Така ти е тоа, мали потези, мали резултати, ако сакаш да бидеш заштитен, не можеш да го носиш венецот на победата, ловориките се за храбрите, а храброста во оваа смисла подразбира истопорување на грацијата наречена Кралица, отворена игра насочена кон ризик исполнет со возбудите на животот што ѕиркаат од секое животно поле
Јасно е, насловот асоцира на шах. Само, на кој, на оној на 64-те ментални полиња на интелектуалното надмудрување или, пак, на оној на полето на животот. Јас ќе зборувам за вториот, за шахот наречен живот на милион полиња на експериментот наречен постоење во ваков облик (за другите не знаеме!). Рокадата во шахот како игра значи преместување на кралот и топот, при што тие си ги заменуваат местата за заштита на неговото величество – кралот.
Ако кралот, демек, ни е на удар, тогаш топот како симбол на заштитата се јавува во улога на спасител, испрчувајќи се со топорење „еве, газда, јас се жртвувам за тебе“. Сѐ дотука рокадата е в ред и има логика, зар не?! Ама, знаеме ние и за друга рокада, за инакво преместување на фигурата наречена душа, за нејзино затскривање зад натопорените одбрани од најразличен вид, секако за да се заштити истата таа, да не се дозволи нејзино разнебитување. И тогаш, рокадата изгледа како да е в ред, понекогаш навистина е. Особено кога сме во реален сос од опасности што демнат отсекаде, кога душичката ни ја дуваат разни ветрови на промените, на новата ера, на новото време, инаквото. Сепак, многу од нас продолжуваат со ваквите рокади и откако ќе ги узнаат новите ветришта, бурите на непознатото.
По автоматизам ние продолжуваме така да си ја затскриваме душата зад разни топови, механизми на одбрана, справувачки стратегии итн. Чуден е човекот, кога треба да биде креативен за другите и за светот, некако затајува, ама кога станува збор за него самиот, умее да изнедри такви вдахновени ѕидови на самозаштита какви ни самиот создател не може. Па, така, тој со времето ја механизира својата умешност за самоодбрана и рокадира душа, ту лево, ту десно, ја затскрива зад надуениот топ како симбол на егото истопорено како Фалус со сите свои нарцисоидни претстави на величина само нему знајна. И како тоа расте, се разбира, расте и заштитата.
Арно ама, како расте заштитата, расте и нешто друго, расте ѕидот меѓу човекот и светот, меѓу него и природата. И се создаваат ѕидови внатре во него, невидливи бедеми на внатрешна отуѓеност. Автоматизмот создава војска од одбрани што носат сѐ поголем страв од отворање и вкусување на светот, го снемува контактот, го снемува вкусот на допирот со друго битие, мирисот на туѓите нешта. Казната продолжува лицемерно претставувана во обландата на божемната заштитеност, која всушност постанува кожурец на самоизолацијата, а душата станува невидлива, овој пат и за најљубопитните очи на кои им е потребна.
Каква ли трагедија, колку тажно олицетворение на пародијата од постојаното играње низ рокади, преместувања, затскривања, извлекувања. Така ти е тоа, мали потези, мали резултати, ако сакаш да бидеш заштитен, не можеш да го носиш венецот на победата, ловориките се за храбрите, а храброста во оваа смисла подразбира истопорување на грацијата наречена Кралица, отворена игра насочена кон ризик исполнет со возбудите на животот што ѕиркаат од секое животно поле. Битките се крвави ама останува шансата да победиме во некои од нив, а можеби и да ја добиеме главната премија наречена живот, со чувство на мигот на секое свое искуство, живот низ сетилата од секој вид, живот на паталец што војува.
А што е всушност животот ако не една голема војна со сѐ и сешто, ама најмногу со своите стравови? А што е ако не е крвава драма на миговни одблесоци со плус и минус, кои го градат целниот мозаик наречен едно-цело? Какво ли чувство, во сѐ што правиш, мислиш, чувствуваш да се носиш себеси, „сѐ свое со себе си носам“? Како полжавот, бавен е ама си ја има куќата на плеќи. Ја носи без да се пожали, тивко и тешко оди низ животот стенкајќи без прошка, оддишка. Но накрај живее како што му прилега, полжавски. А ние си го повторуваме Сизиф на секој школски час, како да не сме го сконтале уште. Всушност, зошто Сизиф е така казнет?! И дали е баш казнет.
Ох, колку модерни сизифовци знам, поудобно им е да си го валкаат (тркалаат) каменот угоре-удолу отколку да погледнат малку отстрана. Да го свртат тоа погледот барем од иштав, од ќеф, наместо да играат на сигурно. Знаете веќе, најнесигурно е да одиш на сигурно, оти одговорноста да останеш сигурен е праволиниски зависна од тоа дали ти држи г…т. Затоа, помалку рокади, а душата на виделина, сигурно некој ќе ја испочитува!
Мирослав Пендароски
Авторот е психолог и универзитетски професор