Можна ли е фрагментација на македонската политичка сцена? Состојбите во соседна Бугарија, која цели две години никако не успева да формира политичка влада, со јасен мандат, ја предизвикуваат скопската политичка и интелектуална чаршија да ламентира на тема како ќе изгледа македонското собрание по следните парламентарни избори. Навидум Македонија по демократизацијата има најстабилна партиска сцена во овој дел од Европа. СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се наметнаа низ годините како „стожерни партии“, односно партии што редовно го изнедруваат премиерот и како клучни чинители во владините коалиции. Периодите меѓу два парламентарни избора, всушност, се периоди на владеење на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, кои единствено ги менуваат коалициските партии. Оваа досегашна „закономерност“, ако воопшто може да се нарече така, конечно ќе биде разбиена пред следните избори кога ДУИ ќе го определи премиерот на преодната влада, кај нас наречена „пржинска“.
Меѓутоа, зад оваа фасада на стабилност се кријат многу динамични промени на партискиот систем. Ниту СДСМ е партијата на реформираните комунисти, СКМ-ПДП, која ја поведе транзицијата кон демократскиот систем, а ни ВМРО-ДПМНЕ е оној експлозивен изблик на изворен патриотизам од раните 1990-ти. И кај едната и кај другата стожерна партија, во моментов, вкаменети се легендите дека програмски, идеолошки и кадровски тие ферментирале уште пред првите избори во 1990 година, па потоа цели 33 години патуваа низ историјата без какви било содржински промени, освен некакви ситни визуелни пи-ар трикови, како вмровскиот патлиџан од 1998 година, портокаловото ребрендирање во времето на Никола Груевски, тупаницата од 2010-тите на СДСМ и слично. Вистината е драматично поинаква. Денешното ВМРО-ДПМНЕ и денешниот СДСМ динамично се менуваа низ годините, со цел прво да се искачат на пиедесталот „стожерна партија“, а потоа и да се одржат таму. Притоа, СДСМ беше во многу поголема предност, како некогашна единствена партија од реалсоцијализмот затоа што некогашниот Сојуз на комунисти на Македонија беше филтерот за селекција на целокупната македонска номенклатура. Со таква кадровска моќ, како и со способноста за идеолошко приспособување, СДСМ требаше лесно да едри низ демократската историја и единствено да се труди да кооптира нови личности во врвниот круг. ВМРО-ДПМНЕ, пак, се соочуваше со друг проблем. Пред првите демократски избори, дебатата во Македонија одеше и во многу погрешен правец за целосна забрана на оваа партија (како и на ПДП) или барем кон воспоставување некаков политички „санитарен кордон“ кон нив. Втората идеја дури и се реализираше со формирањето на првата политичка влада од 1994 година. Веќе на следните избори, ВМРО-ДПМНЕ за малку ќе го изгубеше приматот како водечка опозициска партија поради растот на тогашната Демократска партија, која безмалку ги стигна со гласовите.
Кога ќе се пишува историјата на првата деценија од македонската демократизација, секако дека Кичевскиот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ ќе заземе посебно место. Тогаш Љубчо Георгиевски и Доста Димовска одлучија да расчистат со имиџот на партијата како непосакувана десничарска маргина и да се преобразат во стожерна партија, подготвена да понуди премиер и да даде алтернатива за СДСМ. Овој долг пат од политичката дивина кон самиот центар на политиката во Македонија прво ги одведе во коалиција со ДП и со остатоците од МААК. Потоа тие ја кооптираа целата национална интелигенција од реалсоцијализмот, главно собрана околу министрите од првата експертска влада, МАНУ и неколку скопски кафеани и политички салони. Денес се чини дека Никола Кљусев, Ѓорѓи Наумов, Димитар Димитров и другите се со ВМРО-ДПМНЕ од самиот почеток, но се заборава дека тие беа кооптирани дури во 1997 година преку тогашниот Совет на интелектуалци. Меѓутоа, тука не запре преобразбата на ВМРО-ДПМНЕ, туку тие се потрудија да го кооптираат целокупниот политички талент од Демократската партија, од Демократска алтернатива, нешто помалку од реформистите/либералите, а по востоличувањето на Никола Груевски започнаа да регрутираат и од самиот СДСМ. Така што, денешното ВМРО-ДПМНЕ е безмалку излезено од учебник за демократизација, како партија што од маргините успева да се отвори кон политичкиот центар, каде што е најголемиот број на гласови, па притоа да се наметне како стожерна партија.
СДСМ, пак, имаше друга стратегија. Оваа партија првично имаше многу поширок коалициски потенцијал од ВМРО-ДПМНЕ. Тие буквално беа во самиот центар на политичката сцена, па можеа и да коалицираат во сите насоки. Притоа, коалициската прегратка на СДСМ се покажа смртоносна за сите нивни партнери. Социјалдемократите успеваа да го освојат гласачкото тело на нивните содружници, а притоа хируршки да ги ампутираат раководствата на овие движења од нивните гласачи. На тој начин оваа партија го потврдуваше својот статус како стожерна партија иако, за волја на вистината, освен со Бранко Црвенковски, како носител, оваа партија никогаш не успеала да се избори за поголем број пратеници во националното собрание од ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ започна да кооптира ликови надвор од нивното членство, од другите политички партии и од поширокото општество дури во 2010-тите години кога бараа начин како да ја решат загатката наречена ВМРО-ДПМНЕ на Никола Груевски. Тука мора да му се оддаде признание на Зоран Заев со неговата стратегија за „шуто и рогато“, но сега е прашање дали партијата се врати кон својата класична матрица на кадровска затвореност. Се чини дека СДСМ предводен од Ковачевски и Зечевиќ им се заблагодари на кооптираните, кои даваа многу поголема идеолошка ширина на партијата.
Е, сега, покрај овие набљудувања мора да се земе предвид дека со протокот на времето се изнедруваат нови генерации, со драматично различен светоглед. На следните претседателски избори по првпат ќе гласаат и оние што се родени во 2005 и во 2006 година, односно по референдумот за територијална поделба. За овие полнолетни македонски граѓани политичката социјализација и политичкото паметење е многу поразлично отколку на претходните генерации. Тие не се ни сеќаваат дека Никола Груевски бил премиер, започнале политички да го осознаваат светот некаде околу референдумот за „Северна…“, кој е прва точка од нивниот политички светоглед, па сведочеа на глобалниот политички хаос со пандемијата, следеа како Македонија најмалку трипати „започнува со преговори“ за сето тоа да се изјалови, ги живеат бугарското вето и целата драма на македонско-бугарските односи, а на крајот дури им избувна и војна на европско тло, која вклучува нуклеарна велесила. Доколку ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ целат кон тоа да останат стожерни партии ќе треба да ја решат равенката како да им пристапат на овие нови избирачи. Притоа, политичката социјализација на новите генерации се одвива и преку социјалните мрежи и интернет-порталите, за разлика од мојата генерација каде што пресудни беа традиционалните медиуми. Исто така, овие млади луѓе се многу повеќе урбанизирани, европеизирани, глобализирани од кои било поранешни генерации, зборуваат англиски и други европски јазици, но се и многу посамоуверени во својот национален македонски идентитет отколку генерациите израснати во поранешната СФР Југославија. Покрај тоа, на политичкиот пазар излегоа и нови партии и движења, а се наметнуваат и теми што досега не биле предмет на политички натпревар. Изгледа неверојатно, но на следните претседателски избори сите кандидати ќе доаѓаат од југословенските генерации, а за нив по првпат ќе гласаат и пострамковните македонски генерации.
Пред Христијан Мицкоски повторно стои задачата да ги поправи потпорните столбови на големиот шатор наречен ВМРО-ДПМНЕ и да кооптира нови ликови во кои ќе се препознаат новите генерации. Димитар Ковачевски, пак, ќе треба да покаже дали неговиот СДСМ ќе го зачува широкиот коалициски потенцијал.
Со сите овие непознати Македонија влегува во политичкиот натпревар за следните претседателски и парламентарни избори. Партијата што ќе ја реши оваа политичка равенка ќе си го одбрани статусот на стожерна партија во Македонија и ќе го даде идниот премиер.