Има нешто симболично, но и злокобно во фактот што Радмила Шеќеринска, во нашата јавност позната и под прекарот Марија Антоанета (поради енормното богатство и нечувствителноста за сиромашните) стана заменичка на генералниот секретар на НАТО токму во моментот кога светот е на пресвртница. Кога избира (или некој во негово име си игра со) живот и смрт. Историски, некои ќе се сетат дека Марија Антоанета беше онаа последната кралица што животот го загуби од раката на револуционерите во Француската револуција. Нашиот народ, пак, има стара изрека: тамам сиромавиот (се мисли на најсиромашната држава во Европа, секако) се фатил за орото, а тапанот се скинал. Така и ние со членството во НАТО. За него жртвувавме и име и уставен суверенитет, се пониживме како ниту една нација на светот, станавме просјаци пред портите на воена алијанса што безмилосно ги рекетира сите свои членки за наводна безбедност. Како да не е доволно што припаѓаме во групата од 18 држави членки (од вкупно 333) што веќе издвојуваат повеќе од 2 отсто од бруто-домашниот доход, туку воениот буџет за 2025 година ќе биде двапати зголемен. Но, војна се ближи. Голема. Глобална! И најверојатно финална. Умниот Ајнштајн, имајќи ја предвид трката во нуклеарно вооружување, кажа дека не знае како ќе се води третата светска војна, но во четвртата оѕверените луѓе ќе се тепаат со камења и стапови.
На неодамнешната Валдаи конференција, утрото по моето вечерно излагање ми пријде познат индиски дипломат. Разговорот беше пријатен, каков што е обично со умни луѓе, кои иако не се познаваат, веднаш имаат теми за разговор. Но ме фати на двапати во ситуација во која ми беше тешко да најдам соодветен одговор, а да не се чувствувам посрамено. Разговаравме за концептот што почнува да станува многу важен (цивилизациска држава), особено во земјите на глобалното мнозинство (поточно, незападните делови на светот). Под влијанието на колонијализмот, тие биле (или уште се) предмет (освен на освојувања и експлоатација) и на културен инженеринг и жртва на „цивилизаторската мисија“ на Западот. Идејата е сотирање на корените, традициите и сето она од минатото со што го збогатиле човештвото и создале свој идентитет, а со цел да ги престорат во нешто слично на себе (нешто како кога, според религијата, бог го направил човекот според својот лик). Ме праша колку нам ни е важен Александар Македонски. Се обидував да го расплетам балканскиот јазол и идиотската позиција на јужниот сосед, кој ја искористи нашата болна желба да станеме членка на НАТО (па, дури и се откажавме и од историјата и од уставниот суверенитет). Но, следуваше второто прашање: А какви придобивки имате сега откако сте членка на НАТО? Човекот не беше воопшто циничен, само искрено љубопитен. Можете да замислите како се чувствував кога одговорив: Ништо! Не можеше да верува дека од 2020 година до денес од Алијансата не сме добиле нешто како инвестициска помош, а дека покрај тоа плаќаме годишна членарина, зголемуваме воен буџет и учествуваме во помошта за Украина (односно, станавме завојувана страна во прокси војна што не ја ни сакавме). Којзнае што си помисли за држава што дала сè, а добила – можност да ја снема од лицето на земјата.
Ете, деновиве дојде „наградата“, на лично конто на жена што стори сè да станеме НАТО-вазал. Прв македонски граѓанин, пардон – жена стапнува на висока позиција како што е заменик на генералниот секретар на најмоќната воена алијанса на светот! Дури и во круговите што се политички противници на партијата од која доаѓа нашата Марија Антоанета настапи миг на еуфорија, па дури и национална гордост. Ќе помислиш дека добивме сатисфакција за сите национални жртви. Премиерот (со слаби колена) призна дека државата ја поддржала нејзината кандидатура. Претседателката, која љуби за себе да кажува дека е командантка на македонските вооружени сили, сјаеше од среќа на средбата со колешката (по воена и женска линија) среде кабинетот. Ќе помисли човек дека овие две жени ја виделе Кантовата визија за вечниот мир, а не дека сме на чекор од нуклеарна војна, вака заглавени во сопствената сиромаштија. Патем, само два дена претходно, при одбележувањето на Светскиот ден на детето, нашата „командантка“ заборави дека оваа година Газа е прогласена за гробје на деца, па не ги ни спомна додека со љубов гледаше во нашите дечиња собрани околу неа. (Над 40 илјади Палестинчиња загинаа, а уште десетици и десетици се на работ меѓу животот и смртта, и да не ги броиме оние што останаа без екстремитети или беа оперирани без анестезија, поради што еден британски лекар се „скрши“ и плачеше како дете среде британскиот парламент.) Не е проблемот што ги забораваат (или, уште полошо, не смеат ни да ги спомнат децата на Палестина), туку што воопшто и не мислат на Дамокловиот меч што виси над главите на нашите внучиња.
Сега, нешто повеќе од 1.000 дена војување во Украина, а особено откако сфативме дека нема пилот во американскиот авион, Армагедонот е многу повеќе од библиска приказна. Секој ден сме поблиску до него. Кога чекаме автобуси на ЈСП, кога болниците не можат да ни пружат нега, кога образованието доживува и едукативен и морален колапс и кога партиите се јуначат со пцости… сето тоа е банално во споредба со облакот што надвиснал над светот. Да појаснам: Бајден беше буквално елиминиран од претседателската кампања поради когнитивни и ментални проблеми (и заменет со Камала Харис) во нешто што беше слично на државен преврат. Сега е само фасада, која дури и не се појавува често во јавност. Формално е сè уште претседател на САД, но никој сериозно и не помислува дека тој ја донел одлуката за употреба да ракети со долг дострел на руска територија. Се разбира не! Тоа е онаа група кабалисти што од сенка си играат Господ. Пудлиците од Лондон не сакаат да се покусо, па лаат и се закануваат. Макрон, со само 23 отсто поддршка кај француската јавност, сака да биде нов Наполеон (но, кој ќе ја покори Русија). Шолц е во предизборна каша, која сам ја запржи кога ја сврте Германија кон милитаризам, наместо кон развој, на чело со онаа неговата „зелена“ Бербок.
Мнозина анализираат кој и зошто сака да ја ескалира војната во Украина на два месеца до инаугурацијата на Трамп (од кого, реално, јас не очекувам ништо добро, особено на Блискиот Исток и Кина). На почетокот и јас помислив дека одлуката за употреба на западно оружје врз Русија е само последен очајнички чин на злобниот, војнохушкачки глупак, со цел да го саботира преземањето на власта од страна на Трамп. Но брзината со која овој дементен старец беше поддржан од релативно разумни, иако злобни лидери на Англија и Франција, покажува поинаква перспектива. Ова не е лична или меѓупартиска борба меѓу Бајден и Трамп. Главниот влог го има НАТО, на чие чело обично стои мистер Стрејнџлав, а сега и локните на Рада. За да остане релевантен, НАТО мора да стори две работи: 1) да се фокусира на достоен надворешен непријател и 2) да ги натера САД да ја финансираат целата операција. Со овие два елемента, НАТО може и натаму да ги држи Русите надвор, а Германците на колена. Тоа, на крајот на краиштата, отсекогаш беше нивната примарна цел, зарем не? Европа не може да се брани сама (иако друго прашање е дали и зошто некој би ја нападнал воено). Со ЕУ и НАТО како сијамски близнаци, каква одбрана може да произведат? Замислете ја на купче силата на Романците, Бугарите, Македонците, Словенците и Хрватите (меѓу другите), кои заедно со Германците соработуваат со Британците на некој таен воен план со кој ќе ја победат Русија? Европа (особено сега, кога и тоа што го имаше го испрати во Украина, во која пак нема доволно жива сила) како никогаш порано има потреба од американска мускулатура за одбрана од своите имагинарни непријатели, како Русија. Иако со тоа одамна си потпиша смртна пресуда, бидејќи руската енергија беше извор на нивниот економски прогрес сè до скоро.
Нивната идеја гласи: Украина не може да победи (т.е. губи на терен), но потребно е да ја испровоцираме Русија. Таа нека преземе некој чин со кој ќе ги убедиме Американците да останат во игра. Трамп покажува знаци на колебливост.
Но, од другата страна на шаховската табла седи човек чија сила е политиката на воздржаност и тактичка и стратегиска визија (во која нема место за глобален холокауст). Ако Обама можеше да добие Нобелова награда за мир однапред, уште пред да стори ништо (а потоа си го покажа грдото воинствено лице), сега Путин е тој што заслужува таква награда. Сакале да признаеме или не, нашите животи зависат од нервите и воената вештина на тој човек да не потклекне, ама и да не го уништи светот. А тој може да преживее само ако НАТО престане да постои. Сфаќаме ли ние дека сме дел на едно милитантно и забегано малцинство, опиено од старата слава на империјализмот, колонијализмот и експлоатацијата на послабите. Но, новата мултиполарна заедница, чии контури ги гледаме во БРИКС плус развива нови, слободни, неблоковски односи меѓу државите и луѓето е свет во кој нема воени алијанси и противнички блокови, туку е збир на држави што сакаат соработка, развој и деца што ќе живеат подобро од родителите. Не е непознато дека и држави на НАТО (како Турција) се заинтересирани за поблиска соработка со БРИКС. Зошто? Затоа што сфаќаат дека ако досега војната носеше повеќе профит од мирот, сега е на сцена инаква опција: до профит/благосостојба по пат на мирољубива коегзистенција, соработка и заемен интерес.
Нова година ќе си честитаме отпосле, ако ги преживееме овој интеррегнум и воениот амок/лудило на хушкачката гарнитура ,која е насмеана додека кришум подготвува скривници за нуклеарен напад (ама само за себе, ние преостанатите сме и онака потрошна роба). Don’t look up!