Преминот од аналогна во дигитална ера не подразбира само технолошки иновации

Денес, во ерата на апсолутната медијализација и силен технолошки подем, кога во современиот микрочип на мал простор може да се сместат милијарди информации, теоретски и практично достапни секому и во секој миг…, и во тој бескрај од временска и просторна истодобност, журнализмот и медиумите стануваат продолжен простор, паралелна стварност од која многупати ни самите не знаеме како да излеземе

„Во државава има медиуми чија уредувачка политика повеќе наликува на политиката на компанија што тргува со енергенти, чија уредувачка политика повеќе личи на уредувачка политика на партиски сектор за комуникација“, велат политичарите, а некои од нив се прогласени за најголеми непријатели во земјава.
Плурализмот и дивиот либерализам во македонските медиуми наметнаа силна поларизација, делби и стил на однесување, кој освен што не е својствен е и контапродуктивен за самиот карактер на дејноста. Во виорот на либерализмот медиумите најпрвин направија од политичарите мегаѕвезди рамни на оние од врвниот ентертејнмент, бизнисот, културата, и во услови на демократскиот вртеж и на докрај недефинирана законска регулатива, која патем уште се дотерува, се впуштија во серија авантури од жанрот „истражувачко новинарство“. Многу од тие авантури завршија неславно со судски спорови, големи парични отштети. Па така, било од незнаење било од несмасното ракување со самите себе, тие, медиумите, предизвикаа серија контрапродуктивни нуспојави што ги загрозија најпрвин нив самите, за што сведочат многубројни резултати, анализи, а еве сега и препораки за културно подигање на дејноста, според европски стандарди. Бесмислено, со оглед на вистинските перформанси и состојби на нашата скромна реалност. Без малку апсурдна ситуација во која професионално треба да се однесувате како во профитна и пропагандна дејност, а во исто време да се биде етичен и принципиелен, објективен.
Во дебатите и расправите што катадневно се одвиваат по повод објективноста и почитувањето на законската регулатива, сѐ повидливи и разбирливи се дилемите со кои се соочува новинарскиот еснаф во новиот плурален демократски амбиент. Проблемот е повеќеслоен и суштествен, не само политички и етички, како што тоа многумина упорно се обидуваат да го претстават, исполитизираат и забошотат. Па така, од медиумите во нашиот сокак е создадена еден вид паралелна стварност во која сме заплеткани и од која и самите не знаеме како да излеземе. Денес, во ерата на апсолутната медијализација и силен технолошки подем, кога во современиот микрочип на мал простор може да се сместат милијарди информации, теоретски и практично достапни секому и во секој миг…, и во тој бескрај од временска и просторна истодобност, журнализмот и медиумите стануваат продолжен простор, паралелна стварност од која многупати ни самите не знаеме како да излеземе. Но не треба да се пренебрегне и ноторниот факт дека информацијата сама за себе и по себе не претставува спознание, денес вистинската реалност е многуслојна и побрза и од вестите и информациите пренесени и репродуцирани како аналогни спознајни платформи. Со оглед на фактот дека сферата на журнализмот и медиумите пошироко ја сочинуваат силни, писмени, високоинтелектуални протагонисти, се надеваме дека поделбите полека ќе стивнат и ќе се претворат во прегнантна креативна состојба во духот и професијата.

Голем дел од новинарскиот еснаф како да не сака да се соочи со тој радикален пресврт во медиумскиот хоризонт на кој се судираат аналогните и дигитални генерации и своите битки ги водат конвенционално, како општествено-политички работници, борци за една или друга кауза. Без елементарна себепочит и достоинство се претвораат во пропагандни лостови и без пардон се втурнати во и онака малиот и стеснет простор на слободна волја. На прагот сме на еден нов вид поимање на жанровите, дејностите, па и на журнализмот воопшто. Редефинирање и проширување на онтолошката рамка на новинарството и медиумите подразбира и правилна и фина регулација, со закон, инаку ризикуваме да го преобразиме медиумскиот хоризонт во сеопшт хаос со далекосежни последици по дигнитетот, идентитетот и медиумскиот суверенитет. Преминот од аналогна во дигитална ера не подразбира само технолошки иновации туку и проширување и на онтолошката рамка на журнализмот како моќен глобален поглед што ја детектира, набљудува и креативно професионално и одговорно ја преобликува стварноста и од традиционален ја преобразува во иновативен мултимедијален процес во сајбер-просторот на интернет и редица нови непрегледни можности. Говор да се говори не, туку со говорот да се изразиме, што би рекол стариот добар Мирослав Крлежа. Одговорност за јавно изразениот збор, тоа треба да е појдовната рамка и основа на овој и секој нареден напор, закон, регулатива, уредба за медиуми.
„Она што не поминало низ медиумите не постои“ постулираат ексцентричните медиумски еколози. Вистинскиот свет забрзано исчезнува, масмедиумските симулации се интензивираат, содржината повторно ја совладува формата.
Светот и реалноста се медијализирани до степен на усвитеност и се претворени во континуирано реалити шоу во кое вистината и спонтаноста само овде-онде ја сретнуваме и насетуваме во траги. Нашите животи и без тоа, низ виртуелните хомологации се претворени во особен вид чиста, дигитализирана апстрактна егзистенција, која во најголем дел е и ќе биде само функција на комуникациските медиуми.

Денес и војните што се водат во светот се медијализирани и претворени во виртуелен непрекинат реален тек на каналите на кои се емитуваат вести и информации, дезинформации со директно вклучување во воени и други дејства во сите делови на светот. На традиционалното, објективно и правовремено новинарство му е стеснет просторот од информации и технологии, кои се побрзи и од самата реалност. Журнализмот во светот е во длабока криза и му претстојат трансформации, приспособување, интуиција и сенс за епохата. Многу од нашите професионалци се обидуваат да замижат пред овој факт и проблемите упорно ги претставуваат како недостиг од глобален демократски дух, при што губат чекор и здив и ризикуваат да заостанат и да се претворат во далечно романтично ехо од Гутенберговата галаксија.

Аљоша Симјановски