Што ја убива надежта на Социјалдемократскиот сојуз?

(Перцепцијата ќе ги победи фактите)

Пред фактите и боговите молчат, но и фактите зависат од фактот кој е Господ. Уште пред да почне изборната трка, Социјалдемократскиот сојуз неколкупати во свои соопштенија изложува материјални факти за успесите од своето владеење. Притоа, генерално и споредбено истакнува дека политиките на ВМРО-ДПМНЕ имаат поразителни резултати во секој можен сегмент во споредба со успешните политики на СДСМ. Според временските рокови, бројките и фактите, во времето на ДПМНЕ граѓаните имале историски најниски плати, пензии и инвестиции, а во времето на СДСМ историски највисоки. Од партијата се надеваат дека овие базни заклучоци ќе ја донесат до победа на претстојните претседателски и собраниски избори.
Се редат фактите и компарациите. Со СДСМ платите и пензиите продолжија да растат и во тешки услови обезбедиле историски најсилна економска поддршка за граѓаните од над 2,6 милијарди евра. Во споредба со времето на ДПМНЕ, СДСМ за 50 отсто ги зголеми минималната и просечната пензија.
Во времето на ДПМНЕ невработеноста беше 25 отсто, со СДСМ 14 отсто е невработеноста во овој момент. Во енергетиката – 18 мегавати во време на ВМРО-ДПМНЕ беа инсталирани, а 283 мегавати инсталирани од обновливи извори на енергија во време на СДСМ. Поврат на ДДВ, нула во време на ВМРО-ДПМНЕ, 2.100 денари во време на СДСМ или вкупно 100 милиони евра досега. Во услови на светска, економска и енергетска криза, СДСМ го зголеми бруто-домашниот производ во споредба со ДПМНЕ за 3 милијарди евра.
Странските инвестиции во 2016 година со ДПМНЕ изнесуваа 338 милиони евра, во времето на СДСМ изнесуваа речиси 754 милиони евра. Инвестициите во ТИРЗ во времето на ДПМНЕ, во 2016 година, изнесуваа кумулативно 600 милиони евра. Во 2023 година, во времето на СДСМ, кумулативно изнесуваат 2 милијарди евра.
Со СДСМ на чело (и со ДУИ до него) Македонија стана членка на НАТО, почна преговори со ЕУ, со ВМРО беше во долга изолација.
И конечно како заклучок за потврда на фактите: „Народот не заборава како ДПМНЕ фрли една милијарда евра на жални врби, стиропор и гаќи за Прометеј наместо парите да ги насочи кон граѓаните. СДСМ со своите праведни и успешни политики го штити стандардот на граѓаните, обезбедува повисоки плати и пензии и работи на напредокот на државата“.
Така вели СДСМ, така зборуваат фактите. Сигурно има и други факти што може да се наредат во нивната позитива, но и наведените се доволни за да се докажат материјалните успеси на коалициската влада што управува со Македонија од 2016 досега.
Нема сомневање дека материјалните факти се вистинити, но перцепцијата кај голем дел од граѓаните е сосема поинаква. Моето искуство од сите избори во повеќепартиска Македонија покажува дека никогаш не победиле фактите, победувале лажните ветувања и вистинската перцепција на гласачите. Победувала психолошката и духовната подлога на гласачите што ја наметнувала опозицијата, а не материјалната со која располагала власта.
Токму таа „духовна сфера“ ги убива материјалните факти на Социјалдемократскиот сојуз, не сега, туку во период од осум години. Од доаѓањето на Зоран Заев на чело на партијата, поточно од Шарената револуција до денешен ден, период во кој СДСМ од партија на најголема надеж стана партија на национален и социјален очај.
СДСМ падна на испитот по национална историја и заштита на својот народ. Во време на власт и одговорност го даваше на тацна минатото на нееднакви делови, го излагаше на поруга идентитетското чувство, го мешаше неуко патриотизмот со национализмот, на штета на патриотизмот. Малкумина се Македонците што ќе ѝ ја простат промената на името на државата, како и понижувачките договори и прифатени услови во односите со соседните земји.
Заборави дека Македонците се деца на сопствена историја, не на туѓа. Станува збор за цела историја, не за историја делена на парчиња. Заборави дека во суштината на секоја нација, на секоја партија патриотизмот, макар и во мали количества, е светост и на државата и на партијата. Им ги замеша, ги повреди националните чувства на дел од граѓаните, она што тие го сметаа за бетон, СДСМ го претвори во песок. Расправајќи што е лево што е десно, што е либерализам, а што национализам, го загуби својот идеолошки компас. Вложувајќи напори да станат Европејци, некои од лидерите заборавија дека се Македонци.
Не умееше партијата да ја одбрани Македонија. Со ред изнесени ставови во интервјуа и политички говори, водството на СДСМ внесе црв на сомнеж во самобитноста на идентитетот, во суштината на минатото, јазикот и писмото. Во лицемерно форсираната платформа наречена „едно општество за сите“ Македонците, според распоредот на силите и влијанието, станаа политичко малцинство немоќно да ги реши ниту основните проблеми во односите со соседите и во односите со меѓународната заедница.
Препуштајќи му ја речиси во целост политичката и идеолошка иницијатива на коалицискиот партнер ДУИ, македонската партија во последниве две-три години го изгуби сопствениот идентитет, ја умртви националната енергија на Македонците и придонесе да се стекне впечаток дека работи за туѓи интереси. Сигурно дека се екстремни некои тврдења дека партијата е предавничка, далеку од таков квалификатив, но факт е дека таа етикета ѝ е лепена не еднаш и двапати.
Да се вратиме на фактите и перцепцијата. Тие материјални факти не вредат ниту пет пари, таква е перцепцијата на голем дел од граѓаните, од гласачите. Тие факти се обезвреднети и од аферите со тендерите, од непочитувањето на законите, од беззаконието, од криминалот, корупцијата, од состојбите во економијата, во здравството, во образованието.
Факт е дека се зголемени платите и пензиите. Перцепција е дека и покрај тој факт се живее во поголема немаштија, нема здраво тело и здрав дух со болен џеб. Растот на цените и сиромаштијата убиваат и материјално и духовно. СДСМ како да е во железен оклоп, не ги чувствува тие болки на народот. Или не знаеше да ги сфати и исправи додека владееше. Затоа ќе си плати соодветна цена на овие собраниски избори.