Кампања на „Нова Македонија“: „И најмалиот гест против насилството значи спасен живот. Реагирај денес – спаси живот утре!“
Семејството како основна клетка на општеството треба да претставува место исполнето со љубов, разбирање и поддршка, безбедно место за сите што живеат во него. Што се случува кога семејството наместо тоа ќе се претвори во место во кое некој ќе трпи болка и ќе чувствува страв…?
Живееме во општество каде што најчесто кога зборуваме за семејно насилство мислиме на физичко насилство, но не смееме да заборавиме и на другите форми на насилство, кои, за жал, се случуваат насекаде околу нас.
Психичко насилство, кое подразбира примена на психичка присила, која предизвикува чувство на страв, загрозеност, вознемиреност или повреда на достоинството, вербално насилство, вербални напади, вознемирување преку сите средства за комуникација, изолација или загрозување на слободата на движење, сексуално насилство, односно сексуално вознемирување, и економско насилство.
Насилството во семејството е збир на однесувања со кои се поставуваат моќ и контрола над другите членови со употреба на сила, заплашување и манипулирање. Оваа појава се јавува во семејството, се обликува преку патријархалните или традиционалните ставови и уверувања за семејните и партнерските релации и се претвора во образец на однесување, кој се подразбира.
Семејното насилство долго време не се сметало за сериозен облик на насилство, поради што на него се гледало како на однесување што е прифатливо. Оваа социо-патолошка појава со децении се маргинализирала и се оправдувала со патријархалните ставови за семејството, кои и понатаму опстојуваат во одредени социјални средини. На физичкото насилство секогаш му претходи долготрајно и континуирано психичко насилство, со кое сторителот има моќ и контрола над жртвата.
Семејното насилството има свои закономерности, тоа започнува со изолација и вербални напади, понижување до физичко насилство и привидно смирување. Постојат разни дефиниции за семејното насилство и теории како настанува, но едно е сигурно, а тоа е дека треба да тежнееме кон создавање општество без насилство, бидејќи тоа никогаш не е, ниту може да биде решение.
Сторителот на насилство може да врши насилство врз сите членови во семејството или само на една личност, но врз другите членови, особено децата, насилството има силно влијание и остава последици. Тука зборуваме за трансгенерациско насилство. На децата што се сведоци на насилство помеѓу родителите тоа честопати им станува прифатлив начин на однесување. Сторителот најчесто надвор од семејството нема такво однесување поради што семејството однадвор може да изгледа здраво и функционално.
Семејното насилство може да му се случи секому, без разлика на образованието, возраста, социјалниот статус, полот или која било друга карактеристика. Жртвите чувствуваат страв за децата, за својот живот, за егзистенцијата, се срамат, безнадежни се, чувствуваат вина, имаат ниска самодоверба и немаат надеж за позитивна промена. Помошта подразбира поддршка и разбирање, пријавување на насилството и преземање мерки и активности од страна на надлежните институции во чиј фокус е безбедноста на жртвата и изрекување мерки за сторителот.
Што можеме да преземеме?
Да започнеме од воспитувањето на децата дека навредувањето, исмејувањето или лошата постапка кон другиот се неприфатлив начин на однесување. Да работиме на издигaње на јавната свест за тоа дека семејно насилство не претставува само физичкото насилство, кое остава видливи последици, туку и психичкото насилство, како што се изолација, навредување, омаловажување, исмејување, забрани, закани, игнорирање и сл., како и економското и сексуалното насилство. Да ја зајакнеме меѓусекторската соработка бидејќи само така ќе имаме успешна превенција и заштита од семејното насилство.
Неопходно е изрекување адекватни мерки за сторителот, меѓу кои е и вклучување во психосоцијален третман за сторители на семејно насилство.
Да не забораваме дека семејното насилство не е приватна работа, тоа го засега целото наше општество, затоа наместо да молчиме и да ја вртиме главата, да покажеме храброст и солидарност. Доколку се сомневате дека некој трпи насилство, не препуштајте ја ситуацијата на случајност, поддржете, охрабрете, пријавете.
Авторката е дипломирана социјална работничка































