Развојот на филмската индустрија – развој на државата

Драги мои, продолжувам со серијата посветена на медиумите во Македонија и за потребата од комплементарно вмрежување на сродните индустрии. Во минатата колумна пишував за тоа како стојат нештата сега и тука, во овој момент. И како дојдовме до ова? Сакам денеска да понудам решенија, можности, патоказ како да се излезе од оваа состојба и како да се продолжи напред. Верувам дека треба да се даде шанса нештата да се поправат, да се ослободи Агенцијата за филм од шинелот на политиката од искорумпирани поединци и нивните продукции, кои дваесет и пет години се финансирани со милиони евра државни пари. Нема зошто да не се разбере така како што треба – а тоа е фактот дека овие декади во нив било инвестирано, биле субвенционирани, добивале грантови да можат да бидат самоодржливи. Ако тие продукции за овие повеќе од две децении располагање со речиси 70 отсто од средствата за филм не успеале да станат самопрофитабилни компании, тогаш било инвестирано во погрешни луѓе и погрешни продукции. И најпосле од сѐ, и некои други заслужуваат шанса, можност да покажат дека знаат и умеат.
Да направиме пресек. Да видиме колку добиле тие три, четири продукции, во милиони евра? Сѐ е запишано. Има документација. И од овој момент, па натаму да им дадеме можност на некои други автори и продукции. Да не се лажеме, успехот на македонскиот филм во последните неколку години се должи на мали и нискобуџетни продукции, на режисери што своите проекти и своите кариери почнаа да ги развиваат пред седум-осум години кога Агенцијата за филм првпат се отвори кон дебитантски куси и долгометражни филмови. Вклучувајќи го и најголемиот македонски филмски успех, „Медена земја“, проект развиван со Агенцијата од пред пет години. Сите дебитанти што сега добиваат награди и ги освојуваат европските фестивали се последица на подршката што ја добиле кога со Агенцијата за филм управувала владата на Никола Груевски. Тоа е факт и нема да дискутираме за тоа. И поради тие причини, единствен можен излез гледам во реорганизација на Агенцијата за филм во три фази. Првата е финансиска консолидација и враќање на буџетската и владината подршка, но и враќање на постојаните извори на финансирање надвор од буџетот преку системот на лотарија и особено преку системот на вмрежување на националните телевизии во еден систем на финансирање.

На Агенцијата за филм ѝ е потребно прочистување, оттргнување на таа институција од општествената перцепција како место за криминал и корупција. Потребни ѝ се поединци што имаат авторитет и знаење, со кое ќе можат да ја убедат политиката за потребата за инвестиции и развој во филмската индустрија. Така си е секаде во светот. Секоја индустрија си се бори за себеси пред општеството да докаже дека е потребна и кога ќе го убеди општеството, сиреч Владата, тогаш таа индустрија го добива и она што го бара. Така функционира демократијата, со аргументи, проекти, лобирања и настојувања. Секој за својата дејност. Треба веднаш да се сработат законски измени за да се врати назад сето она што за овие пет години е растурено и изгубено. Мора да ја убедиме Владата дека сме важни. Нема друг начин. И да се надеваме дека таа идна влада ќе има фокус на културата и уметноста. Втората фаза се професионализација, реорганизација, доекипирање, дообразување, специјализирање и структурирање на вработените во Агеницијата за филм. Тоа ќе овозможи таа најпосле да профункционира како сервис што, освен квалитетна и брза административна евалуација, ќе создаде и капацитети за развој и преминување кон трета фаза, а тоа е создавање национален филмски центар со свое студио, фундуси за костими, реквизити и инфраструктура за вмрежување во еден систем на приватни студија за постпродукција на слика, звук, специјални ефекти и други дополнителни филмски сервиси, во форма на филмски град. Мора да се поделат работите. Државата да обезбеди инфраструктура, а производството и услугите да им се остават на креативците и на приватниот сектор. Само така е возможен влез на странски продукции и привлекување европски и особено источни, најмногу индиски компании, кои имаат седмични или двонеделни филмски производства, со што ќе се овозможи дополнителна работа и приходи за хонорарните и за повремените дејности што во секоја филмска индустрија се моторот што го движи производството. И секако, во исто време, Агенцијата мора да издвојува средства за доквалификација, специјализација и образование на дефицитарните дејности и кадри, кои, за жал, како и во сѐ друго, во последните пет години Македонија ги има сѐ помалку и помалку. Најпосле, филмот и телевизијата со своето јавно присуство, со идејата за отвореност, за оптимизам, за творештво и создавање нови вредности ќе придонесат за поправање на општата атмосфера за бесперспективност создавана низ недостигот од оптимизам и креативност што во суштина ги движат и рефлектираат филмот, телевизијата, театарот и уметноста воопшто. Но она што е базично, без што во суштина не се може и е наспроти сѐ друго, тоа се уметниците и можностите за нивна реализација во светот на филмот. Посебно внимание треба да се посвети на одделните програми на кои режисерите и продуцентите ќе аплицираат во најмалку четири годишни сесии. Тие сесии треба да се однесуваат на различни секции, кои ќе финансираат различни проекти со различни авторски и финансиски опфати. Во една секција треба да се одделат студентските и дебитантските кусометражни филмови и, секако, дебитантските долгометражни продукции со една и единствена финансиска секција на финансирање на дебитантските филмови во жанровите на современите социјални драми. Да ја наречеме СЕКЦИЈА 200.

Таа секција треба да има одделен буџет што ќе финансира десет играни долгометражни филмови во текот на годината со буџети најмногу до 200.000 евра, со рок на реализација на проектите до дванаесет месеци од денот на одобрување на средствата. Рокот од 12 месеци е нужно потребен, со цел режисерите и продуцентите да не се претворат во „уметничари“ што со години работат еден единствен филм. Тоа ја придушува индустријата и го забавува нејзиниот развој. И ги ослободува авторите од стравот за недоволно време за правење на совршениот филм што ќе стигне до „палми, мечки и оскари“. СЕКЦИЈА 200 треба да биде моторот на индустријата. Продукциите што ќе аплицираат мора да имаат одделни сметки на кои потписници ќе бидат продуцентот и режисерот во систем на врзани потписи, со што ќе се овозможи контрола на режисерот врз начинот на кој се трошат средствата. Така, драстично ќе се намали можноста продуцентите преку разни форми на одлевања и махинации да ги пренасочуваат парите кон ставки што не се однесуваат на потребите на продукцијата на филмот и на режисерот. Што ќе овозможи ова? Десет филма годишно! Квантитетот ќе создаде квалитет. Tие десет филма ќе се снимаат во исто време, па секој од нив, освен нов режисер и продуцент, ќе произведе нов сценарист, нов директор на фотографија, нов продукциски дизајнер, нов костимограф, нов дизајнер на звук, нов композитор, нов специјалист за колор-грединг. Понатаму, во исто време ќе се создаде можност за многу актери да дебитраат во светот на филмот, без да имаат потреба од тоа да бидат дел од нечии лобија, политики и партии. Ќе се создадат пазар на труд и пазар на вредности што ќе ги отфрлат и игнорираат сите оние што денес филмот го доживуваат како простор за политичко управување, манипулација и контрола на уметниците, на творците во групи на кои тие им овозможуваат кариера и развој затоа што тие ги контролираат парите, режисерите и продуцентите. Тоа ќе поттикне развој на неколку студија за постпродукција на звук и слика, кои ќе можат да вложат и во развој на специјализирани професионалци за тие дејности затоа што ќе ја имаат сигурноста на постојаната работа. Тие студија со својот развој и со своето постоење ќе поттикнат и влез на странски продукции. Во овој момент нив ги нема затоа што нема што да им понудиме. Тоа е вистината. Немаме студио, постојан систем на поврат на вложени средства што е практика низ цела Европа и, на крајот, немаме ниту специјализирана работна рака во техничките филмски сектори.
Многу е едноставно да се разбере дека ако снимате десет филма, нема како сите тие продукции да се стационираат само во Скопје. Природно, еден дел од нив заради локации, друг дел заради содржината на филмот, трет дел заради продукциска функционалност ќе заминат да снимат во градовите во Македонија. Што ќе се случи? За неколку години поголемите градови ќе ја препознаат својата шанса да ги привлечат продукциите кај нив затоа што веднаш ќе разберат што значи една филмска продукција и една филмска екипа еден месец да престојува во еден град. Сѐ е поинаку. Се создава друга атмосфера. Филмаџиите природно го раздвижуваат општеството со своето јавно присуство. Потоа ќе си ги видат сметките и ќе сфатат дека за да ги привлечат да снимат во нивните градови ќе мора да им понудат сервис, инфраструктура и на крајот и пари. Ова е единствена можност да се создадат регионални фондови на одделните градови и региони што ќе се борат за повеќе продукции. Оставам сами да разберете што ќе значи ова за театрите во Битола, Охрид, Струмица, Штип, Прилеп, Тетово и Куманово, за актерите во тие театри и за другите сервисни професии таму. Оставам сами да разберете колку сликари, вајари, музичари и други уметници од тие градови ќе препознаат можност за изразување, но и за дополнителни хонорари од работа на филм. Оставам сами да разберете што значи кога градовите во Македонија, туристичките места и предели ќе бидат дел од филмскиот кадар и публиката ќе може да ги доживее на платно и на телевизија. Ќе се создаде општо присуство на уметниците, на творците во јавноста и на крајот од сѐ, полека, но сигурно ќе произведуваме публика што ќе создава навика да гледа македонска кинематографија, од причина што ќе ја има редовно. Замислете, секој месец да има премиера на македонски филм. Тоа веќе ќе биде, друга Македонија. Најпосле, тие филмови по кинодистрибуцијата ќе заминат на малите екрани, каде што масовната публика ќе може да комуницира и да се идентификува со лицата на македонските актери, кои природно ќе се вратат во домовите и со тоа ќе се поттикне развојот на телевизиската индустрија и театарот. Тие актери ќе бидат присутни, популарни, публиката ќе сака да ги гледа во театар и на екраните. Оставам сами да разберете што значи тоа за македонската музика, за авторите, за композиторите, за изведувачите на одделни инструменти. И да, македонската кинематографија има шанса надвор да биде препознаена само ако ја има. Нема како да не бидеме видливи со десет дебитантски филмови годишно. Знаеме, движењето во група, на почетокот е полесно. И најважно од сѐ, повторувам, ќе поттикнеме излез од состојбата на апатија и безнадежност, која е црната дупка што ја влече надолу целата нација во сите општествени сфери и дејности.

Сосема за крај, уметноста, филмот и уметниците што живеат од својот труд, а не се во јагмата на политички центар на моќ што ги манипулира со можноста да творат, се основа за пристојна граѓанска слобода затоа што слободните уметници се луѓе што имаат различни, често збунувачки, но најчесто интригантски и предизвикувачки идеи за светот во којшто живеат и творат. Најпосле, тие филмови и нивните автори ќе бидат таа толку потребна самокритика и рефлексија на нас самите и убеден сум дека во голема мера ќе поттикнат процеси на промени, кои нема да зависат само и единствено од капиталистичките елити и политиката. Да го прераскажам уште еднаш Жан Лик Годар и неговата идеја дека оние што ги поддржуваа Микеланџело и Моцарт беа кралеви и принцови, а оние што ја поддржаа и создадоа филмската уметност беа публиката. Преведете го тоа на јазикот на нашиот основен проблем и ќе разберете што во суштина е филмот. Филмот е слобода. Но само ако е ослободен од кралеви и принцови, особено ако се тоа самозамислени и во нашиот случај црвени кралеви и принцови.

Авторот е режисер и универзитетски професор