Од стекнувањето на самостојноста, Македонија, а особено нејзиниот главен град, потсетувала на Казабланка (онаа од истоимениот филм): место во кое се судираат, среќаваат и договараат или елиминираат разни сомнителни ликови, кои претставуваат различни интереси и центри на моќ. Низ годините нивното замешателство стануваше сè позначително, а граѓаните на оваа земја понавикнати на тоа странци да им кажуваат што е добро за нив. Еве, токму тоа се случува и во првите денови на 2023 година, кога ред се редат амбасадор(к)и што кажуваат дека Уставот мора да се смени. Навикнавме на таков третман, и иако го немаме барот на Рик (од филмот), си го добивме „Мериот“. Нема да пишувам на таа тема, бидејќи изминатиот период објавив повеќе научни трудови за непостоењето на општествен договор, за ерозијата на државноста на Бермудскиот триаголник на Охридскиот, Преспанскиот и Бугарскиот договор, за уставите октроирани и наметнати однадвор. А богами не верувам и дека колумна или две ќе сменат нешто на патот по кој веќе чекорат елитите. Не сакам да бидам песимист, но реалистот во мене (со неколкудецениско искуство) ми кажува дека тоа е готова работа; само се бара начинот на кој ќе ни ја „продадат приказната“ (да употребам една омилена фраза на оној што го пратија да пуши пури во Њујорк). Деновиве можевте да слушнете и една теза од двајца „аналитичари“ (од кои едниот до скоро ја претставуваше државата во истиот оној Њујорк) дека македонските граѓани почнале постепено да ги прифаќаат (дури и) билатералните протоколи и т.н. француски пакет (со други зборови, идентитетските и други отстапки кон Бугарија заради членство во ЕУ). Не знам како дојдоа до тој заклучок, ама ете „имале впечаток“ дека си легнуваме на брашното. Ваквите медиумски настапи, разбирливо, служат не да ја растераат маглата, туку да создадат клима во која ќе поверувате во она што ви го кажуваат на ТВ.
Всушност, поважна тема во оваа прилика ми е Лас Вегас, царството на комарот во најразличен светликав вид. Оној „Мериот“ што веќе го споменав асоцира и на таа работа, нели? Тој врв на кич, мирис на пари и виски е само дел од мозаикот, кој е раширен низ целата држава. Почнувајќи од казината кај Гевгелија, од кои (замислете) неодамна беше одземена лиценца за давање здравствени услуги… Додуша, ако може приватна агенција за обезбедување да нуди и здравствени услуги, зошто не и казина? Логиката и разумот се протерани одовде. Обложувачниците се „стратегиски“ лоцирани во близината на училишта и места каде што фреквенцијата на движење на деца и млади е голема (патем, обложувачници и казина се сосема забранети во соседните држави). Јавна тајна е дека дури постојат и борби на кучиња за обложување (кога веќе се актуализира и овој проблем). Изумот на новото време е т.н. онлајн бетинг (обложување): и онака мобилниот ти е при рака (поради една друга зависност), па лесно е да кликнеш и посакаш да се обложиш на твојот тим, играч, спорт. Онака како што приватната безбедносна индустрија се смета за една од најбрзорастечките, слично е и со обложувачниците. Тоа е дури и порентабилно од правење спортски клуб, особено во посиромашни држави, каде што играш не со врвни спортисти и нивната слава туку со надежите и илузиите на најнаивните, најочајните и најсиромашните.
Оваа тема ми виси над глава долго време, но веројатно стомакот ми се преврти кога го видов Раде Шербеџија како главен лик во рекламен спот за спортско обложување. Тоа е веројатно неговата најбедна и морално најниска улога што ја прифатил во животот. Една работа е на филм да глумиш руски тајкун, шпион или нешто слично (тоа му е работа – да глуми, дали Магбет или некоја битанга, работа си е работа), сосема друга е да бидеш дел од индустријата на т.н. спортско рекламирање, да се претставуваш како бонвиван што на стари години е опкружен со девојки што можат ќерки да ти бидат. Ќе рече некој дека станувам конзервативна, иако левичарка. Не, овде не станува збор за традиционални вредности, туку за елементарен морал. Зошто Раде го сакавме затоа што е блескав глумец, па дури и поет (иако лош пејач). Сега го гледаме како човек што сака да заведе на лош пат – деца и очајници! А тоа го прави за пари, на крајот на кариерата. Дно! Пред да преминам на нашите спортски ѕвезди, кои станаа олицетворение на комар, само ќе го спомнам големиот Пеле, кого неодамна го испративме со солзи. Еден американски колега професор спомена една важна работа од неговиот живот: кога му понудиле милиони да ја рекламира тутунската индустрија, тој одбил. Го прашале: Зошто одбиваш толку лесно заработени пари? Сè што треба да направиш е да ги дадеш ликот и името да ги прикачат на некоја реклама или билборд! Одговорот на Пеле е нешто што потресува во темел: „Одбивам затоа што ги сакам децата!“ Без намера да правам портрет на Новак Ѓоковиќ, само ќе потсетам дека и тој одби да рекламира обложувачници. Наместо тоа, отвори фондација за хуманитарни цели и за помош на децата од пониските социјални слоеви. Заработува на многу начини и надвор од тенискиот терен, тоа не е спорно. Не, не може да се побегне од фактот дека врвниот спорт е речиси сијамски близнак со индустријата на рекламирање, дека спортистите се често како подвижни билборди со сите оние логоа и симболи што ги носат на дресовите, возилата и часовниците и сл. Но мора да постои некоја црвена линија – барем за луѓе што држат до себе, до некои елементарни морални принципи. Комарот одамна е навлезен во нашето општество. За жал, познавам цели семејства што се „заразени“, како да излегле од кориците на „Коцкарот“ на Достоевски. Главниот јунак на романот Алексеј, учител по професија, на крајот на приказната веќе не чита весници, не знае што се случува во општеството и во светот; само играта на среќа ги окупира неговите мисли, па дури и ги задушува емоциите. Коцкарот од 19 и од 21 век се разликуваат само во облеката и во мобилниот телефон. Адикцијата е идентична, а слабата волја и моралната празнина еднакво водат до зависност и духовна деградација.
Кој е виновен што токму сега пишувам на оваа тема, токму кога нашите херои, ракометарите, се борат на Светското првенство? Токму нивниот селектор, оној што до скоро беше симбол на сите наши успеси и зрак на надеж дека и оваа земја може да изнедри спортисти од светски калибар. Напишав на Фејсбук некој збор за ова (дека на Кирил Лазаров не му прилега да рекламира обложувачница на паузата меѓу две полувремиња), а веќе ме опоменаа: Во право сте, професорке, ама сега не е време за тоа! Сега треба да навиваме за Македонија! Друг додаде: Македонија се сака и кога добива и кога губи! Токму ваквите реакции покажуваат зошто е важна оваа тема. Кирил, како и Пандев (од истата реклама), има таква голема моќ врз јавното мислење што станува симбол на Македонија, ако не и на македонството. Така, заштитен со превезот на патриотизмот и врвните спортски достигнувања од неговата активна кариера, тој е речиси недопирлив за јавна критика. Веднаш ќе ви се „пуштат“ луѓе што мислат дека ја напаѓате татковината (која е и онака во очајна состојба, а само спортот сега може да донесе трошка радост), без да видат дека татковината е одамна мешавина на Казабланка и Лас Вегас. Не знам дали е вистина, но некој ми укажа дека обложувачницата што ја рекламира Лазаров е негова сопственост. Останав без зборови. На ум ми паднаа примерите на човекољубие и патриотизам (зошто не?) на Садио Мане и Мо Салах – да не си ги заборавиш корените и да не ја заборавиш немаштијата од која си се издигнал. Да не ги напуштиш оние што се помалку среќни или надарени од тебе.
Тажната вистина е што големиот спорт е заложник и колатерална жртва на корпоративниот капитал. Во капитализмот (некои не случајно и го нарекуваат казино-капитализам, најмногу поради шпекулациите и „меурите“, но и казината) сè има своја цена, сè е роба/стока на пазарот, па дури и ризиците. Спортската или друга слава е исто така не само вносен бизнис туку и начин на кој се пацифизираат (и пасивизираат) масите. Во време кога цвета приватниот бизнис (за обезбедување од ризици или обложување на спортски резултати) населението можете да го поделите на две големи групи (преостанатите се малцинство): на прегладнети и на предебели.
(Двете групи се среќаваат под атрибутот исплашени – од тероризам до пандемија.) Преносите на спортските настани (меѓу другото), кои се нижат еден по друг, од нас прават зависници, пасивни ликови што механички грицкаат или во еуфорија наздравуваат со пиво. Во природа се оди само по исклучок, а и кога ќе се излезе на Водно или друго излетничко место, тоа се третира како туѓо, па сметот се остава како да е тоа најприродна работа. Кажувајте ми сега колку ја сакаме Македонија!
Не знам колку е за утеха ако кажам дека обложувањето, приватното обезбедување и осигурувањето од ризици се одлика на многу развиени земји. Пишувајќи за спортското обложување („Капиталистите победуваат во секоја игра“), еден американски автор пишува: „Зошто целата забава да му се препушти на организираниот криминал? Во 2018 година, Врховниот суд на САД утврди дека спортското обложување е прашање на ’правата на државите’, на тој начин легализирајќи нешто што многу години беше нелегално. Ова ја отвори портата за ’легитимните’ бизниси, кои направија мејнстрим од она што порано му припаѓаше на организираниот криминал.“ Во држава во која царува организираниот криминал, а со пристоен труд не може ни да се преживее, а камоли живее – можеби на обложувањето не треба да му се суди, пред да се разбере како дел на општиот контекст. Парите се отепувачка, биле и ќе бидат. Сега да се обложиме на ракометарите, на уставните промени или на годината во која ќе влеземе во ЕУ! Колкави се шансите? Колкав е коефициентот?