„Ја сакам Македонија неизмерно и повеќе од сѐ друго на светот“. Вака започнува текстот ракопис насловен „Политичкото вјерују на Македонците“, пронајден во оставината на македонскиот револуционер Славчо Ковачев, подготвен и објавен дури во деведесеттите години од минатиот век, во слободна и независна Македонија
„Нека се чуе за никогаш да не се заборави јазикот на кој зборувале нашите прадедовци, зборуваме ние денес, ќе зборуваат сите идни поколенија на нашата света земја Македонија“.
Овие зборови ги кажа македонскиот војвода Славчо Ковачев во финалната сцена од ТВ-филмот „Премиера“, кој го создадовме здружени со Милан Банов во деведесеттите години од минатиот век и за кој со силен ентузијазам истражувавме по депоата во архивите. Исправен на сцената во салонот на Славјанска беседа, во Софија есента 1900-та, со нагант-револвер в рака, ќе го означи почетокот на праизведбата на пиесата „Македонска крвава свадба“, од Војдан Поп Георгиев Чернодрински, произведение што на одреден начин го антиципира почетокот на борбата за културна и јазична идентификација. Во салонот на Славјанска беседа таа вечер се случува почеток на вистинско македонско историско реално шоу, кое со несмалена жестина трае и денес.
Во 1900 година, во слонот на Славјанска беседа во Софија, е праизведена „Македонска крвава свадба“ на В. Чернодрински и е отпечатена при крајот на годината, за да доживее второ издание во 1907 година и трето во 1928 година, а некаде во тоа време и едно во САД за нашите иселеници. Авторот и режисер на праизведбата Војдан Чернодрински во книгата напишал и упатство во кое, во врска со изговорот, вели: „Акцентот на зборовите обично паѓа врз првиот на едносложните, двосложните и третосложните зборови, врз вториот слог на четворосложните, врз третиот на петтосложните и сл… Кога неколку едносложни зборови ќе се најдат еден до друг, тогаш тие се сметаат како еден збор: Штоти е… НЕ, кога е како одречна честичка, слеано е со зборот…“
„Ја сакам Македонија неизмерно и повеќе од сѐ друго на светот“. Вака започнува текстот ракопис насловен „Политичкото вјерују на Македонците“, пронајден во оставината на македонскиот револуционер Славчо Ковачев, подготвен и објавен дури во деведесеттите години од минатиот век, во слободна и независна Македонија. Тоа се размисли, изблик на родољубива искреност, посветеност, мудрост, толку потребни и денес во ова време на пеколна неслога, напорни, сложени и пресвртни лета.
„Верувам во постојано, во нејзиното /македонско/ скорешно ослободување.
– Сметам само на нашите сопствени сили.
– Не верувам во интервенциите на големите сили. Ќе се трудам да ја придобијам општествената јавност за нашата кауза.
– На моите сонародници од другите националности и на нивните сонародници во соседните балкански држави ќе гледам како на родени браќа.
– Никогаш нема да заборавам дека македонското прашање ќе се реши само со усилби на македонските родољуби и на балканските народи.
– Отворено и постојано ќе го проповедам федеративниот лозунг, независна Македонија како рамноправен дел на балканската федерација.
– Неизмерно верувам дека обединувањето на вистинските македонски сили е начин за спас.
– Непоколебливо ќе го следам возвишениот полет на првоапостолите на македонската слобода: да го чуваме македонското ослободително дело далеку од политичките борби на балканските држави.
– Никогаш нема да кренам рака на мојот идеен противник, туку секогаш ќе се стремам да го придобијам за федеративната идеја само со перото и зборот.
– Најсовесно ќе дејствувам материјално и морално на македонските организации што ја имаа девизата независна Македонија како рамноправен дел на балканската федерација.
– Секогаш и секаде ќе се чувствувам и ќе се нарекувам Македонец.
– Секогаш ќе се трудам да го чувствувам поблизу тупкањето на моето чисто македонско срце и да се огледам во мојата кристална македонска душа.
– Пет минути во деноноќието ќе посветам на маченицата Македонија за да се соочам со мојата македонска совест.
– При секое легнување ќе му ги упатам моите неизмерно топли молитви на македонскиот бог за да ја излее својата штедра милост на моите намачени браќа и сестри во поробена Македонија за што поскоро да ги усреќи со реализирање лелеана мечта, слободна и независна Македонија“.
Ова се редови од ракописот на публицистот револуционер и војвода Славчо Ковачев напишани во 1924 година, кратко време пред неговото погубување во Софија, пред неговиот дом и пред очите на неговите малолетни деца. Нека се знае за никогаш да не се заборави како се сака родната земја, мисла и мечта за сплотеност, посветеност, прашања драматично актуелни и денес.
„Нека се чуе за никогаш да не се заборави јазикот на кој зборувале нашите прадедовци, зборуваме ние денес, ќе зборуваат сите идни поколенија на нашата света земја Македонија“.
„Секој македонски збор што ќе го изговориме, во секој стих, песна, поема, расказ, роман, драма… Македонскиот јазик е најголемиот жив споменик што ние сме должни да го штитиме, да го чуваме, негуваме, унапредуваме за овие и за идните поколенија. Македонците се народ што имал и има и свој оригинален етнички карактер, свои традиции, свои стремежи, специфики и неоспорна етничка оригиналност, со свој посебен јазик и сили што имаат јасно изградени ставови за самостојниот македонски национален идентитет и државен развиток. И имаат право да се наречат Македонци“.
„Не, господа, не е ова само литературна патетика, патриотска реторика и егзалтација. Ова е мал чекор и обид што е благородна обврска на секој искрен родољуб да се собере сила и храброст и да се одговори на европското лицемерие и глобалистичката сурова неминовност. Ова е повик секогаш да се има на ум целината на ’македонските состојби‘ од еден поширок временски и историски дискурс“.