Повеќе од три децении по падот на комунизмот повторно се воскреснува „црвената мамка“ како политичка тактика. Нарекувањето на политичките противници евроскептици и русофили стана редовна карактеристика на нападите од власта за секој оној што одбива да размислува и да дејствува како неа. Вистината можеби е помрачна: јазичната игра на власта околу евроинтеграциите и промената на Уставот треба да го поларизира општеството заради политичка предност, при што сето ова се случува во политички и општествен простор, кој воопшто престанал да има каква било врска со реалноста.
Штом лидерите во еден демократски систем ќе почнат да прибегнуваат кон „политика на непријатели“, јазикот, навиките на умот и тактиката на партиска демонизација што се практикува на врвот на системот ќе се рашират и надолу низ медиумите и интернетот и почнува да влијае на политичките инстинкти на граѓаните во целина. Политиката на непријатели ги третира сите оние што власта ги доживува како закана и пречка на нивната „благородна“ и спасувачка идеја за државата. Во нашиот случај – Европската Унија. Бидејќи заканата што ја претставуваат е егзистенцијална, сите средства што би можеле да се употребат за борба против нив се фер. Она што ја прави политиката на непријатели заводлива е тоа што нејзината немилосрдност често е спакувана како одбрана на самата демократија – денес од руското влијание во Македонија.
За секој што малку разбира политика отсекогаш било јасно дека секое доаѓање на „државотворните“ рециклирани комунисти на власт сигнализира вистинска опасност за македонската демократија. Тие, всушност, никогаш не владееле. Тие низ власта бараат да го уништат она што го презираат. А презираат сѐ што не е како нив и со нив. Го презираат секој оној што ќе им застане на патот на нивната „голема“ идеја за нивната држава. Како што денес е вклучувањето на Бугарите во Уставот. Колку расте очајот од неприфаќањето на нивната идеја за уредување на односите со нашиот источен сосед, толку растат и омразата и потребата за казнување и искоренување на сѐ што е туѓо и загрозувачко на нивната визија за иднината на нивната „северна“ Македонија. Со омразата и очајот се будат старите комунистички нагони за диференција и уништување на опонентите.
Оваа есен што доаѓа почнува да мириса на Информбирото. Старото добро Информбирото чука на врата на македонската демократија, будејќи ги сеништата на минатото. Ако за момент помисливте дека информбирото заврши во правот на историјата сте се излажале. Информбирото беше трагедијата на комунизмот и е грдата слика на злото што го продуцира еден тоталитарен и репресивен апарат. Како политичка тактика на диференцијација, информбирото беше операционализирано низ валкање на политичките противници со тактики на „големи лаги“ со цел да се елиминираат од политичкиот процес и да ги остварат идеите што народот никогаш не ги поддржувал. Како што се случува во моментов – хистерична нетолеранција кон волјата на големото мнозинство народ, преку демагогија и заплашување. Секој што не е со нас е против нас. Секој што е против вклучувањето на Бугарите во Уставот е за Русија и е против Европската Унија. Старата добра 1948 година, изгланцана и избришана од правот на историјата ни ја вратија.
Што доживеавме. Партиска квазиелита да ни ги одредува целите на државата и средствата за нивно остварување во речиси целосна изолација од народот. Тие веруваат дека во име на интересите на партијата треба да се жртвуваат оние на народот.
Од таму е хистеричната нетолеранција на власта кон секој што размислува поинаку за потребата од уставни промени во Македонија. Нејзиното нерационално и арогантно однесување ги содржи сите политички и идеолошки состојки на еден тоталитарен поредок – партиски монопол на власта, идеолошка униформност и цензура, демонизација на „народниот непријател“, менталитет на опколена тврдина и, не помалку важно, опсесијата со обликувањето на „новиот човек“. Оној европски, обезличен. Само недостига теророт на тајната полиција (којзнае може и него да го има наскоро) и концентрациони логори од годините на информбирото. Всушност, диференцијата на луѓето градена врз стравот од Русија, во контекст на нашите евроинтеграции и промената на Уставот како услов истите тие да се случат е обид на власта за воспоставување целосна контрола врз општеството преку систематска агресија врз волјата на народот. Политиката на непријатели може да има лажен гламур на заводливо поедноставување, но тоа носи опасност за оние што ја практикуваат.
Оние што живеат од меч, умираат од меч. А времето немилосрдно одбројува за власта, која е влезена во апокалиптично сценарио на диференцијација. Мечот ѝ виси над глава, но како да го види.
Проф. Звонимир Јанкулоски