Корпоративните инвестиции во ЕУ се враќаат на нивото од пред пандемијата, при што околу 85 отсто од фирмите направиле инвестиции во 2023 година, како што е наведено во Анкетата за инвестиции на ЕИБ. Нивната отпорност на шок се покажа како извонредна досега, но таа допрва треба да се тестира. Геополитичката фрагментација, фискалната консолидација и екстремните временски настани наметнуваат силни спротивставени ветрови пред нас. Темпото на промени треба да се забрза за да се осигури дека декарбонизацијата, иновациите и климатските активности се добро поддржани.
Како одговор на прекините во снабдувањето, 20 отсто од фирмите во ЕУ инвестираа во системи за дигитално следење резерви, а 24 отсто од увозниците презедоа чекори за диверзификација на нивните синџири на снабдување. Бидејќи климатските ризици влијаат на приближно 64 отсто од компаниите, околу 90 отсто од фирмите во ЕУ презеле активности за намалување на емисиите на јаглерод, 56 отсто се справуваат со ефектите од климатските промени, додека 36 отсто инвестирале во климатската адаптација. Европа е исто така во првите редови на иновациите за чиста технологија со над 22 отсто зелени и одржливи технологии развиени во ЕУ. Како што се проценува, климатските промени се очекува да бидат закана број еден за глобалните синџири на снабдување во 2024 година, поради што во иднина овој тип на иновации ќе биде клучен.
Заеднички регионален пазар – пат кон повисока конкурентност
Западен Балкан е еднакво погоден од нарушувањата на глобалниот пазар, особено затоа што финансиските пазари сè уште се неразвиени, па локалните бизниси најмногу треба да се потпрат на банките за финансирање на нивните инвестициски планови. Приклучувањето кон единствениот пазар на ЕУ и напредокот со регионалната економска интеграција се императив за конкурентноста на регионот на подолг рок. Во таа насока, неодамна усвоениот план за раст од страна на Европската комисија носи огромна поддршка. Се очекува тој да обезбеди до 2 милијарди евра грантови и 4 милијарди евра заеми за земјите од Западен Балкан до 2027 година. Овие средства ќе дадат значителен поттик кон поврзувањето, иновациите и растот на приватниот сектор, преку инјектирање обемни финансиски и технички ресурси.
Планот има цел да ги олесни забрзувањето на основните реформи и слободното движење на стоки, услуги, луѓе и капитал преку усогласување со ЕУ. Овие цели веќе се преточуваат во конкретни чекори и придобивки.
На пример, зелените ленти се покажаа како значајна промена за регионалната трговија со тоа што овозможија намалување на времето на чекање на граничните премини за околу три часа. Отворањето на европските центри за дигитални иновации за регионалните стартапи ќе им овозможи пристап до техничка експертиза и средства. Планот исто така има цел да ги забрза трансферот и подобрувањето на технолошките и социјалните иновативни решенија за постигнување климатски неутрални и паметни градови.
Поттикнување зелени инвестиции кај приватниот сектор
Во Северна Македонија, посветеноста на Европската инвестициска банка за поддршка на економијата останува непоколеблива. Со 735 милиони евра инвестирани во секторот за мали и средни претпријатија, придонесовме за проширување на малите бизниси, отворање нови работни места и декарбонизација во земјата. Соработката меѓу Развојната банка на Северна Македонија и ЕИБ Глобално овозможи до денес да се издвојат 601 милион евра за поддршка на над 2.420 локални компании за широк спектар на сектори. Таков е случајот, на пример, со производителот на сокови „Соко Горица“ од Скопје, кој го доби заемот од ЕИБ во 2021 година. Овие средства ѝ помогнаа на компанијата да ја прошири производствената линија и да го автоматизира и дигитализира производствениот процес, што доведе до зголемување на капацитетот за 30 отсто.
Благодарение на плодната соработка со РБСМ, во моментов ја имплементираме зелената кредитна линија вредна 100 милиони евра за да ги поттикнеме инвестициите во климатските активности во приватниот сектор. За да им помогне на малите бизниси и комерцијалните банки да развијат проекти за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија, ЕИБ Глобално обезбедува грант од еден милион евра за техничка помош.
Покрај тоа, заедно со германското сојузно министерство за економски прашања и климатски активности, во февруари е започната ТА програмата за зазеленување на финансиските системи, која нуди приспособено советување за Народната банка на Северна Македонија и комерцијалните банки. Целта е да се зајакнат практиките за процена и управување со климатските ризици, да се изградат капацитети и да се воведат најдобри практики за кредитирање за да се зголемат уделот и квалитетот на зелените инвестиции во портфолијата на банките.
Кон подобра деловна и инвестициска клима
Во поново време Европскиот инвестициски фонд, дел од групацијата ЕИБ, потпиша договори за гаранција во рамките на иницијативата за отпорност на Гарантниот фонд за отпорност на МСП на ВБ ЕДИФ (WB EDIF) на Европската Унија. Во Северна Македонија оваа платформа се очекува да распореди заеми во вкупна вредност од 60 милиони евра достапни под поволни услови за кредитирање околу 1.100 мали бизниси, притоа одржувајќи над 15.000 работни места.
Неодамна објавената студија за влијанието на финансирањето на ЕИБ за бизнисите во регионот покажува дека се отвораат 15 работни места за секој еден милион евра одвоен заем од ЕИБ, што дополнително придонесува за зголемување на вкупните средства за 20 отсто и на основните средства од 35 отсто.
Во иднина поддршката на конкурентноста на локалните економии ќе бара понатамошен напредок во декарбонизацијата, меѓу другото, вклучувајќи и преку структурна трансформација на енергетски интензивните индустрии. На фирмите им требаат јасни и конзистентни сигнали за политиките и регулативите за ефективно да ги поттикнат зелените инвестиции. Во соработка со Владата на Северна Македонија, подготвени сме конкретно да придонесеме со подготовка на релевантни стратегии и проекти. Ги охрабруваме регионалните економии да ги искористат можностите околу планот за раст, со цел да се обезбедат понатамошен напредок со агендата за пристапување во ЕУ и подобра деловна и инвестициска клима.
Габриел Бјорн
Авторот е претставник на ЕИБ за Северна Македонија