Не, за сите оние што за ситни интереси се обидуваат Македонија, втисната
како лузна во нашето паметење, да се распукне како меур од сапуница пред „строгите критериуми“ на историската проверка
Каква е разликата меѓу шпион и разузнавач? Разлика нема… тоа е една иста дејност, професија, занимање… единствено се разликуваат по тоа за чии интереси работат.
Меѓу многуте заблуди, матни и енигматични етимологии во овие пресвртници, историски, политички моменти, љубовта кон својата земја и кон својот народ, луѓето ја манифестираат на најразлични интересни начини. Предавници и патриоти, уште една поделба… во нашето транзициско плурално битисување. Кој е што?
Честите изблици на нагласен патриотизам, наместо искрена родољубива прагма се одговор реакција за прашања по кои Македонецот копнеел страдал со векови, и, еве, и денес чека трпеливо да бидат решени.
Предавството, кодошлукот, поданичкото служење на туѓа кауза се често појава и тема кај Македонците. Тешката неверојатна и бездушна историја, проткаена со неизвесност, е вградена во колективната меморија на народот, опеана во песните, содржана и раскажана во преданијата, сказните, клетвите… Токму затоа, напатениот, но мудар Македонец, со стамена сигурност, ги препознава – како селски буквар ги чита, овие современи, софистицирани, но груби и штетни дејствувања на модерните предавници. Современата историја на Европа обилува со неконсеквентни политички потези, на штета на Македонија. Прекројување на границите, непризнавање права за идентитетска определба, преселби, војни, разнебитување. Во поново време, логистика на политиката –стап или морков, која често содржи елементи на неоколонијално владеење.
Светот и човештвото се испреплетени со цивилно-активистички мрежи што се финансираат и поддржуваат од центрите на моќ едно место. Извештаите, рејтинг-листите, процените за слободите, демократијата, медиумите, правата и слични нешта што овие организации периодично ги изнесуваат се во голема мера ирелевантни, паушални, несоодветствуваат, ни на фактите ни на фактичките состојби, а имаат цел да служат како дополнителен притисок на политиката на сила врз „непослушните“ политичари и народи. Затоа, оние што се повикуваат на нивните „експертизи“ пред да донесат вредносен суд за нештата нека се потрудат да ѕирнат во личната карта на тие „невладини“ организации – кој ги раководи, кој ги авансира, финансира.
Дел од НВО-мрежата во нашата земја – предводени од квазиинтелектуалци, медиокритети и безрбетници, очајно и фанатично се продаваат за трошки интерес во име на високи демократски стандарди и слободата, со надеж за влијание што очекуваат да добијат за валканите услуги на своите господари. Оваа ерозија на егзистенцијални и морални вредности погодува на подложност кон секакви влијанија – особено матниот простор на НВО – каде што странските влади (затскриени зад филантропски фондации) ги финансираат и марионетски раководат дел од невладините организации. Како е во развиениот демократски свет?
Во САД има вкупно четири (ЧЕТИРИ) странски невладини организации. Невладините организации МОРААТ да се регистрираат во Министерството за правда на САД, и тоа во Одделот за контрашпионажа. Мораш јавно да кажеш чиј „агент“ си, односно да кажеш за кого работиш – за која странска влада, политичка партија, личност или организација. Исто така, даваш периодичен отчет за тоа во каква врска си со тој за кој работиш, да доставуваш информации за твоите активности, фискални сметки и трошоци. Терминот „агент“ се однесува како на индивидуални лица така и на корпорации и асоцијации“. „Дополнително, мораш да добиеш дозвола од конкретната држава во САД во која сакаш да работиш. А во САД има 50 држави, па сега ти види каква документација ти треба ако сакаш да ја шириш активноста. Си плаќаш данок на парите што ги добиваш (иако можеш да конкурираш за тоа да бидеш изземен од оданочување ако постои договор меѓу САД и државата/владата/партијата/личноста што ја претставуваш)“.
Во САД има само една (ЕДНА) НВО што е финансирана од Русија. Вакви слични закони за странските НВО-организации имаат и Британија, Франција, Русија, Германија и други држави, со што ја уредиле оваа матна и растеглива правна рамка од многумина прозвана како општествена рак-рана наречена НВО.
Во анализите и извештаите, Балканот денес слови како прво и основно бојно поле меѓу Русија и Западот, а сигурно и не без причина Скопје во разговорите и дискусиите се нарекува Казабланка во регионот. За огромното и разорно влијание на затскриените специјални служби сведочат безбројните актуелни примери на Арапската пролет, Турција, Јужна Америка, Украина. Така било и така ќе остане. Држави и царства доаѓаат и проаѓаат, шпионажата останува.
Сѐ уште незалечени ни се раните од болната транзиција, премолчениот конфликт со ОНА, изградбата на демократијата каде што целото општество се престројува – доаѓаат нови луѓе – старите ја губат својата егзистенција, позиција во општеството. Пропаднаа индустриски гиганти и институции – некои поради застарена технологија и берзанска нерентабилност – други поради криминалниот модел на приватизација. Фабрикуваните дополнителни проблеми со соседите бескрајното пролонгирање на евроинтеграцијата и одолжувањата како последица ја ослабуваат климата за странски инвестиции. Заедно со претходните ја зголемуваат армијата невработени, незгрижени и социјално незадоволни. Тоа го намали стандардот на мнозинството граѓани, па многумина се решија со имиграција да ги решаваат егзистенцијалните проблеми. Оваа ерозија на егзистенцијални и морални вредности погодува на подложност кон секакви влијанија – особено матниот простор на НВО – каде што странските влади (затскриени зад филантропски фондации) ги финансираат и марионетски раководат дел од невладините организации.
А политичарите, како по обичај, се колнат ветувајќи иднина во која сѐ ќе биде подобро и различно од порано. Транзициските бизнис-махери во име на просперитетот и доброто на „својот народ“ распарчија, раскрчмија и изнесоа сѐ што можеше да се грабне и да се однесе. Со иницијали истетовирани на своите гради, со географски илузии за голема и обединета Македонија, во име на силните европски и глобални економски преобразби интеграции… Сите заедно, го мавтосуваа сопствениот народ, го деградираа економски, го обезличија и без пардон продолжија да газат врз неговото достоинство. И сето тоа во негово име и со усти полни со псевдопатриотизам и демагошка празна реторика, која се обидува да ја заглуши и опструира здравата логика.
„Татковино те сакам како стари разгазени чевли“ е стих што стои втиснат како епитаф врз надгробниот камен каде што почива извесниот револуционер Симон Боливар, кој својот долг и патриотизам ги изразил и вообличил во едноставен и искрен и прецизен стих, во кој на оригинален начин го изразил своето чувствување на патриотизмот и родољубието и ги вградил во историското паметење. Македонецот не само што умее да ги препознае туку и успешно ќе ги надвладее, спречи и совлада, како што пејоративно велат, овие сложени предизвици.
Не, за сите оние што за ситни интереси се обидуваат Македонија, втисната како лузна во нашето паметење, да се распукне како меур од сапуница пред „строгите критериуми“ на историската проверка.
Нели, „Македонија е сѐ што имаме“, „Оаза на мирот“, „Пристојно место за живеење“, „Во срце ја носиме“ – се работи за опстојувањето, самобитноста и суверенитетот како услов за преживување и просперитет.
Aвтор:Аљоша Симјановски