Радош Бајиќ

Кога во декември 2019 година започнаа работите на Моравскиот коридор на трасата долга 112 километри, која од Појат до Прељина го поврзува автопатот Белград – Ниш со веќе изградениот грандиозен автопат Књаз Милош, Србија со право се почувствува гордо. Неодамна свечено отворената делница од новиот автопат меѓу Појат и Макрешан во близината на Крушевац, дел од новиот „крвоток на животот“, како што е наречена оваа капитална инвестиција на државата Србија низ питомата долина по должината на сливот на Западна Морава – ги отстрани сите сомнежи.
Три илјади и петстотини работници на американско-турската компанија „Бехтел и Енка“ не се шегуваат… Три години подоцна грандиозниот градежен зафат турка напред, трасата е сè подолга и подолга, се работи дење и ноќе, на сонце, на дожд и на снег. Се гради по најсовремени светски стандарди, патот минува низ врби, тополи, брегови, но и низ плодна долина и рамнина, која со векови ги хранела жителите на многу моравски села прошарани покрај бреговите на најпознатите српска река. Пејзажот е прекрасен, а срцето чука побрзо поради нескриена радост.
Никнуваат мостови и вијадукти, импонира престижната ширина на коловозот, восхитува волшебниот пример за максимумот во изградбата на патната инфраструктура според светски модели. Убавина за генерации што прави да се чувствувате возбудено, задоволно и гордо додека возите по трасата, бидејќи Србија е вашиот дом, центарот на светот и вашата татковина. Исто како да сте на магично патување низ рајот. Но, за жал, има и друга страна на медалот. Поболна, помачна и потешка…

Големите зафати, круцијалните и грандиозни градби што ја менуваат природата, капиталните цивилизациски инфраструктури што носат добро за стотици илјади луѓе, бараат давање, одрекување и сопствени жртви. Колатералните штети, како што е бројот на загинати во воените судири, однапред се проектираат и анализираат. Се оценуваат оправданоста, обемот, опсегот и целисходноста на загубите, девастацијата и директните штети, кои се надоместуваат така што се бележат во цената на инвестицијата и стануваат нејзин составен дел. Барем така би требало да биде, но дали е…
Деновиве очајни моравски селани занемени од чемер ги обиколуваат своите уништени ниви. Уништени поради поплави, поради пренасочениот водотек на Морава, поради стотина езера, мочуришта што настанаа од дупките од кои градежниците копаа чакал, поради каналите што со децении ги одводнуваа нивите, а кои сега градителите на автопатот ги затрупаа, па водата нема каде да оди. Поради пустошот наместо овошни садници, поради стотиците илјади лозови калеми во тињата и калта, поради уништените оранжерии со пиперки, кромид, домати и краставици – селани од Богдање, Медвеѓа, Дренова, Селиста, Коњух, Бела Вода, Кукљина – си ги корнат косите.
Чмаат како во Хирошима во 1944 година, во бедата и злото на нивните имоти оставени од прадедовците, градини и полиња што ги хранеле со векови, беспомошни, напуштени, сами и оставени. Со празни џебови и заспани надежи дека некој ќе им помогне да преживеат, да ги прехранат семејствата, да не умрат од глад, дека ќе бидат слушнати, ислушани, проценети и дека ќе им биде надоместена штетата за застрашувачки големите уништувања. Згора на тоа, тука е и полицијата, внимава да не се попречуваат работите на коридорот.

Тажно и жално, да ти се скрши срцето…
А штетите што ги претрпеа селаните во сливот на Западна Морава во последните месеци се мерат во милиони евра. Нешто како божја волја настана поради обилните дождови, градот и невремето, но најмногу поради излевањето на водниот тек на реката, која поплавува – уште од „Јован чии палати ги поплави Морава“. Но Морава и порано поплавуваше, водата доаѓа и си оди, се повлекува во коритото, а сега нема каде да оди. Стои таму и не мрда, коренот на секое растение се суши и се вари на тропските горештини, оставајќи само пустош, поради што корката леб може само да се сонува. Освен божја милост, од бог не можат да бараат да ги обесштети за уништеното и изгубеното, но од инвеститорите на Моравскиот коридор, од „Бехтел и Енка“, од Владата на Република Србија, од сопствената држава – можат и мораат…
– Ние сме селани, но не сме глупави. Не пишувај ми го името, не е ни важно, затоа што стотици други говорат преку мојата уста… Луд е тој што вели дека автопатот не му е добар. Се радувавме како деца кога ја удрија првата лопата… Ама денес сме на просјачки стап… По цена што ја кажа државата им ја дадовме нашата најдобра и најплодна земја, дел од нив сѐ уште не е исплатен, но претпоставувам дека ќе платат… Ако се најдоа 750 милиони евра за изградба на автопат, претпоставувам дека државата, Турците и Американците и претседателот Вучиќ ќе најдат колку што треба за да ни ја надоместат штетата. И да ни направат насипи и канали како што ни ветија, за да ги обработуваме нивите што ни останале и да ги прехраниме нашите семејства… Ако не го направат тоа, го гасиме, јас сум првиот што ќе го земе јажето и ќе одам под сливата да се обесам – вели селанец од Моравија што инсистира да остане анонимен, кој се шокирал и за малку ќе заплачел. Никогаш во животот не бил на море, а се исончал како да поминал еден месец во Паралија.

Опкружен со моите сонародници и соученици што некогаш решиле да останат на село на имотите на прадедовците, на правливиот пат во опустошената моравска долина, молчам и ги слушам како и јас самиот да сум виновен за нешто. Додека покрај нас татнат тешки камиони натоварени со туцаник, еден неизбричен човек, како да жали некого, без да каже збор извади од џебот и ми покажа пожолтен весник од декември 2019 година.
– Види Рашо, ти си таму во Белград, знаеш луѓе, разговарај со нив, кажи им што си видел, сигурен сум дека ќе те слушне некој. И прочитајте што пишува… На отворањето на работите, Енди Милунзи, директор на проектот „Моравски коридор“, рече дека коридорот ќе биде повеќе од пат, бидејќи е првиот 5Г-автопат, и дека ќе има „масивен систем за одбрана од поплави“. Не знаеме дали има 5Г, не сме писмени за тоа, но нема систем против поплави. Оти да имаше, немаше да дојдат да ми ја исечат струјата пред некој ден… – рече тој.
Се враќам од некогаш плодната рамнина, каде што копче можеше да никне, засрамен и тажен. Реалноста е сурова, а приказните болни. Овие луѓе се навистина на голема мака и во опасна безнадежност. Како можам да им помогнам? Имам претчувство дека оваа исповед што е пред вас ќе ја види и прочита некој што може, кој е должен и кој има задача да реагира. Затоа што ќе биде апсурдно, горко и тажно ако просперитетната убавина на Моравскиот коридор остане причина, проклетство и синоним за егзистенцијална пропаст на многу селани и нивните семејства, кои треба да се радуваат поради големото добро и напредок на Србија.

Радош Бајиќ

Авторот е актер и режисер

Политика.рс