Во 1999 година го напишав текстот „Стабилизација на нестабилноста“, непосредно по бомбардирањето на Сојузна Република Југославија, односно на Србија и Црна Гора. Во текстот, меѓу другото, напишав: „Ладната и арогантна хипокризија може да се забележи и на планот на она што денес се случува во СР Југославија. Се бара, ултимативно, нејзина децентрализација, во која Косово би добило највисок степен на автономија, бидејќи тоа е, така велат, во согласност мултинационалните и мултикултурните општества. Дека станува збор за ултимативен пристап говорат и настаните што се случија во Рамбује, како и оние по него. Сѐ се сведува на следново: ‘Ви даваме избор да го потпишете Договорот и да го дадете Косово. Ако не се согласите, тогаш ќе бидеме принудени да ве бомбардираме. (Патем, никогаш не кажаа кој ги принудува на тоа, заб. Љ.Ц.) А кога ќе се согласите со нашите барања, тогаш ќе прекинеме да ве бомбардираме и ќе ви го одземеме Косово.’ Затоа, само предмалку, потенцирав дека денес е цинично да се говори за каков било државен суверенитет, бидејќи денес на дело се диктати. Наедно, би било детски наивно (всушност, будалесто) ако некој мисли дека сето ова се прави во името на одбрана на човековите и малцинските права. Кога мотивот за ова навистина би била одбраната на човековите и малцинските права, тогаш би морало да се активира македонското прашање, бидејќи на Македонците во соседните држави им се забранува да се чувствуваат Македонци. Едноставно, нивното постоење не се признава, како што не се признаваат ни нивниот јазик, историја, култура, традиција“.
Во текстот исто така го поставив прашањето за природата на таканаречената меѓународна заедница. Односно, колку таа навистина е меѓународна, светска заедница. Во овој контекст, реторички прашав: …каква е таа светска заедница (или меѓународна заедница, сеедно) од која се исклучени Кина, Индија, Руската Федерација, Индонезија, латиноамериканскиот континент, Африка…?
Всушност, зад неа се крие Големата Светска Сила, која самата себе, од „скромни“ и неразбирливи причини, се поистоветува со светската, односно меѓународната заедница. На тој начин, некогашното мегаломанско тврдење на Луј XIV „L’ état, c’est moi/Државата, тоа сум јас“ денес се заменува со империјалистичкото тврдење „Le monde, c’est moi/Светот, тоа сум јас“. Со тоа, суверенитетот на која било држава или нација преминува во власта, што значи во доменот на Големата Светска Сила. Така, повторно на дело е нелогичната, апсурдната доктрина на Леонид Брежнев за ограничен суверенитет. Велам апсурдната, нелогичната доктрина, бидејќи, по дефиниција, некое нешто е суверено или не е. Не може некое нешто (одредена држава, на пример) истовремено да биде суверено и несуверено, односно ограничено. Подоцна текстот беше објавен во меѓународниот зборник трудови „National identity and sovereignity in Southeastern Europe“, во редакција на францускиот историчар Жан-Пол Блед (Jean-Paul Bled), професор на парискиот универзитет „Сорбона“.
Можеби некој (со право) ќе се праша зошто и по толку години повторно се повикувам на овој текст и зошто токму на деловите што погоре ги цитирав? Причината е едноставна. Во цитираните делови, барем така мислам, можат да се препознаат слични начини на однесување, кои со текот на времето не само што не се намалуваат туку нивниот интензитет сѐ повеќе се засилува. И денес, како и тогаш, се бара беспоговорна послушност пред „меѓународната заедница“, меѓутоа сега дополнета и со беспоговорната послушност пред Европската Унија. Оваа практика, колку и да сака да ја прикрие некој, видлива е и кај нас, во Република Македонија. Никој, или речиси никој, не го поставува, макар било и реторички, прашањето што ќе добие Македонија со евентуалниот влез во ЕУ, меѓутоа и што досега загуби, благодарение на нејзината мономанична обземеност да се влезе во ЕУ по секоја цена, бидејќи цената може да биде нејзино целосно/дефинитивно згаснување – како во државна, така и во национална/етничка смисла. На македонските политичари, сеедно дали се од албанскиот или македонскиот блок, им успеа (барем засега!) да го променат името на државата, да ја отворат можноста некоја соседна држава (Бугарија, на пример) на најгруб начин да се меша во редефинирањето на македонската историја, како што деновиве предложи дури и францускиот амбасадор во Бугарија.
Понатаму, да може да арбитрира (цензурира) во пишувањето на учебниците, во уметноста, културата, политиката. Токму овие денови можеше да се чуе предлогот и тие (бугарските политичари/„експерти“ за сѐ и сешто и за уште понешто) да учествуваат во скицирањето на веќе најавените уставни измени, макар што одлука за менување на Уставот, барем формално, не е донесена.
Во ваква ситуација за каков национален односно државен суверенитет може да се говори? Освен ако под суверенитет се мисли на замолченост и беспоговорна послушност, каква што со децении манифестираат македонските политичари. Од друга страна, сето тоа е проследено со постојано, просто хронично заплашување на македонскиот народ – дека без влез во ЕУ и во НАТО, Македонија и македонскиот народ ќе пропаднеле, дека единствено неразумните луѓе не ги сфаќале вредностите/предностите што влезот во овие организации ги носи со себе. Или на пример дека луѓето што се однесуваат со резерва кон вредностите на ЕУ, онаква каква што е сега (патем, друга и не постои), биле десперадоси, неодговорни и плашливи луѓе, како овие од власта да не се десперадоси, неодговорни и плашливи, послушни луѓе.
Значи и сега, како и тогаш (кога беше пишуван текстот), на дело се само ултиматуми и постојани заплашувања. Дека, имено, ако Македонија уставно не се промени, ако не ги прифати „добронамерните“ совети и барања од соседите, ако внатрешно не се трансформира во насока на албанските аспирации, ако не…, тогаш ќе ја снема/ло. Меѓутоа, од своја страна, токму прифаќањето на овие ултимативни барања води кон постепено/систематско снемување/згаснување на македонската држава онаква каква што ја знаеме од АСНОМ и која колку-толку функционираше. Значи, и во двата случаја (прифаќање на ултиматумите или нивно неприфаќање) се оди по ист пат. Тоа е патот што постепено ја брише Македонија, како што тоа се правеше во случајот со СРЈ: „Или ќе се откажете од Косово или ќе ви биде одземено“.
Затоа и сметам дека е голема заблуда ако некој мисли дека ова му се случува само на Балканот или само на Македонија, бидејќи во прашање е многу поголем залог. Во прашање се човештвото и светот онаков каков што досега го знаевме, или каков што го посакувавме. Се покажа, меѓутоа понатаму се покажува дека 21 век ни приближно не е таков како што го замислувавме. Изминува првата четвртина од овој век, меѓутоа работите одат кон полошо наместо кон подобро. Сепак, останува пустата надеж, каква-таква.