Каде толку потфрливме во образованието и во изградбата на кандидатите за врвни политичари во Македонија? Како поинаку, освен како најосновна политичка неписменост може да се оцени изјавата на новата министерка за одбрана, Славјанка Петровска, дека „доколку НАТО тоа го побара можно е македонската армија да се вклучи во евентуалниот воен конфликт помеѓу Русија и Украина“? Оттука е и насловот на мојата денешна колумна. Славјанка треба да се прости од нејзината функција за да се утврди јасна одговорност и за да се укаже која и каква политичка тежина имаат министерот за одбрана и искажаниот збор на носителот на оваа позиција. Познатата руска песна „Прощание Славянки“ („Проштевањето на Славјанка“) е и соодветна музичка подлога за оваа неславна епизода на македонската надворешна политика.
Ајде, да појдеме од почеток… По Втората светска војна, над европскиот континент висеше заканата од жесток меѓуевропски судир, потенцијално и со употреба на нуклеарно оружје. СССР и САД беа длабоко влезени во глобално соперништво, наречено Студена војна, која знаеше да биде исклучително жешка на другите континенти. Во тој период, Југославија, чиј составен дел е Македонија, води политика на неврзување и не припаѓа на ниту еден од двата европски блокови (НАТО и Варшавскиот пакт). Историчарите уште дебатираат дали „доктрината на ограничениот суверенитет“ (доктрината на Брежњев) се однесувала и на Југославија, но архивите јасно откриваат дека југословенското раководство се подготвувало воено за одбрана од можна советска инвазија, а југословенската дипломатија дејствувала насекаде за да спречи ваков развој на настаните (социјалистичка Југославија, за сето време на нејзиното постоење, се подготвувала и за можна инвазија од НАТО). Студената војна заврши кога Михаил Горбачов ги започна реформите во Советскиот Сојуз и ја замени доктрината на Брежњев со доктрината на Синатра. Веројатно и тој не очекувал дека виорот на промените, кои тој ги овозможи, ќе завршат со распад на СССР и темелно безбедносно преуредување на европскиот континент.
Историчарите, исто така, немаат одговор на актуелната расправа помеѓу Русија и САД околу тоа дали Буш му дал гаранции на Горбачов дека НАТО нема да се шири на европскиот исток. Демократска Русија на Елцин имаше амбиции и за руски влез во ЕУ и во НАТО, а во тие времиња беа создадени и посебни механизми на соработка помеѓу Русија и западни алијанси. Сепак, по повлекувањето на советските војски од некогашните земји на Варшавскиот пакт, тие побрзаа да побараат членство во НАТО и Алијансата се прошири со сите некогашни членки на Варшавскиот пат, вклучувајќи и со трите поранешни советски балтички републики, а и со четири од бившите југословенски републики и Албанија.
Односите помеѓу Русија и НАТО накратко се вжештија за време на бомбардирањето на Југославија од 1999 година, но по фамозниот 9/11 имаше повторно период на засилена соработка помеѓу Русија и САД. Се сеќавам дека во тие времиња пак се дебатираше и за можно руско членство во НАТО и во ЕУ, како во времето на почетоците на владеењето на Елцин, а беа испишани многу книги и новинарски текстови за пријателството помеѓу Путин и помладиот Буш, кој успеал да проникне во длабочините на душата на рускиот претседател. Но сето тоа се промени со избувнувањето на „обоените револуции“ во постсоветскиот простор („ближнее зарубежье“ како што го нарекуваат Русите), се изостри до Руско-грузиската војна, за да кулминира со актуелните состојби во Украина. Повторно се заканува избувнување војна на европска почва со несогледливи последици.
Како и за сите други земји од посткомунистичкиот Исток, по осамостојувањето за Македонија беше клучна соработката со Америка, како единствена глобална велесила, со интереси и присуство на Балканот, како и со земјите од Западна Европа. Но, за жал, во целиот овој период Македонија беше зафатена со проблемите поврзани со блокадата на нејзиното меѓународно признавање, поведена од Грција. Земјава беше и „експериментално зајаче“ за уигрување на заедничката европска надворешна и безбедносна политика, која кулминира со срамната Лисабонска декларација од 1992 година. Состојбите се немаат воопшто променето во меѓувреме, а САД се и натаму неприкосновена светска велесила на Балканскиот Полуостров и само Америка е способна да ја проектира својата моќ во регионот. Очигледно е дека Европската Унија сè уште нема идеја што да прави со земјите од регионот и не може да се заклучи дали постои перспективата за зачленување на државите од Западен Балкан во Унијата. Членството во НАТО јасно кажува каде Македонија ја гледа својата перспектива и сега Македонија има најцврста можна врска со Соединетите Американски Држави.
Македонско-руските односи, пак, се наоѓаат на најниска точка од осамостојувањето до денес. Русија беше прва држава – постојана членка на Советот за безбедност – што ја призна самостојноста на Македонија, значаен исчекор во периодот кога Грција свикуваше конференции во Атина за Македонија, без наше присуство, и кога Атина сонуваше за некакви грчко-српски конфедерации, но и кога не беше сосема јасно што конкретно призна Бугарија на 15 јануари 1992 година, а да не зборуваме дека во тие моменти се закануваше и прелевање на југословенските конфликти на македонска почва. Апсолутно не верувам во приказните дека потпивнатиот Борис Елцин донел одлука во хир да ја признае Македонија, под наговор на тогашниот бугарски претседател Жељу Желев, за време на вечерата при неговата службена посета на Бугарија. Руската надворешна политика е позната по многу нешта, но никако по потпивната хировитост на нејзините потези. Тогашната стратегиска одлука на Русија за признавање на македонската независност ја менува целокупната игра околу Македонија и доведува до засилен ангажман на меѓународната заедница околу земјава. Во меѓувреме се изгради и гасоводот до Македонија, но целосната гасификацијата на земјата, за жал, се изгуби во локалните коруптивни игранки. Пристојните македонско-руски односи нагло се нарушија по изборот на Зоран Заев за премиер, кога тој започна да измислува и да блада за некакво отровно руско влијание и мрачни руски проекти во Македонија, а кулминира со протерувањето на руските дипломати од земјава, кое не беше никогаш докрај разјаснето (единствена светла точка во македонско-руските односи во овој период е зголемувањето на извозот кон Русија на земјоделски производи од семејните фирми на Заеви).
Нејсе, Македонија е членка на НАТО и има свои договорни обврски во Алијансата. Нашата стратегиски позиција е видоизменета по влезот во НАТО, а македонската војска и македонските безбедносни служби сега се целосно интегрирани во архитектурата на НАТО. Секако дека во седиштето на Алијансата се дискутира за актуелните состојби во Украина, а Македонија таму има и столче на масата, па целокупниот македонски безбедносен систем е во тек со сите политики, планови и подготовки на НАТО.
И покрај тоа, Македонија мора да биде многу внимателна во својот однос кон состојбите во Украина, но и да престане оваа политика на растечко непријателство кон Русија. Точно е дека земјите од Балтикот и дел од земјите од Централна Европа имаат поинаков однос кон Русија и кон украинската ситуација. Тоа произлегува од нивната долга и мачна историја со Русија, претходно со СССР и со империјата на Романија. Но Македонија нема такво историско сеќавање и македонско-руските односи се градат на поинакви односи. Членството во НАТО не исклучува дека Македонија не може да гради повеќевекторска надворешна политика, која има и своја руска димензија, како впрочем и кај другите земји-членки на НАТО.
Нема да пишувам за актуелните состојби во Украина. Се намножија во Македонија познавачите на украинските состојби, иако никој од нив не знае да зборува ни руски ни украински, а двете земји ги виделе само на телевизија. Ги следам, како и секој информиран граѓанин во светот, но не сакам да бидам претенциозен и да давам свои анализи и оцени за тамошната ситуација. Се надевам дека ќе се изнајде мирен излез од кризата и дека разумните политичари ќе им ги поткастрат крилјата и канџите на сите воени јастреби. Македонија е премала држава за нејзиниот став нешто да значи во меѓународните односи, посебно при најкритичните глобални прашања, а досегашната македонска надворешна политика е јасна и мошне конзистентна во сите аспекти од украинската криза.
Суштината на македонската независност и сувереност и натаму останува заштитата на посебноста на македонскиот идентитет, овозможување на сите човекови права за секој македонски граѓанин и давање услови за развој на секој поединец во земјава. Земјите како Македонија немаат простор за грешки, за непромислени изјави и за налудничави потези со далекосежни последици за земјата. Оттука Славјанка Петровска треба да даде неотповиклива оставка и да се повлече од местото. Во секоја држава министерот за одбрана има и огромна дипломатска позиција во своето дејствување, имајќи предвид со кој значаен и чувствителен ресор раководи. Таа покажа дека не може да се носи со функцијата, даде недопечена и непромислена изјава, но и ги загрози македонско-руските односи. Изјавата укажува и на нејзиниот скуден интелектуален светоглед, што е погубно за еден министер за одбрана. Во овие опасни моменти за европската и за глобалната безбедност, Македонија заслужува подготвен, образован и дипломатски поткован министер за одбрана, а Славјанка Петровска нема капацитет да се носи со функцијата. Впрочем, дури и таа да остане на функцијата, веќе нема никаков авторитет пред македонските граѓани и пред странските партнери. Се надевам дека поуката од оваа епизода ќе биде потребата од соодветно политичко образование и далеку погусти филтри за напредување во кариерата на македонските политичари. Македонија е прескапа творба на македонскиот народ, платена со многу крв и жртви за да се изгради, па не смее да биде играчка за непромислени политичари.