Против дезинформациите со помош на вештачка интелигенција

Брзиот напредок на дигиталните технологии и на вештачката интелигенција (ВИ) во изминатиот период целосно ги трансформираше разните аспекти на општеството, вклучувајќи ги и начините на кои се создаваат, се шират и се консумираат информациите. Покрај очигледните предности, вештачката интелигенција креира и значајни предизвици, особено во областа на дезинформациите. Веќе се забележуваат примери за употреба на вештачката интелигенција со цел да се генерираат лажни содржини. Во изминатава година, некои од попопуларните лажни содржини што беа создадени со помош на вештачка интелигенција (најчесто се тоа алатки за генерирање фотографии со помош на вештачка интелигенција – Дал-Е и Мидџрни) се фотографија од Париз, кој е покриен со ѓубре, како и фотографија на која Илон Маск оди рака под рака со Мери Баром, која е шефица на „Џенерал електрик“, кој е главен конкурент на Маск. Незаборавни се и фотографиите на папата Франциск во „баленсијага“ или лажното апсење на Доналд Трамп. Освен тоа, на домашната сцена се појавуваат и лажни содржини што се создадени со помош на паметни технологии. Вештачкото признавање на Илон Маск дека е по потекло од Република Српска или обраќањето на Додик во кое тој вели дека ја сака Босна и Херцеговина се само некои примери за тоа како современите технологии може да се користат првенствено за генерирање сатирични и забавни содржини.
Во секој случај, предизвиците што ги поставува ВИ во областа на дезинформациите се повеќекратни и сложени. Еден од главните предизвици во генерирањето и ширењето дезинформации е во леснотијата со која може да се креира лажна содржина. Алгоритмите за вештачка интелигенција се способни да генерираат слики, видеа и аудиоснимки со реален изглед, што го отежнува разликувањето помеѓу вистинската и измислената содржина. Ова замаглување на границите помеѓу вистинската и лажната содржина ги отежнува напорите за ефикасно идентификување и ублажување на ширењето дезинформации.
Освен тоа, ВИ овозможува автоматизација на процесот на создавање и ширење дезинформации, што доведува и до побрзо и помасовно ширење лажни содржини на интернет. Алгоритмите можат да генерираат големи количества дезинформации за краток временски период, што ги отежнува ефективното реагирање и спротивставувањето на нивното ширење. Друг проблем е тоа што алгоритмите можат да ги анализираат податоците на корисниците и да ги персонализираат дезинформациите за да ги направат поубедливи и порелевантни за целните групи корисници. Ова може да доведе до поефикасни манипулации и поголемо влијание на дезинформациите врз поединците и општеството како целина, бидејќи тие се приспособени на индивидуалните интереси и ставови на корисниците.
Еден од настаните што го обележија претходниот период во Босна и Херцеговина беше плакатот објавен од Филозофскиот факултет при Универзитетот во Мостар, кој ја најавува летната школа за политички науки со наслов „Методологија на политичките науки: нови прашања и трендови“. На плакатот е стилизиран еден од најпрепознатливите симболи на градот – Стариот мост. Проблемот е во тоа што исламските верски објекти, кои реално се наоѓаат во близината на мостот, беа изоставени од плакатот, а нивното место го зазедоа некои други објекти, кои потсетуваат на христијански верски објекти, кои, патем, ги нема во тој дел на Мостар. Дел од јавноста, како и самата институција го осудија објавувањето на овој плакат, укажувајќи дека исламските верски објекти намерно биле изоставени со цел Стариот мост, како и градот Мостар во целина да се претстават како дел од хрватското културно наследство. Во таа смисла, во очите на критичарите, објавениот плакат претставува тенденциозна интерпретација на реалноста и намерно создавање тензии, кои придонесуваат за продлабочување на постојните разлики во овој град.

Од друга страна, организаторите велат дека за сè е виновна вештачката интелигенција бидејќи постерот е направен со нејзина помош. Во таа насока, организаторите сметаат дека обемот и интензитетот на негативните реакции по објавувањето на плакатот се прекумерни и претставуваат напад на слободата на говорот и мислењето. Со оглед на големиот број закани на кои беа изложени организаторите, како и говорот на омраза што беше генериран по објавувањето на плакатот, настанот беше откажан. Овој случај може да послужи како доказ за тоа дека ВИ всушност може да создаде повеќе проблеми отколку придобивки. Во случајот со контроверзниот постер, сликата генерирана од ВИ не ги вклучи минарињата на џамиите и додаде предмети што личат на црковни кули, погрешно претставувајќи го мултикултурниот идентитет на градот. Во таа смисла, алгоритмите за вештачка интелигенција можат намерно или ненамерно да ги зајакнат постојните предрасуди и наративи, кои предизвикуваат поделба.
Поуката што може да се извлече од оваа ситуација е дека вештачката интелигенција не може и не треба да се зема како сигурен механизам за генерирање информации и содржина. Имено, алгоритмите за вештачка интелигенција не се неутрални туку тие функционираат во согласност со вредносните ставови, социјалните предрасуди и политичките идеи, кои се вчитани во системот, што може да придонесе кон засилување на постојните социјални нееднаквости и дискриминација. Алгоритмите за ВИ, како и секоја друга технологија што е создадена од човекот, по својата природа се под влијание на пристрасноста и ставовите на своите креатори, како и на базите на податоци преку кои се обучува вештачката интелигенција. На пример, алгоритмите за оценување на вработените или кандидатите за работа е можно да ги одразуваат патријархалните тенденции во работната средина. На пример, ако алгоритамот се заснова на историски податоци за ефектот на вработените што ги фаворизираат машките работници, тоа може да резултира со претпочитање на машките кандидати при вработување или унапредување.

Во таа смисла, „сликите на реалноста“ со кои располага вештачката интелигенција може да доведат до алгоритамски одлуки што ги одржуваат стереотипите, ги зајакнуваат дезинформациите или маргинализираат одредени гласови и перспективи. Со цел да се ублажат ризиците од пристрасност и да се обезбеди дека вештачката интелигенција е во служба на јавниот интерес, од клучно значење е да им се даде приоритет на транспарентноста, одговорноста и етичкиот надзор при осмислувањето, развојот и примената на системи за вештачка интелигенција. Исто така, постојаните напори за диверзификација на збировите на податоци што ги користат алгоритмите, ублажувањето на пристрасноста и промовирањето на алгоритамска правичност се од суштинско значење за решавање на инхерентните ограничувања на вештачката интелигенција. Дополнително на тоа, не треба да заборавиме дека, во крајна линија, новинарите и уредниците или, во најширока смисла, чуварите на портите, се тие што се одговорни за содржината што се објавува. Во оваа смисла, тие се должни да направат дополнителен напор, односно да ја потврдат веродостојноста на информациите и содржините генерирани од вештачката интелигенција пред да бидат објавени. Ова е од особено значење кога станува збор за поделени општества, како што е Босна и Херцеговина, каде што и секоја најобична објава може да има различна политичка конотација и да биде причина за ширење омраза и подгревање тензии.
Како што можевме да забележиме, ВИ може да придонесе кон генерирањето дезинформации, но во исто време може да понуди и потенцијални решенија во борбата против тие дезинформации. Во оваа смисла, ВИ може да се користи како алатка за автоматска проверка на точноста на одредени податоци преку нивна споредба со достапните информации користејќи веродостојни и сигурни бази на податоци. Покрај тоа, алгоритмите со ВИ можат да детектираат манипулирани слики, видеа и аудиоснимки преку анализа на визуелните и аудиокарактеристиките со цел пронаоѓање знаци на манипулација. Техники како што се форензика на слики и анализа заснована на техники за длабоко учење можат да идентификуваат манипулирани фотографии, лажни видеосодржини и други форми на синтетичка дезинформација и погрешно наведувачка содржина. Конечно, системите на вештачката интелигенција можат да ги следат појавувањето и развојот на онлајн трендови во реално време за да можат да ги идентификуваат потенцијалните кампањи за дезинформации. Имено, овие системи користат алгоритми за машинско учење за да анализираат вести, објави на социјалните мрежи и онлајн дискусии за да откријат евентуални знаци на дезинформации, дозволувајќи им на организациите да преземат проактивни мерки за да се спротивстават на лажните информации.

Еден од домашните позитивни примери што може да им биде корисен на разни актери е Торбата со алатки за дезинформации подготвена од „Албани асосиејтс“ во партнерство со „Медиацентер“ од Сараево. Станува збор за повеќејазична апликација, која е достапна за десктоп-компјутери и мобилни уреди. Апликацијата обезбедува алатки и ресурси за борба против дезинформациите, вклучувајќи објаснување на клучните термини поврзани со дезинформациите, разликите помеѓу погрешни информации, дезинформации, злонамерни информации и лажни вести. Покрај алатките за борба против дезинформациите, тој нуди и други корисни ресурси како што се Кјуетекст, Дифчекер и ТинАј. Кјуетекст е апликација што се користи за анализа на текст со цел да открие плагијат, односно помага да се открие дали е користена вештачка интелигенција при креирање одредена текстуална содржина, што е корисно за откривање дезинформации што се генерирани со помош на ВИ. Дифчекер работи така што ги истакнува разликите помеѓу два дела на еден текст и им овозможува на корисниците брзо да забележат промени или сличности. Веб-страницата, исто така, нуди голем број други функции, вклучувајќи ја и можноста за споредување слики, ПДФ-датотеки, табели и други видови документи. Конечно, ТинАј е алатка што покажува кога и каде фотографијата првпат се појавила на интернет. Корисни се и алатките што овозможуваат пребарување на социјалните мрежи, проверка на профили и кориснички имиња, како што се namech_ch или namechecker. За анализа на сметките на мрежата Х можат да се користат Акаунтаналисис, Трутнест или Твитономи.
Сите алатки се многу корисни и се наменети за новинари, медиумски работници и проверувачи на факти, со цел да го олеснат процесот на идентификување и сузбивање на дезинформациите. Дополнително, Торбата со алатки за дезинформации нуди пристап до мрежа на организации за проверка на факти и до медиумски ресурси, овозможувајќи им на корисниците да споредуваат информации и да ја потврдат веродостојноста на изворите. Со користење алатки и технологии што се засновани на вештачка интелигенција, како што се интегрирани механизми за проверка на факти и можности за следење на социјалните медиуми, корисниците можат точно да ги проверат информациите и да придонесат кон зачувување на точноста на фактите во јавниот дискурс. Како што вештачката интелигенција продолжува да се развива, таквите алатки ќе имаат сè поважна улога во заштитата на интегритетот на информациите и во промовирањето на транспарентноста во медиумското известување.
Борбата против дезинформациите што се генерирани со помош на вештачка интелигенција бара колективно дејствување на различни актери (влада, медиуми, невладини организации). Во оваа смисла, може да се препознаат три клучни правци на ваквата борба. Пред сè, важно е да се работи на развој на квалитетни и сигурни механизми за проверка на фактите. Потоа, паралелно со тоа, важно е да се работи и на медиумската писменост на младите за да се разберат можностите, но и опасностите што постојат во современата „медиумска“ реалност, односно да се развијат одредени одбранбени механизми од дезинформации. На крајот, еден од императивите е подигање на свеста на професионалните новинари, како и на обичните корисници во однос на обврските што ги имаат за објавување, преземање и ширење на содржините во онлајн просторот. Преку усогласена акција во овие три области, долгорочно може да се смета на постоење на системски отпор кон штетните ефекти на дезинформациите во опкружување на вештачка интелигенција.

Вук Вучетиќ

(Республика.еду.мк)