Уставот влезе во процедура, Македонија допрва ќе се вплеткува во неа. Кое било решение е избор меѓу поголемото и помалото зло. А не може да се одреди кое е какво. Дали впишувањето на Бугарите во него ќе ѝ донесе среќа или несреќа на државата – е едно од судбинските прашања на првите децении од овој век. Несреќната жална Република Северна Македонија е доведена пред најголемата историска пресвртница во своето државотворно уставно уредување. Што и да реши, од тој ден кога ќе реши, Македонија нема да биде истата држава.
Со влегувањето на Бугарите во македонските политички граници и со нивното директно учество и мешање во македонските работи ќе заврши еден историски циклус што траеше речиси сто и повеќе години. Ќе заврши еден историски период, зашто во Уставот не влегуваат само запишаните 3.500 македонски Бугари. Преку Уставот државата Бугарија влегува во Македонија користејќи ги сите агресивни права, заменувајќи го полека македонскиот политички и општествен простор со бугарски.
Прашање е зошто сме слепи пред тој факт?
Тој чин ќе го означи и дефинитивниот крај на циклусот од триесетте години независност и самостојност. Завршува тој краток и во основа неуспешен циклус, со испуштена шанса да ја постави државата на поцврсти темели. Се затвора таа историска страница. Ќе се брише старата и ќе почне да се создава новата државна историја, ќе почне нов историски циклус, далеку понеизвесен, независно дали ќе има бугарски, европски или друг меѓународен печат. Најмалку ќе има македонски.
Кој овој навестен историски процес не го согледува, ништо друго не може да види.
Откако доброволно, без цена, му го даде името на грчкиот подавалник, сега следуваат очекувани последователни чекори. Само слепите не го предвидоа тоа по потпишувањето на Преспанската спогодба. По името, на ценкање се идентитетот, историјата, јазикот и писмото, национални категории што не ги признава бугарскиот политички естаблишмент. Не само што не ги признава туку ги прогласува за фалсификат, за ништовни. Ако Македонците ги загубат нив, ништо за возврат нема да добијат. Веќе ќе нема македонско минато, уште помалку иднина.
Кој овие вистини не ги разбира, ништо од политика не разбира.
Не е случајна раширената неизвесност што ќе биде со државата и со иднината на македонскиот народ. Прашањето не е излишно, зашто државата е во долга општа политичка, институционална и меѓунационална криза, во уште подолга економска. И во лидерска и кадровска криза. Во психолошка, депресивна криза е и поголем дел од народот, осиромашен, заплашен, немоќен пред походот на неспособните и корумпирани политичари.
Не е никаква утеха дека во криза се и многу поголеми и посилни држави, но на поинаков начин, имајќи ги предвид несреќите со пандемијата на ковид-19 и со војната во Украина. Но само Македонија е во специјална идентитетска државотворна криза и ставена пред европски ѕид. На него европските дипломати пишуваат: „Или ќе попуштите или ќе ве нема!“. На другата, скриената страна од ѕидот е допишано: „И да попуштите истото ќе ви се случува!“
Продефилираа на чело и на опашката на државата или на Владата млади неискусни политичари, собраниски пратеници и други кадри без развиено чувство за државна, општествена и лична одговорност. Многумина без никакво работно искуство, без историска поткованост, некои Македонци со сомнителна или поинаква национална свест, сопственици на две–три државјанства. Поминаа цели мандати во државни фотелји, неспособни, молчеливци, деструктивци, министри шарлатани, криминогени типови, корупционери од висок ранг и за големи суми. Од сите партии и од сите националности.
Пред наши очи и при нас живи, со административни решенија, низ локални лавиринти, со административни прекројувања, владини пазарења и аминувања, од ден на ден се менува етничката и географска карта на Република Македонија, на единствената останата легитимно признаена територија на македонскиот народ. Општа карактеристика при тие промени е дека таа територија, источна и западна, се опустува, останува без луѓе, без млади генерации. Не гледаат надеж во државата во која се родиле и израснале. Не веруваат дека власта ќе стори нешто што би било добро за нив.
Не е национализам или исторична носталгичност, ниту пак национална вдахновеност ако се кажува дека борбата на Македонците за сопствена држава не била едноставна, не одела по еднонасочна нагорна линија. Великата идеја за самостојност од периодот на првите преродбеници наваму главно била спречувана, злоупотребувана, манипулирана, прокоцкувана, задушувана, упропастувана, уништувана. Што од самите Македонци, што од странските држави, пред сѐ од комшиските.
Сепак, Македонците не се загубија ни под јаремот на многубројните турски султани, ни пред агресивноста на богатите грчки фанариоти, не тргнаа масовно по понудите на мисионерите на други христијански цркви, ниту пак (во неколку наврати) подлегнаа на подмитливите понуди на бугарскиот царски двор и на бугарската егзархија и благоспевите за еден народ. Не се асимилираа и не сменија вера ниту во турско, бугарско и српско световно и грчко духовно владеење.
Не се србизираа и не се југословенизираа. Во ниту еден попис нема такви податоци. Грижливо чувајќи ги својот јазик и своите религиски традиции и фолклор го зачувале и својот идентитет. Немале своја држава, немале своја власт, но и во безмалку невозможни услови останале свои на своето, во духовна и национална смисла.
Навистина, не кревале многу буни, не се одликувале со голема колективна храброст, наведнувале глава (навалена глава сабја не сече), виткале кичма, секому му служеле по малку, колку што се морало, подлажувале кога требало, менувале сојузници, но речиси секогаш, во клучни историски пресврти во големо мнозинство се определувале на вистинската страна. Можеби со итрини, можеби со ум и разум, можеби со поткуп иако биле сиромашни ги испреварија сите владетели.
Што се случува со наследници на оние што го претворија тој сон во стварност? Со модерните, образовани, распашани и неодговорни Македонци? Од каде се појавија сомневањата дека сите достигнувања, сите национални победи на претходните генерации биле историски грешки? Од каде произлегоа сомневањата дали згрешија нашите дедовци и татковци што создадоа своја самостојна држава и нација и што не прифатија туѓа јурисдикција? Кој го посеа семето на ова историско зло? Кој е виновен што вековната идеја за слободна, самостојна и независна држава на македонскиот народ сега го доживува почетокот на крајот?