Особено што во Косово се случи незамисливото, САД и ЕУ воведоа санкции кон Косово, а не кон Србија. И не е важно какви санкции, туку самиот факт дека Западот го санкционира Косово, поточно Албин Курти. Како се случи тоа?
Потонати во секојдневни скандали за корупција, криминал, комплетно уништување на владеењето на правото, колосална неспособност, распад на институциите, нормално е тешко да се подигне глава и да се следат состојбите во соседството, Европа и светот. Не заради штосните наслови за несреќи во далечни земји, туку за согледување на геополитичките трендови и последиците за Македонија од нив. Една од работите што треба да се следат секако се Косово и односите со Србија, за што во февруари оваа година пишував во „Француски предлог и за Косово“.
Особено што во Косово се случи незамисливото, САД и ЕУ воведоа санкции кон Косово, а не кон Србија. И не е важно какви санкции, туку самиот факт дека Западот го санкционира Косово, поточно Албин Курти. Како се случи тоа?
За да се дојде до тоа, мора да се почне со тоа кој е Албин Курти. Албин Курти е активист, политичар, со две основни политички платформи, право на самоопределување за Косово до спојување со Албанија и борба против корупцијата. Започнува како студентски лидер во бунтот во 1997 година, осуден и затворен двапати и од Србија (1999-2001) и од УНМИК (2007), основач на АКП преименувано во „Самоопределување“ (Vetëvendosje). Противник на УНМИК, на планот Актисари, на Бриселскиот договор, поддржувач на директна демократија (референдум) и на правото на обединување на Албанија и Косово, преку референдум и не по секоја цена (војна). Неговиот патриотизам е неспорен, но некогаш е на граница на шовинизам, на пример кога користи албански имиња за македонски градови во комуникацијата на англиски јазик, каде што се во употреба македонските имиња. Но неговата популарност не е по ова прашање, туку пред сѐ по прашањето на неговата доследност, интегритет и некорумпираност.
Како се случија санкциите? Во февруари 2023 година се случи килавото прифаќање на франко-германскиот предлог за односите на Косово и Србија, кој е накратко де факто, но не и де јуре признавање на независноста на Косово, во замена за асоцијација на српските општини. Килаво, бидејќи веднаш во март во Охрид се договараше анекс на договорот, кој Србија не го потпиша, иако ЕУ тврди дека е договорен. Потоа, спротивно на барањата на ЕУ и САД, Албин Курти реши да стави во функција градоначалници етнички Албанци, на четири општини етнички српски, кои се избрани на избори бојкотирани од српските партии. Потоа се случија протести и ескалација. ЕУ и САД бараа градоначалниците веднаш да се повлечат и што побрзо да се организираат нови избори. Албин Курти не постапува по тој диктат, како што и претходно бил против странски диктат, по што следуваат санкции од САД и ЕУ. На помош се чини е повикан и Бил Клинтон, идолот на косовските Албанци, но сѐ уште нема најава на попуштање. Но исто така има активни предлози, Албин Курти предлага план за повлекување на полицијата, ако се повлечат протестантите, и нови избори во четирите општини по петиција од 20 проценти граѓани, во согласност со Уставот на Косово. Наспроти жестоката критика од Западот, рејтингот на Албин Курти е во постојан пораст и речиси е сигурно дека на избори сега неговото Самоопределување би освоило двотретинско мнозинство.
Што може да научиме од случувањата? Во геополитиката нема вечна љубов, туку има интереси. Во моментот интересот на Западот е стабилност на Балканот и спречување на руското влијание. Западот го поддржува Косово не од љубов, туку од интереси. Мекиот став кон Србија на Александар Вучиќ исто така не од љубов, туку од интерес за привлекување на Србија кон Западот и обезбедување воена опрема од српско производство за Украина.
Второ, и кога Албин Курти се спротивставува на најсаканиот сојузник – САД, граѓаните застануваат зад Албин Курти. И тоа поради неговата доследност, интегритет и некорумпираност. Не само на граѓаните на Косово туку на целиот регион му е смачено од корумпирани политичари. Трето, Албин Курти не се повлекува, туку активно предлага решенија, во кои бара начин како да се надмине проблемот, а да не се напуштат националните интереси.
Моментот во Косово и Албин Курти ми личи на Македонија и Никола Груевски во 2009 година, кога се соочивме со грчкото вето за НАТО. Тогаш Никола Груевски и Македонија се лизнаа кон авторитарност и корупција. И во Косово, со проблематизирање на лиценци на телевизии, се јавуваат првите знаци од ризик на слизнување кон авторитарност, особено во услови на огромна поддршка на Албин Курти меѓу граѓаните.
Македонски интерес е Албин Курти и Косово да не слизнат во авторитарност и корупција, да опстојат на притисокот на САД и ЕУ во одбрана на националните интереси, но со активна вклученост и предлози за надминување на проблемите. Почитувањето на националното достоинство и интегритет и некорупција, како и активна вклученост и предлози, може да биде патоказ за Македонија како да се справува со бугарските условувања за ЕУ. ВМРО-ДПМНЕ го следи тој пат.
Авторот е аналитичар*
*Член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ /
Ставовите се лични
Блог www.megjutoa.mk @sklek