајот на младата македонска Република, јавно кажа дека 2001-та не била борба за човекови права, туку за територии, за Илирида или голема Албанија. Тоа е тоа. Така се издејствува од Западот, Вашингтон и Брисел, со политички притисок врз космополитските Македонци, територијалната поделба во 2004-та на чисто етнички политички енклави во Западна Македонија, при што тоа не беше доволно, па тука беше во старт и перверзниот Бадинтеров проект за стопирање на демократијата на демосот. Нешто што Французинот не го направи како „праведник“ и за Арапите во Франција на пример, туку својот франкенштајновски правен експеримент реши, единствен таков во светот, да го испроба само во Македонија и на Македонците. Како и сѐ друго што испроба Западот на нив како заморчиња на „хуманата“ и „демократска“ цивилизација, која сѐ уште не се има откажано од Менгеле.
Тоа. Потоа што е собраниската симулација чисто етничка, етноцентрична со европска маска како „европски фронт“? Тоа е тотална контрадикција, која е отсликана и во етничкиот ум на „европскиот“ претседател Бујар Османи, кој во собраниската симулација на ДУИ беше избран за македонски претседател. Уште тоа им фали на Албанците, за по премиер и собраниски спикер да се добие и Албанец претседател, македонски Барак Обама, како што би рекол Таравари, и сѐ е во ред за комплетирање на албанскиот државен суверенитет. Него го видовме и на мермерната карта на Али во музејот во Сопот на голема Албанија, во која е вглобена и Македонија, до последното нејзино село на исток. Вистински европски и космополитски фронт, нема што. А симулацијата во Собранието всушност беше подготовка, најава на евентуалното избирање претседател во Собранието со волшебниот перверзен политички клуч на Бадинтер, татко и на балансерот, кој е идеален за „демократски“ деструктивизам, а не конструктивизам,како што се покажа тоа на дело и во македонската исчашена политичка пракса, во која Французинот со својот „правен“ изум, единствен таков во светот, ѝ ги врза рацете на демократијата во Македонија. И којзнае дали ќе се најде јунак да ги одврзе нив. А симулација е и акронимот на партијата на Али, ДУИ, која симулира партија, унија за интеграција, но во своето дејствување од нејзиното основање до денес се покажа деструктивна по меѓуетничкиот соживот и хармонија како унија за дезинтеграција, потпомогната во тој концепт и од странски фактор, па сѐ уште работи на уривање на суверенитетот на македонската држава, иако во тоа ја има поддршката и од македонската квислиншка СДСМ, што покажа нацифашистички капацитет за идентитетска ликвидација на сопствениот народ. И така, како што гледаме, драг читателу, симулацијата на албанската политичка елита во Собранието воопшто не е ништо ново. Така, како што видовме, од 2001-та наваму, таа има богата предисторија на симулации и симуланти, меѓу кои најревносен, најинтелигентен, најладнокрвен и најмаскиран, далеку пред сите, е Бујар Османи, кој без да ги праша, ги стави Македонците во неговата и на Курти декларација за Сребреница како коспонзори во ОН. Тоа е брутално перфидно, без разлика што тој тука симулира космополитизам, пацифизам и хуманизам. А задната цел е анимозитетот кон Србите и скриената намера да ги оддалечи Македонците од пријателскиот српски народ, како и од Русите, со кои исто така тие се пријатели. Симулација до симулација и симуланти до симуланти под маската на Европејци, хуманисти и космополити, а всушност вглобени во тесната етничка кожа и трибалистички ум, кој симулира, само симулира мултикултурна и мултиполарна демократија со сонот на своите скриени исклучиво етнички желби, на кои кај нас им нема крај.