Фактот дека ДСЗ бришел, додавал и преместувал, врз основа на регистри како здравствено и пензиско осигурување, данок и слично, како и глупавите грешки во податоците за верска припадност го поттикнуваат постојниот сомнеж во пописот
Со таква историја на пописи каква што имаше Македонија, бојкотиран попис во 1991 година, повторен во 1994 година, оспоруван попис во 2002 година, прекинат неуспешен попис во 2011 година, не зачудува што пописот од 2022 година е за сѐ, само не за статистика. Пописот во Македонија, во мултикултурен контекст, каде што одредени етнички права се поврзани со бројноста, е поле за меѓуетничка пресметка. Од 2014 година, со барањето на тогашната опозиција СДСМ пописот да биде една од петте точки за политички дијалог, пописот се претвори и во поле на меѓупартиска пресметка.
Дека пописот е за сѐ, само не за статистика, стана јасно уште од донесувањето на законот и утврдувањето на методологијата. СДСМ, кој во 2014 година како опозиција инсистираше на политички дијалог за пописот, како власт го донесе Законот за попис не само без консултација со опозициската ВМРО-ДПМНЕ туку и наспроти укажувањата за проблемите во методологијата на пописот. Клучниот проблем како е да се избегне, пописот да не биде поле за меѓуетничка пресметка, како да се избегне играта на добитници и губитници. Особено кога е целосно јасно дека пописот во 2011 година беше прекинат поради тие причини. Некои од опциите се тоа да се постигне преку употреба на непристрасен модел – попис заснован на регистри или да одлучиме да не се попишува етничка и верска припадност, а етничките права да се засноваат на пописот од 2002 година, или доколку такви податоци се собираат, да не се објавуваат. Ова последното малку е наивно, бидејќи секако податоците ќе протечеа. Ревизија на политичкиот модел каде што правата се засновани на бројност бара подолга и потемелна расправа. Од сите можности, СДСМ и ДУИ се одлучија да се попишуваат нерезиденти, што е комплетно бесмислено, Македонија има регистар на македонски државјани, нема потреба да се попишуваат. Оваа операција исклучиво е наменета да се зголеми бројноста на етничките Албанци, поради посилната емиграција од северозападниот дел на земјава.
Како пописот е исклучиво наменет за резидентите, тие што живеат во земјава, вклучувајќи и странски државјани, и бројката на дијаспората/нерезидентите е споредна работа, зад сцената, главниот притисок е насочен кон тоа. Како опстанокот на Владата зависи од ДУИ, целосно е јасно дека на пописот во 2022 година нема да има помалку етнички Албанци од тој во 2020 година. Дека имало „војна за бројки“ укажуваат повеќе извори. Новинарот Марјан Николовски (фејсбук-профил, 6.4.2022), кој ги споредувал бројките, дошол до заклучок дека обид за манипулација со пописот имало кај 128.243 лица, од кои 55.801 што сакале да се попишат како резиденти, а не ги исполнувале условите, биле повеќе од една година надвор од државата и истите тие се преместени во нерезиденти, и 72.442 лица што направиле обид за двојно попишување и се избришани. Тоа е постигнато со употребата на повеќе регистри што му биле на располагање на ДСЗ и е легитимна постапка.
Според едно во јавноста необјавено истражување, еден од двајца граѓани, без разлика на етничката припадност, не верува во пописот, еден од пет граѓани има лично искуство со пропусти во пописот, а 9,3 проценти изјавиле дека не се попишани, слично на процентот од 7,2 на непопишани а додадени лица. Но фактот дека ДСЗ бришел, додавал и преместувал, врз основа на регистри како здравствено и пензиско осигурување, данок и слично, како и глупавите грешки во податоците за верска припадност го поттикнуваат постојниот сомнеж во пописот. Дали има други лица што се двојно попишани, попишани во резиденти, а не треба, дали има непопишани? Со колкав процент на непопишани може да се смета пописот успешен? Дали сомнежите се исклучиво од меѓуетничката и меѓупартиската недоверба, или сепак има методолошки и оперативни пропусти? Брзата честитка од ЕУ за добро спроведениот попис не ги намали сомнежите, туку, напротив, ги зголеми. ВМРО-ДПМНЕ, но и коалициските партнери на Владата, бараат нови мерки за подобрување на пописот.
Дали Владата на СДСМ и ДУИ ќе покаже доблест и ќе ги прифати барањата, или ќе се одлучи да продолжи да тврди дека пописот е успешно спроведен? Неприфаќањето на иницијативите само дополнително ќе го загрози кредибилитетот на пописот, но ние и онака триесетина години живееме со пописи во кои многумина не веруваат.
И додека трае расправата за кредибилитетот на пописот, малкумина анализираат и коментираат за неспорниот дел од пописот, нѐ има помалку, доста помалку во 2022 година отколку во 2002 година. СДСМ во 2014 година бараше вклучување на пописот во политичкиот дијалог, меѓу другото за свои партиски цели, во тоа време две: да се потврди неуспехот на власта (ВМРО-ДПМНЕ) во подобрување на благосостојбата и да се оспори избирачкиот список, а со тоа регуларноста на изборите. Сега СДСМ, меѓутоа и ДУИ посебно, се чини сакаат темата попис што побрзо да се заборави, ако не се заборави, да заглави на меѓуетничко поле, но никако пописот да биде статистика што ќе биде основа за оцена и идна стратегија.
Авторот е аналитичар*
*Член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ / Ставовите се лични
Блог www.megjutoa.mk @sklek #МКПопис2022