Што значи договорената 60-часовна работна седмица од владата на ДУИ и СДСМ со градежниот конзорциум „Бехтел и Енка“? Се прашувам дали воопшто има попригодно издание на „Нова Македонија“ за да се пишува на оваа тема од празничното првомајско издание. Често тврдиме дека во земји со „слободен пазар“ граѓаните имаат највисок стандард на животот, нееднаквоста е најниска, поединците имаат најголема социјална подвижност и дека таму новите генерации се раѓаат со поголеми можности од родителите. Навидум ова тврдење изгледа точно, но само една површна историска анализа е доволно да се распукаат овие тврдења како меур од сапуница. Тоа што се нарекува „слободен пазар“ всушност претставува поле за економски натпревар, кое е озаконето, порабено и ограничено од државата. Вистина е дека земјите од Северна Америка и во Западна Европа се најразвиени, но уште поголема вистина е и дека тамошните пазари се убедливо најрегулирани на планетата, во секој аспект на нивното работење.
Скротувањето на пазарот е сторено од многу причини. Првата и главна причина ја гледавме пред нашите очи за време на американската финансиска криза од 2008 година, која ја донесе глобалната економија на работ од бездната. Пазарите не се совршени и препуштени сами на себе тие водат во пропаст што може да ги разниша и темелите на самите општества. Затоа се воведени монетарните власти, комисиите за регулирање на берзите, антимонополските комисии, ценовните регулатори и така натаму.
Но тука не завршува целата приказна. Голем мит е приказната дека пазарот е натпревар што им овозможува на потрошувачите најдобри, најквалитетни и најздрави производи и услуги, како и дека најдобриот начин за регулирање на индустриите е саморегулацијата. Некаде од познатите американски новинари разобликувачи (mugcrackers) од крајот на XIX и почетокот на XX век, печатот им ги отвори очите на граѓаните за (не)квалитетот на храната што приватните компании им ја носат на трпезата, за злоупотребата на приватните здравствени услуги, за израбувањето од приватните енергетски монополи, за корупцијата во јавните набавки, за бесцелните мегапроекти и така натаму. Благодарение на тогашниот изум, дневен весник и магазин финансиран од продажбата до читателите и од малите огласи, јавноста доби увид во „саморегулацијата“, па веднаш потоа властите низ Северна Америка и Западна Европа започнуваат со регулирање цели индустрии и со создавање институции за контрола на производите и на услугите.
Претходно, пак, повторно мајсторите на пишаниот збор, писателите, публицистите и новинарите, пишуваат за грозните услови во фабриките, рудниците, превозните средства и другите работни места, за нездравите работни средини, за нарамномерната распределба на добивката помеѓу работодавците и работниците. Буквално секоја придобивка, во форма на работнички права, била предмет на крвава борба каде што граѓаните се избориле против обединетите сили на капиталот, на државата и на политиката. Прво е укинат детскиот труд, па е укинато ропството, потоа се намалени работните часови, се гарантирало право на годишен одмор, се регулирала пристојна надница за трудот, па се дошло и до право на мајчинско отсуство, платено здравствено и пензиско осигурување. Иако денес се чини дека овие составни делови на нашиот живот биле со човештвото уште од самата зора на историјата, не смее никако да се заборави дека сите овие права се изборени во изминатиов век и половина.
Притоа, борбата за пристоен живот, за правична заработувачка, за здрава животна средина и за сите други економски, социјални и нови човекови права не е изборена благодарение на „слободниот пазар“ туку баш против протагонистите на „слободниот пазар“ и на капиталот. Фактот дека сега некој се дрзнува да чепка во овие придобивки, да ги ограничува или да приватизира цели системи, како здравственото и пензиското осигурување, укажува дека некој ги „приватизирал“ и демократијата и политичките партии и цивилното општество и медиумите, а и сите други островчиња на слободата.
Предложената работна седмица од 60 работни часа во договорот за стратегиско партнерство со „Бехтел и Енка“ треба да биде драматично ѕвоно за будење на македонското општество. Заканата, пак, од вицепремиерот Артан Груби дека, доколку не помине тоа решение, ќе се носеле работници од Азија и од Африка што ќе работеле на автопатиштата е врв на надменоста и доказ дека Македонија е доведена во подредена положба, дека земјата ни е заробена држава. Само во колонии и во заробени држави е можно граѓаните да плаќаат робовски труд на некои несреќници доведени од странство, со цел некои туѓинци да прават профит, да злоупотребуваат национални ресурси, да рушат културно наследство и да изнесуваат пари од даноци на домашните граѓани.
Предложената работна седмица од 60 работни часа е најдобар доказ дека во Македонија уставниот поредок е изгазен, дека демократијата е укината и дека сите човекови слободи и права се суспендирани. Во ниту една земја каде што граѓаните избираат сопствена власт не е можно да се случи една компанија да добие договор надвор од секој закон, регулатива и надвор од најелементарната пристојност.
Предложената работна седмица од 60 часа е прекршување на секоја точка од Копенхашките критериуми за членство во Европската Унија, и во делот на демократијата и во делот на пазарното стопанство, а особено во делот на европското законодавство.
Оттука, сметам дека е потребно овој договор итно да се раскине, а Македонија да ангажира врвни правници за справување со последиците од еден неправеден и нецивилизациски договор. Неправото и нормативниот бандитизам не може да создаваат обврски, а така склучените договори едноставно не може да важат и тоа се докажува низ постапка пред меѓународните судови. Истовремено, на Македонија ѝ се неопходни итни избори, со цел земјата повторно да се врати на демократската врвица и повторно да го започне одот кон демократизацијата. Потоа лесно ќе се разбереме кој преговарал и со каков мандат надвор од уставниот и законскиот поредок, како и со газење на сите норми од европското законодавство. Секако, ќе се разбереме и за сите неправди од 27 април 2027 година, па до денешниот ден. На крајот, пак, доволно долго живеевме под стегите на пљачкашкиот посткомунистички капитализам. Време е и да си ги вратиме и економската и социјалната и еколошката и сите други димензии на демократијата.