Колкава е политичката цена за националната траума? Преспанскиот договор уште долго ќе остане голема контроверзија во македонската историја, со пресериозни последици за македонската политика и за македонската држава. Веројатно постои поле на истражување во историографијата, во политичките науки и во политичката психологија што се занимава со колективната национална траума и нејзините последици за демократските процеси во една држава. Скромното четиво што јас сум го прочитал од тие области упатува на лоши развојни црти во секое од општествата што претрпеле таков шок и турбулентна политика што лесно може да заврши во некакви форми на екстремизам.
Од каде произлегоа контроверзиите околу Преспанскиот договор? Прво, Македонија уште во зората на својата државност ги исцрта своите црвени линии околу идентитетскиот спор со Грција. Клучно беше дека нема да има промена на уставното име затоа што тоа задира во националниот идентитет. Околу оваа точка постоеше консензус на сите политички чинители, кој беше неколкукратно потврдуван во Собранието. Македонија испраќаше сигнали дека е подготвена за двојна формула, па дури и тројна формула, но никогаш не беше доведено под знак прашалник уставното име Република Македонија. Наедно, секоја форма на компромис беше условувана со конечно одблокирање на македонската европска интеграција и забрзан влез на Македонија во Европската Унија. НАТО никогаш не било спомнувано во контекст на нужен компромис околу прашањето за името. Отсекогаш беше јасно дека САД се стожерниот партнер во НАТО и дека со членството во алијансата, Македонија ќе се вброи во најблиските американски сојузници. Но, од друга страна, поради самиот карактер на Европската Унија, се оставаше простор за некаква двојна или тројна формула за заокружување на целосната европска интеграција.
Сè до онаа фамозна конференција на печатот на Зоран Заев, кога тој го обелодени „компромисот“, никој во Македонија не замислувал некаква „Северна …“, најмалку во називот на државата, институциите и документите. Оттука, за сите е логичен културниот отпор на македонските граѓани против наметнатото име. Никаде во Македонија и никој во земјата не ја користи придавката „северна“ ни во слободен разговор ни во политичка дебата, а ни во неврзана комуникација. Единствено во службената комуникација се инсистира на „Северна …“ или на „РСМ“ во сите форми, како некаков доказ кон „правоверноста“ кон „каузата“ на актуелната власт. Македонците го отфрлија и го отфрлаат наметнатото име.
Клучната причина веќе ја опишав. Постигнатиот национален консензус можеби и ќе прифатеше некаква „Северна …“, но само како замена за „бившата југословенска“ и тоа строго онаму каде што беше веќе воспоставена употребата на референцата. Во ниту еден случај не беше воопшто замисливо таквото привремено меѓународно име да се прелее внатре во домашниот правен и политички систем или, пак, во билатералната комуникација со трети земји или, пак, во регионалните, европските и меѓународните форуми каде што Грција нема право на вето. Околу 140 земји, над две третини од суверените држави на Земјината топка, ја признаваа Македонија под уставното име и земјата беше препознаена како жртва на една неразумна идентитетска политика од страна на Грција, каде што европската интеграција беше злоупотребена и инструментализирана (во англискиот јазик би рекле „претворена во оружје“). Покрај ореолот на жртва, Македонија го имаше и меѓународното право на својата страна. Пресудата на Меѓународниот суд за човекови права јасно утврди дека Грција ја прекршила Привремената спогодба со ветото за влез на Македонија во НАТО, со јасно и недвосмислено мнозинство од сите судии на овој трибунал.
Значи, Македонија имаше внатрешен консензус, ги имаше моралот, правото и правдата на своја страна. И покрај тоа, Зоран Заев одлучи да влезе во авантурата со „Северна …“. Еден ден ќе ги дознаеме сите детали што се случуваше во земјата од 2014 година, кога влеговме во длабоката политичка криза што заврши со промената на името. Мотивите на Заев ми се совршено јасни. Тој сметал дека со постигнувањето на Преспанскиот договор тој ќе стане неопходен политичар во Македонија за меѓународната заедница и дека ќе се устоличи како вечен владетел со земјата. Неговата политичка замисла не можела да предвиди дека и домашната и меѓународната политика се многу динамични, па дека „херојот на денот“ лесно се претвора во „чудовиште на ноќта“, особено во услови на демократска политика.
Преспанскиот договор доведе до отровна политика во Македонија. Македонските граѓани не се согласуваат со промената на името, особено затоа што беа излажани дека тоа ќе ја постави патеката на земјата кон Европската Унија. Наместо забрзан пат кон Брисел, се разбудија најгнасните балкански духови од минатото, па Македонија се соочи со уште едно вето, овој пат од Бугарија. Тука беше удрен последниот клинец во ковчегот на Преспанскиот договор. Декларацијата на бугарското собрание од октомври 2019 година ги развеа сите илузии и на најпламените поддржувачи на Заев дека Македонија со Преспанскиот договор си ги решила сите проблеми со соседите.
Да се вратам на прашањето со кое ја отворив денешната колумна.
Политичката цена на постигнување антидемократски меѓународен договор е изопштување од политиката засекогаш, тивок демократски остракизам. Во случајот со Преспанскиот договор, покрај антидемократскиот карактер, се надоврзаа и недемократските методи за неговото усвојување во македонското собрание. Јавноста сведочеше како се изгазија и Уставот и законите и правото, како се злоупотребуваше правосудството, како се купуваа пратеници со нелегални и коруптивни методи само за да се стигне до потребното мнозинство гласови. Цената за злоупотреба на демократскиот процес се додаде на цената на антидемократскиот договор. Довербата на граѓаните тешко се добива низ долгогодишен и макотрпен процес, но многу лесно се губи. Од тие причини сите клучни протагонисти на Преспанскиот договор се изопштени од македонската политика.
Клучен лик во преспанската епизода беше Зоран Заев. Тој е сега најтоксичниот лик во македонската политика. Веројатно некаде планира свое враќање на политичката сцена, било како спасител на СДСМ или како неопходен чинител за некаква идна владина коалиција. Меѓутоа, неговата политичка радиоактивност спречува какво било негово повторно вклучување во македонската политика. Таа е цената за антидемократскиот договор и за недемократскиот процес за негово усвојување.
За жал, за идната влада ќе престои и пресериозниот процес за соочување со последиците од Преспанскиот договор. Од една страна, ние внатре, во самата Македонија, ќе мора да најдеме сили за повторно да го обновиме националниот консензус, да се соочиме со шоковите од најблиското минато и да пронајдеме модус вивенди што ќе ја уважи националната траума и ќе постави излез од непосакуваната ситуација. На меѓународно поле престои уште потешка работа. Европската и глобалната геополитика, особено по руската инвазија врз Украина, нема никакво трпение за некакви периферни балкански проблеми. Ќе биде потребен огромен труд за да се избориме за нашата правда, а како мал народ и мала држава, на располагање ги имаме единствено механизмите на културата и на меѓународното право. За наша несреќа, кога зборува оружјето, молчат и музите и законите, како што рекле Старите Латини. Сепак, „преспанската лекција“ нека остане како поука за идната влада. Цената на антидемократските договори е сурова, превисока и конечна. Без внатрешен консензус не може да се влегува во меѓудржавни и меѓународни преговори. Неопходен е домашен консензус за надворешен компромис.
Ивица Боцевски